1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Најдобри денови што Скопје било кога ги доживеало“

Избор: З. Јордановски19 мај 2015

Неделниот протест на опозицијата и незадоволните граѓани наиде на одглас во германските весници. Се отворија длабоки јазови во македонското општество. Но тие веќе не одат долж етнички линии, се констатира во написите.

https://p.dw.com/p/1FSiY
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Владата во Македонија, земјата-кандидат за членство во ЕУ, е темелно дискредитирана, масовните протести, кои токму го запираат здивот во земјата, ги распламти 40-годишниот шеф на опозицијата Зоран Заев. Но, демонстрантите би можеле и него да го збришат од функцијата“ - извлекува во поднасловот „Зиддојче цајтунг“.

Весникот смета дека се во прашање „часови, можеби и денови“, во кои работите во Македонија уште остануваат неизвесни. Во текстот пишуван по протестот на незадоволните граѓани во неделата, се пренесни зборовите на „Игор, Беким и една млада жена, која не сака да си го каже ни името“, сите на прагот на 30-тите, дека „овие денови се најдоброто што Скопје било кога ги доживеало. ’Сите, кои вообичаено се прикриваат, хомосексуалците и лезбејките, сега се осмелија да излезат на улица‘. Беким припаѓа на албанското малцинство, другите двајца се Македонци. ’Тие етнички етикети не не’ интересираат‘, вели Беким, ’владата и медиумите инсценираат етнички конфликт, кого во секојдневието го нема‘. (...) Како активист за права на хомосексуалците и лезбејките постојано сум изложен на непријателства. Ситуацијата овде е полоша отколку во Русија. (...) Владата на Груевски е отворено хомофобна. Мнозинството на општеството не е толку реакционерно, колку овие луѓе што се на власт‘“, ги пренесува авторот на написот Надја Пантел зборовите на Беким. На прашањето дали од лидерот на социјалдемократите Заев очекуваат подобрување на состојбата, Игор одговорил: „Не му верувам на ниеден политичар. Но, Заев во секој случај би бил подобар од Груевски“. Објавувањето на снимките од прислушувањето го довеле Груевски во крајно непријатна положба, а на Заев му дало „можност да се презентира самиот себе си како јасна алтернатива“. Но, во текстот се наведени и обвинувањата на негова сметка за обид за пуч, како и дека „бил вплеткан во нечисти бизниси во врска со изградбата на еден трговски центар“. На прашањето дали Заев навистина може да ја реформира земјата, се нуди одговор од Сашо Орданоски: „Заев е свесен дека кризата што самиот ја предизвика, може и за него да значи политички крај“. Наведено е и дека се зборува оти Заев ќе понуди да се повлече од улогата на водач на опозицијата, ако Груевски се повлече од премиерската функција. Пренесен е и ставот на Орданоски дека „на земјата засега не и’ се потребни нови избори, туку воспоставување на триделбата на власта и правосудство од доверба. ’Ќе ни бидат потребни години за да го разградиме клиентелизмот инсталиран од Груевски. Со таа работа мора прво да започне една техничка преодна влада‘“.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration
Фотографија: MIA

„Тест на силите во Скопје“

И текстот објавен во „тац.тагесцајтунг“ од Берлин е пишуван по неделниот протест и започнува со слика од шаторите пред владата, како продолжение на демонстрацијата „се’ додека не биде соборена владата. Но, премиерот Груевски може да игра на клавијатурата на дезинформации и пропаганда. Во последните денови дури беа попречувани некои од уште слободните интернет-портали. Собирот на опозицијата во медиумите блиски до власта - а тоа се речиси сите - беше документиран со фотографии кои покажуваат неколку демонстранти, лабави редови, никаква манифестација на маси луѓе. Навистина дојдоа неколку десетици илјади луѓе, но во официјалните медиумски извештаи демонстрацијата меѓутоа изгледа како да е минимална“.

Авторот Ерих Ратфелдер навестува дека контра-протестот „сигурно ќе биде гарниран со фотографии од маси луѓе“, како и дека на него ќе дојдат илјадници државни службеници. Притоа е наведено дека нивната бројка е зголемена од 100 илјади на 180 000 вработени, како и дека е „уиграна практиката да се превезува на демонстрации целиот персонал“.

Потоа авторот ја опишува атмосферата на неделниот собир и покрај другото пренесува и ваква слика: „Пред бината се мешаат македонски со потемноцрвените знамиња на Албанците, со знаме со боите на виножитото - знаме на сексуалните малцинства, со црвените турски знамиња со полумесечина и со знамето со четирите ’С‘ на Србите. Само многубројните Роми не мафтаа со никакви симболи, оти тие и ги немаат. Пејачот на една рок-група е завиткан во знаме во кое се обединети сите национални симболи. (...) Се отворија длабоки јазови во македонското општество. Но тие веќе не одат долж етнички линии“, констатира авторот на прилогот објавен во „тац.тагесцајтунг“.

Колбо предупредува од ескалација во Македонија

Весникот „Саарбрикер цајтунг“ денеска пренесува оцени од Валтер Колбо, некогашен државен секретар во германското министерство за одбрана и претседател на Германско-македонското друштво, за опасност од насилно заострување на политичката криза во Македонија: „Шефот на владата Никола Груевски се обидува да се одржи на власт со разгорување етнички судири. На прашањето дали тоа може да води кон нова балканска војна, Колбо вели дека опасноста е голема: ’Тоа е фитил, кој не само што тлее, туку веќе гори‘. Во тој контекст Колбо упатува на престрелката во Куманово со 22 мртви и рече дека многу нешта зборуваат во прилог на тоа„оти тоа беше инсценирана акција на владата против наводните албански сепаратисти, обид да се поттикне мала војна, за да се одврати вниманието од корупцијата во сопствените редови‘.

Според Колбо, освен тоа има знаци дека Русија, по Украина, сега сака да се позиционира и во Македонија, за да забие клин во западниот сојуз. Меѓународната политика мора да се обиде да најде некое решение, бара политичарот од СПД. Оставка на Груевски и потоа нови избори би можеле да бидат излез“, се вели во „Саарбрикер цајтунг“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема