1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Не заминуваме додека не падне оставка од Груевски!

Катерина Блажевска17 мај 2015

Лидерот на СДСМ на протестот ги соопшти основните начела на СДСМ за клучните државни приоритети.

https://p.dw.com/p/1FR4k
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

По повикот за едноминутно молчење во знак на почит кон осумте полицајци кои загинаа во акцијата во Куманово, своето обраќање го започна лидерот на СДСМ, на големиот антивладин митинг во Скопје.

„Слушнавме колку Груевски сурово се пресметувал со неистомислениците. Рушел објекти со динамит, крадел на избори, се одмаздувал, злоупотребувал институции... И сега било кукавички да си даде оставка. А, зарем не е кукавички да се држи во заложништво цела Македонија? Со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине. Ние треба да ја вратиме демократијата, достоинството, да ја исправиме на нозе Македонија, да ги запишеме повторно избришаните европски вредности. Освен Груевски, оставки треба да поднесат јавниот обвинител, обвинителот за организиран криминал и раководството на МРТВ. Неопходно е да се формира преодна влада, да се прочистат избирачките списоци, да се вратат во нормала сите механизми на државата. Дојдовме и не се враќаме дома, се‘ додека не се врати слободата, мирот и спокојството на граѓаните на Република Македонија. Очекувам од меѓународната заедница да помогне со директно учество за мирна разврска на политичката криза. Очекувам сите кои се денес овде, да помогнат за посакуваната пресвртница, во која ќе нема место за насилници врз демократијата“, рече Заев.

Тој ги соопшти и основните начела на СДСМ за клучните државни приоритети.

„Македонија ќе биде заедничка држава на стабилно мултиетничко општество за сите кои живеат во неа, а не поделена на две општества. Ќе биде една држава и едно општество на рамнопрвни граѓани. Различностите се нашето богатство. Најавувам фер-распределба на државниот доход. Македонија ќе биде пример за социјална држава која еднакво ќе се грижи за сите граѓани. Најавувам ефикасно јавно здравство, ослободено од административни сопки. Образовниот систем ќе биде поставен на основи кои ќе бидат договорени со учениците, студентите и професорите. Земјоделските субвенциите ќе бидат поглеми од сегашните. Ќе ги тргнеме рацете на власта од судството. Јавниот обвинител ќе се избира на непосредни избори или на предлог на опозицијата. Ќе создадеме услови за независно медиумско информирање. Ќе го демонтираме комодитетот на власта со расфрлање народни пари. Парламентот ќе биде главен контролор на извршната власт. Парите што се украдени ќе мора да се вратат на државата и народот. Нема да отпуштаме луѓе од јавната администрација, туку ќе ја реорганизираме според мерит-систем“, беа дел од најавените начела.

На крајот Заев уште еднаш го повика премиерот да даде оставка.

„Груевски, престани да го лажеш народот дека некој сака да дојде на власт без избори. Ние дојдовме овде по слобода, во 21 век. И остануваме овде. Оставка мора да има. Додека нема оставка, не заминуваме ни ние“, порача лидерот на СДСМ.

Претходно, поранешниот премиер на Бугарија и лидер на европските социјалдемократи, Сергеј Станишев, пред граѓаните рече дека на протестот ја чул пораката од македонскиот народ дека сака демократија.

„Во името на сите европски социјалисти и социјадемократи заедно со моите другари од Шведска, Велика Британија и од цела Европа. сакам да ви кажам дека не сум туука да ве учам, тука сум да го чујам вашиот глас. Слушнав многу јасно. Вашата порака е јасна, рековте дека сакате мир. Во Македонија многу пари беа потрошени на луксуз, наместо на здравство. Вашиот глас се слушна во ЕУ. Вие сте важни и никој не може да ве игнорира. Ниту Владата, ниту ЕУ, ниту некој друг меѓународен партнер. Сакам да му честитам на Зоран Заев што имаше храброст да ја каже вистината“, порача Станишев.

Марија Џонс, преведувачка и активистка на левичарското движење „Ленка“, им се обрати на сите неопределни кои го следат протестот пред Владата.

„До сите неопределени што нѐ гледате на интернет, до сите што се правите наудрени - не живееме во политичка криза, сите од оваа и од она страна сме го допреле дното и нема да нѐ извлече оваа власт. Ќе ви цитирам туѓ говор: 'Вие луѓето ја имате моќта овој живот да го направите прекрасна авантура. Разни бездушници го ветуваат ова, но никогаш нема да го остварат. Диктаторите се ослободуваат себеси, а го заробуваат народот'. Ова е цитат од „Големиот диктатор“ на Чарли Чаплин. Диктаторче, ние не сме човечиња“, порача Џонс.

Катерина Блажевска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи