1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Шекеринска му станаа „први соседи“ на премиерот

Катерина Блажевска18 мај 2015

Немаше никакви проблеми. Заев, Шекеринска и други членови на раководството на СДСМ ноќта ја поминаа овде“, велат граѓани кои ноќеска останаа на протестните барикади пред Владата.

https://p.dw.com/p/1FR9g
Фотографија: DW/K. Blazevska

Премиерот Груевски од синоќа доби нови „соседи“. Не во барокни објекти, туку во мали платнени шатори, на кои и натаму се истакнати пораките што вечера граѓаните му ги упатија од големиот антивладин протест: „Оставка“, „Збогум Никола“ „Оди си!“

Ќе останат таму, се додека Груевски не замине.

„Ноќта помина мирно. Немаше никакви проблеми, никакви провокации. Доаѓаа граѓани, ни носеа пецива. Заев, Шекеринска и други членови на раководството на СДСМ ноќта ја поминаа овде“, вели Владимир Вангелов, еден од граѓаните кои останаа на протестните барикади. Партискиот лидер Зоран Заев денеска само привремено ќе ги напушти барикадите, бидејќи во Клубот на пратениците во 13 и 30 часот ќе започне второто продолжение од минатонеделната средба на лидерската четворка Груевски-Заев-Ахмети-Тачи, на која треба да се договори рамката на политичкиот дијалог за излез од кризата. Барањата на СДМС се познати - оставка на Владата и формирање преодна влада. Тие беа повторени и на вчерашниот, како што го нарекоа од СДСМ, „историски протест, на кој се собраа над 100.000 граѓани“ и побараа заминување на премиерот Никола Груевски од власта.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: DW/K. Blazevska

Известувачи и мегафони

Проценката за бројноста не беше само нивна. Уште во текот на вчерашниот ден, додека траеше протестот, светски и регионални медиуми ја пренесоа веста: „Грандиозен протест го блокираше Скопје. Над 100.000 луѓе бараат оставка од премиерот“. Исклучок од ова беа македонските провладини медиуми, но, пред се, јавниот радиодифузен сервис МРТВ и државната информативна агенција МИА, кои повеќе го минимизираа, отколку што информираа за протестот. Повеќе простор им посветија на најавите дека расте поддршката за провладиниот митинг, кој денеска треба да се одржи во Скопје. Овој чин беше нотиран и од големите светски агенции и тв-мрежи, кои го истакнаа проблемот со медиумските слободи во Македонија. Медиуми од регионот, меѓу кои и од јавните сервиси на овие земји, за граѓанскиот протест известуваа многу пообјективно од т.н. јавен сервис во Македонија, констатира комуникологот Сефер Тахири.
„Самата позиција на новинарот-известувач кои известуваше и изјавите кои беа емитувани, докажува дека, за жал, МРТ останува еден обичен мегафон. Бев сведок на многу директни вклучувања од страна на колегите на телевизиите од регионот, а во моментот кога зборуваше Заев, МРТ ја извести јавноста дека тој се обраќа во моментот, но не го пренесоа во живо неговиот говор, иако имаа линковска врска. МРТ уште еднаш падна на испит, свесно ги прекршува основните законски начела, според кои, треба да известува објективно, балансирано и без никакви влијанија од политичките центри или дргите центри на моќ. Опозицијата треба да побара во разговорите како дел од пакетот за преговори да биде нејзиното трансформирање во вистински јавен сервис“, вели Тахири.

i
Фотографија: DW/K. Blazevska

Истите забелешки, според него, се однесуваат и за МИА.

„Таа е државна информативна агенција, се финансира од буџетот, односно од граѓаните, и исто како и МРТ, треба да биде трансформирана од директен и недвосмислен портпарол на власта во вистински сервис за информирање на јавноста“, дециден е Тахири.

Вчера, и директорот на МРТВ, и одговорниот уредник на информативната програма, одбија да ги објаснат „стандардите“ според кои известуваше јавниот сервис.

Разговори на иста маса

За разлика од нив, медиумите од соседството - Србија, Албанија, Косово, Бугарија и Грција многу интензивно и обемно информираа и за протестот и за состојбите во Македонија. Дел од нив дебатните емисии и анализи ги посветија на оваа тема и нејзините импликации во регионот. Големо внимание на протестот му дадоа бугарските медиуми, потенцирајќи дека првиот работодавач на Груевски бил банкарот од Благоевград, Кирил Пендев, додека раководел со „Балканска банка“ во Скопје.

„Пендев одби да коментира каков службеник бил Груевски пред 17 години, додека раководел со банкарскиот сектор „Безбедност, планови и анализи“ се до 1998 година, кога ја напуштил банката бидејќи станал министер без ресор во Владата на Љубчо Георгиевски“, пишуваат бугарски медиуми.

Сепак, повеќе простор од премиерското минато тие и посветуваат на иднината на Македонија и на оценките на бугарските политичари за неа.

„Загрижени сме за тоа што се случува во Македонија“, ја пренесуваат медиумите изјавата на еврокомесарката Кристалина Георгиева.

„Тоа што не очекуваме во наредните пет години да имаме нови членови на ЕУ, не значи дека не ги подготвуваме земјите за членство. Сите сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан како членки на ЕУ и во овој програмски период од 11 милијарди и 700 милиони евра за земјите кандидати, речиси 700 милиони евра се за Македонија, бидејќи сакаме земјата да биде подготвена. Најдобар магнет за позитивни промени е можноста за членство во ЕУ. Загрижени сме за тоа што денес се случува во Македонија. Знаеме дека во нашиот регион - Балканот, кога ќе се пролее крв, тоа е опасно. Комесарот Хан е во секојдневен контакт и со Владата и со опозицијата во Скопје. Ние се залагаме за тоа да се се седне на маса и да се преговара“, вели Георгиева.
На иста маса , премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се очекува да седнат и утре, на средба со европратениците во Стразбур. За таа цел на Заев му беше вратен пасошот, кој му беше одземен откако беше обвинет во случајот „Пуч“.
„Немам никакви информации за средбата, освен нашата подготвеност да дадеме придонес секогаш кога пријателите од меѓународната заедница ќе не повикаат на разговори“, рече Заев за средбата во Стразбур.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи