1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучни точки во атомскиот спор со Иран

Томас Лачан/ Жана Ацеска18 ноември 2014

Оваа недела Групата 5 + 1 преговара со Иран околу неговата спорна атомска програма. До 24.11. треба да биде постигнат договор. Двете страни се оптимисти, но се‘ уште постојат разлики во ставовите.

https://p.dw.com/p/1DopA
Фотографија: picture alliance/HANS PUNZ/APA/picturedesk.com

Времето притиска - меѓународната заедница и Иран си поставија рок најдоцна до 24.11.2014 да најдат прифатлив компромис во спорот околу иранската атомска програма, што тлее со години. Договорот за намери, во кој беше зацртан рокот, беше потпишан пред една година во Женева.

Од денеска (18.11.2014) повторно се состанува таканаречената Група 5+1, составена од петте вето-сили во Советот за безбедност на ОН (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина), плус Германија, со претставниците на Иран, за да водат разговори околу евентуален решавачки пробив во атомскиот спор. Во меѓувреме, целосно фијаско на преговорите се смета за неверојатно. Но, преговарачите се се‘ уште далеку од конечен договор. Камен на сопнување во компромисот се првенствено две поголеми точки и некои помали детали.

Облагородување ураниум

Иран има околу 19.000 центрифуги, од кои близу половината се употребуваат за облагородување ураниум. Останатите центрифуги досега не се во употреба. Околу 1.000 центрифуги, според Меѓународната агенција за атомска енергија, спаѓаат во најновата генерација и се сметаат за посебно ефективни. Иран, навистина, потенцира дека овие центрифуги се дел од неговата цивилна атомска програма. Меѓутоа, тие теориски можат да бидат искористени за производство на ураниум за продукција на бомба.

Можно е Русија во оваа точка да игра клучна улога. Минатата недела Москва и Техеран потпишаа договор, според кој Русија во Иран ќе гради осум нови атомски реактори. Освен тоа, Русија ќе лиферува ураниумски шипки за реакторите. Иран во преговорите најпосле направил отстапки, така на пример, условно се согласил голем дел од своите резерви на ураниум да ги испрати на складирање во Русија. Евентуално, иранскиот ураниум може да биде облагородуван и во Русија, под целосна контрола на Меѓународната агенција за атомска енергија. Ако иранскиот нуклеарен материјал се наоѓа во странство, развојот на атомско оружје без сомнение ќе трае значително подолго. #b

Иран би сакал итно укинување на сите санкции воведени против него. Меѓународната заедница, пак, првенствено би сакала да е сигурна дека Иран во никој случај не развива програми за производство атомска бомба. Партнерите во преговорите мора да најдат пат помеѓу овие две максималистички барања, со тоа што би се одело чекор по чекор - на секоја отстапка би следело постепено укинување на санкциите. Ова е многу комплицирано да се постигне, зашто е потребно надминување големи отпори на двете страни. Конзервативните сили во Иран се против преголеми отстапки, ним укинувањето на санкциите не им изгледа доволно брзо. Освен тоа, различни групи, меѓу кои Револуционерната гарда, дури и профитираа од политиката на санкции на Западот. Тие во меѓувреме контролираат големи делови во профитабилниот извоз и увоз и во прекуграничниот шверц. На друга страна, Израел, но и голем дел од републиканците во САД, предупредуваат да не се оди на пребрзо олабавување на политиката на санкции.

Арак е неспорен

Согласност, пак, владее воглавно во врска со иднината на нуклеарниот реактор на тешка вода Арак. За разлика од другите атомски постројки, овој вид реактор може да работи со необлагороден природен ураниум. Бидејќи Иран располага со големи резерви од природен ураниум, користењето на ваков тип реактор за Техеран е посебно атрактивно. Но, притоа се добива многу поголема количина плутониум, отколку кај другите реактори. Плутониумот може да биде употребен за производство на атомско оружје. Затоа, Западот бара реконструкција на реакторот, со што ќе се намали количината на плутомиум која се добива во процесот.

Согласно со Женевската конвенција, Иран го замрзна облагородувањето на ураниум, ја запре градбата на реакторот во Арак и дозволи засилени меѓународни контроли во своите нуклеарки. За возврат, беа олабавени дел од санкциите.

Меѓународни контроли

И во повеќе години најболната спорна точка, контролите од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, дојде до мало поместување. Меѓународната заедница бара редовен неограничен пристап до сите ирански атомски централи, но истовремено се жали на недоволна транспарентност, блокирани инспекции и тајни нуклеарки во земјата. Затоа групата 5+1 инсистира на одржување редовни и опсежни контроли на иранската атомска програма и по постигнувањето на согласност. Со тоа треба да се утврди дали Техеран се придржува кон она што е договорено. Во привремениот договор од ноември 2013 година, Иран вети поголема транспарентност. Но, Меѓународната агенција за атомска енергија тврди дека уште нема целосен непречен пристап до сите ирански нуклеарки.