1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама меѓу иранските мули и сенаторите

Налан Сипар/ А.Трајковска 23 ноември 2014

Доколку на американскиот претседател Барак Обама му појде од рака да постигне договор за иранската атомска програма, ќе започне нова ера во американско-иранските односи. Меѓутоа отпор има на различни фронтови.

https://p.dw.com/p/1DrpN
Фотографија: picture alliance/AP Photo/C. Kaster

„На овие преговори не станува збор замо за безбедноста на САД“, вели Џејмс Филипс од вашнгтонскиот тинктенк „The Heritage Foundation", фондација блиска до конзервативците. Според овој експерт за Блискиот Исток, во фокусот е и безбедноста на американските сојузници како Израел или државите од Персискиот Залив. Овие земји сметаат дека се загрозени со иранската атомска програма; се заканува спирала во вооружувањето. Особено Израел гледа на атомската програма на Иран како на закана, која ја доведува во прашање неговата егзистенција. „Нашите сојузници стојат во сенка на балистичките ракети“, подвлекува експертот за Блискиот Исток.

Сепак на преговорите меѓу Иран и групата 3+3 која ја сочинуваат Кина, Германија, Франција, Русија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави, договорот не е на повидок. Посебно деликатни се прашањата: Кога треба да бидат укинати санкциите за Иран? Или за бројот на центрифугите во иранската програма за обогатување ураниум. Многу време не преостанува на располагање. Утре (24.11.2014) истекува рокот за преговори, а сомнежи има сѐ повеќе дека до тогаш ќе се постигне спогодба.

Конгресот бара нови санкции

Така преостануваат две сценарија: Или преговорите целосно ќе бидат прекинати или ќе бидат пролонгирани. Но, со оглед на тоа што преговорите многу се интензивираа, експертите очекуваат продолжување. Меѓутоа во Вашингтон расте отпорот во Конгресот. Критичарите на преговорите стравуваат дека притисокот за успех е толку голем, што САД на крајот ќе прифатат незадоволителен резултат.

„Како републиканците, така и демократите се на мислење, дека владата на САД не постапува доволно остро со Иран“, вели Филипс. Скептичарите во Конгресот бараат дури и нови санкции, за да се зголеми притисокот врз Иран. „Ако бидат продолжени преговорите, тогаш Конгресот ќе биде многу поактивен“, вели Филипс.

USA US Kongress Regierung
Конгресот на САДФотографија: SAUL LOEB/AFP/Getty Images

Скептични се и многу демократи

Уште на почетокот на годината 15 демократи во Сенатот потпишаа предлог за нови санкции против Иран. Тогаш водачот на мнозинството на демократите Хери Рид успеа да спречи гласање во Сенатот. По меѓуизборите, односот на силите во Сенатот не е поволен за Обама. Наследникот на Рид од редовите на републиканците Мич МекКонел во изминатите недели се произнесе за построги санкции.

Дали на Обама ќе му услее ова мнозинство во Конгресот да го повлече на своја страна? „Не“, вели Џим Волш од Институтот за технолошки и безбедносни студии од Масачусец. „Со републиканско мнозинство како во Сенатот, така и во Претставничкиот дом речиси да нема претстава како би требало да изгледа спогодба, која тие би ја поддржале“.

Скептичарите во Сенатот врз основа на искуствата од последните години не би му верувале на Иран. „Тие сакаат или перфектна или никаква спогодба. Меѓтуоа во реалниот свет нема перфектна спогодба“, вели Волш. За него многу поважно е Иран воопшто да се задржи на преговарачка маса. „Оти ако нема спогодба, тогаш нема ниту правила. Тогаш Иран може да ја прошири својата атомска програма“, вели тој.

Волш потсетува на пропаднатите преговори од 2005 година. „Во тој период иранската влада поседуваше 164 центрифуги. По пропаѓањето на преговорите имаат во меѓувреме 20.000“.

Последниот триумф на Обама?

Обама нема многу опции. Тој може да стави вето против обидите во Конгресот да се воведат нови санкции. Но, за да постигне спогодба со Иран, тој мора да ги укине постоечките санкции. За тоа му е потребна согласност на Сенатот. Доколку не му успее тоа, експертите сметаат дека тој ќе ги употреби своите претседателски овластувања и привремено ќе ги укине санкциите. Тоа би значело дека дури наредниот Конгрес повторно ќе може да се занимава со темата.

Доколку претседателите на САД немаат многу со што можат да се пофалат, тогаш во последниот мандат сакаат да бидат успешни во надворешната политика, подвлекува Џејмс Филипс. Обама не само што сака да стави крај на еден долгогодишен спор со Иран, туку и да го придобие Техеран како можен партнер за соработка за идните безбедноси прашања на Блискиот Исток. Тој наводно во писмо упатено до иранскиот верски водач Али Хаменеи, замолил за соработка против исламистичката терористичка група ИД. Впрочем САД и Иран по ова прашање имаат слични интереси.

Iran Atomstreit Kombobild Obama und Khamenei
Обама и ХаманеиФотографија: picture-alliance/dpa

Противниците на атомските преговори, како во Конгресот така и на Блискиот Исток, се скептични во поглед и на ваквата соработка. За Обама тоа значи дека би морал да се обиде да ги увери двете страни во исправноста на своите настојувања.