1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Македонија го прави нервозен дури и Вашингтон

СН/велт/нзз/сз20 мај 2015

Германските и весниците на германски јазик продолжуваат внимателно да ја следат кризата во Македонија. Тие денеска пред сѐ се осврнуваат на „одмерувањето на силите“ меѓу власта и опозицијата преку масовните собири.

https://p.dw.com/p/1FT8L
Фотографија: DW/B. Georgievski

„Кога една земја во Југоисточна Европа помала од Белгија и со само 2,1 милионa жители, предизвикува внимание во Вашингтон и дури дава повод за официјална изјава на владата на САД, тогаш изгледа дека е потребно внимателно да се разгледа ситуацијата. Во овој случај станува збор за Поранешната Југословенска Република Македонија. Политичката криза во балканската земја предизвикува загриженост и кај американската влада, изјави портпаролот на Стејт Департментот, Џеф Ратке“, го започнува текстот посветен на македонската политичка криза, германскиот весник „Велт“. Во продолжение на статијата со наслов „Масовните протести во Македонија предизвикаа нервоза дури и во Вашингтон“ весникот ги пренесува пораките на Ратке до власта и до опозицијата во Скопје за мерките кои е пожелно да ги преземат за надминување на кризата која „ предизвикува загриженост во Вашингтон“.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Од другастрана пишува „Велт“ : „Судирот веќе одамна има одек во целиот регион. Владите на Косово и на Албанија се под внатрешно политички притисок да се борат за албанското прашање во Македонија. Алармиран е и Берлин. Претседателот на германско-македонското друштво и поранешен државен секретар во германското министерство за одбрана, Валтер Колбо предупредува од ескалација на насилството во Македонија. 'Лесно може да избувне пожар' вели Колбо за весникот Сарбрикер цајтунг...“ Според Колбо истотака постојат назнаки дека Русија по Украина сака да се позиционира и во Македонија, пишува „Велт“, кој уште истакнува дека „спорниот македонски премиер поддршка добива и од соседна Србија“. Весникот притоа се осврнува на бројните написи во српските медиуми во кои ,како што истакнува, „се шират вистински хорор сценарија“ за хаос и можна војна во Македонија и на Балканот: „ Виновниците се веќе пронајдени: зад кризата и немирите во Македонија стојат ЕУ и САД, сложни се дневните весници и неделниците во Србија. Тогаш насловите гласат 'ЕУ ја турка Македонија во граѓанска војна'“, завршува текстот во „Велт“.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Весникот „Зиддојче цајтунг“ продолжува во чекор да ги следи настаните во Македонија. Под насловот „ Политичката криза во Македонија продолжува“ весникот кој се печати во Минхен известува за продолжувањето на протестот на опозицијата пред седиштето на македонската влада како и за провладиниот собир пред Собранието.

„Пред 30 илјади приврзеници премиерот Груевски во понеделникот вечерта изјави: „Веќе три и пол месеци се напаѓа Македонија. Долго молчевме и чекавме нападите да запрат. Но сега е време да реагираме. Македонија не се предава. Македонија е силна!'. До инциденти со противниците на Груевски, кои го обвинуваат за корупција и кои седеа во својот протестен камп 800 метри оддалечен од собирот, не дојде. Груевски меѓутоа укажа, какво мислење има за опозицијата предводена од социјалдемократот Зоран Заев: „Што ќе се случи, ако овие насилни и фрустрирани луѓе дојдат на власт? Ќе јадат живи луѓе'“, пишува „Зидојче Цајтунг“, кој уште истакнува дека и покрај тоа што Груевски во понеделникот воопшто не оставил впечаток дека ќе попушти, сепак отпатувал во Стразбур на дипломатски разговори со неговиот предизвикувач Заев.

И швајцарскиот весник „Ное цирхер цајтунг“ се осврнува на двата собири во Скопје како и на средбата во Стразбур со заклучок дека брза согласност за ставање крај на кризата во Македонија е малку веројатна. Во текстот со наслов „Одмерување на силите во Скопје“ покрај за крајно спротиставените гледишта на опозицијата и власта во Македонија во кризата, весникот се осврнува и за погледот на набљудувачите од надвор: „ Во Брисел, ама и во соседните земји, расте загриженоста поради тековната криза во Македонија. Меѓутоа многу набљудувачи рефлексно конфликтот погрешно го толкуваат како етнички судир. Главниот фронт во оваа борба меѓутоа се протега меѓу 'горе' и долу' а не меѓу етничките групи. Политичката елита е мултиетничка. Станува збор за македонско-албанска коалициска влада која веќе девет години е на власт и која преку паралелен клиентелски систем си распределува бенефиции. Истотолку мултиетничко е и опозициското движење. За првпат во историјата на земјата, на собирот во неделата можеа да се видат Македонци и Албанци обединети во протест. Меѓутоа овој никулец на новооткриена граѓанска свест е кревко билче; провереното средство против тоа е подбуцнување на омраза. Оваа владејачка техника политичарите во Македонија ја знаат исто толку добро како и оние во Босна и Херцеговина или на Косово. Со право хрватската министерка за надворешни работи ги предупредува сите страни од етнизација на конфликтот. Ако овој фитил еднаш биде запален, состојбата многу брзо ќе стане непресметлива и екстремно опасна“ , заклучува „Ное Цирхер Цајтунг“.

Massendemonstration der Opposition zum Sturz der Regierung in Mazedonien (Zoran Zaev)
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski