1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хулиганите ги предизвикуваат салафистите

Настасја Штојдел/Б.Георгиевски27 октомври 2014

„Против салафистите“ - под ова мото на демонстрации во Келн се собраа околу 2.500 луѓе. Тоа што притоа ги навредуваа и исламот и странците, не ги загрижи. Судирите разбудија некои стари стравови.

https://p.dw.com/p/1DcZe
Фотографија: Reuters/Wolfgang Rattay

Корина го испружи високо средниот прст. За секој да може да го види. Притоа, таа само молчи додека на неколку метри од неа минува во црно облечена маса луѓе со германски знамиња кои на цел глас викаат: „Ние сме Германци!“ Оваа девојка околу вратот носи палестинска шамија, а на раката лепенка со текст „НЕ за нацистите“. Човек да не знае дали да ја смета за храбра или за невнимателна, кога стои така сама и провоцира. „Хулиганите не се исто што и нацистите“, вели оваа 18-годишна девојка, „но еве, и тие се овде“. Под „тие“ мисли на комбинацијата од фудбалски хулигани, препознатливите десничари и оние кои Германија сакаат да ја спасат од „светата војна“, па поради тоа дојдоа во Келн. И токму еден од нив застана покрај девојката: „И ти си значи за салафистите?“, ја прашува.

Demonstration „Hooligans gegen Salafisten“
18-годишната Корина на демонстрации во КелнФотографија: DW/ N. Steudel

Ние не сме екстремисти

Атмосферата полека се вжештува. Со зголемувањето на бројот на присутните зад главната железничка станица во Келн, доаѓаат и предупредувањата од организаторот преку мегафон до демонстрантите. „Не давајте изјави за медиумите“, гласи едно од најважните. „Медиумите лажат“, можеше често да се слушне. Но, некои сепак решија да проговорат, како Томас. Со избричена глава и црни очила за сонце, отворено зборува дека е германски националист и хулиган, но не и десен радикал. За маршот дознал преку Фејсбук. Тој е загрижен за своето семејство и за својата земја и поради тоа дошол на демонстрациите. „Она што во моментов се случува во Франција и во Белгија е само почеток“, вели тој. Неговиот пријател Михаел клима потврдно со главата. „Нам во Германија не ни даваат да ги дигнеме главите. Ние мора постојано да се наведнуваме“, вели Михаел. На прашањето, што знаат за салафистите, кусо одговараат: „Доволно!“ Михаел е член на хулиганска група на која и‘ пречи тоа што во последно време на стадионите се појавуваат сѐ повеќе левичари. Но, отфрла дека тој и неговите другари се екстремисти. Како доказ повикува еден Турчин и еден Либанец кои исто така се членови.

Demonstration „Hooligans gegen Salafisten“
Шарлоте и БарбараФотографија: DW/ N. Steudel

Хулиганите ќе не‘ одбранат“

Шарлоте и Барбара, на прв поглед, отскокнуваат од опкружувањето. Среде тетовираните, набилдани момчиња, двете средовечни дами делуваат како „паднати од Марс“. „Тие се вистински хулигани“, одговара Шарлоте на прашањето дали знае со кого демонстрира. „Тие ќе ја бранат нашата земја“, вели таа.

Шарлоте е родена во поранешна ГДР, таму доживеала неправда и затвор. Веќе извесно време Италија е нејзината нова татковина. На Германија таа веќе не смета. Тука дури и децата се инфицирани со ислам, вели таа. „Ова е земја на христијани. Муслиманите треба да се угледуваат на нас“. Нејзината пријателка Барбара е по потекло од САД, а во моментов живее во Минхен, од каде допатувала специјално за протестите. „Тука сум денеска за иднината на моите внуци“.

Demonstration „Hooligans gegen Salafisten“
Кристијан и ДитерФотографија: DW/ N. Steudel

Подолу во колоната демонстранти ги запознаваме Дитер и Кристијан, градежник и ѓубреџија од Тројсдорф. Тие и не кријат дека не се тука само поради салафистите. Тие се и против странците во нивната земја. „Тие го собираат кајмакот, а германските пензионери мораат да собираат шишиња од ѓубриштето за да преживеат. Нашите татковци не ја градеа земјата на ваков начин“, вели Дитер.

Ескалација на тензиите

Полека, но сигурно, станува тензично. Експлодираат неколку чадни бомби, младите луѓе одеднаш ги ставаат шаловите околу устите. Една група се обидува да се пробие до една улица надвор од договорената рута. Полицијата ги спречува. Потоа ситуацијата ескалира. Еден од демонстрантите подоцна раскажува дека хулиганите биле испровоцирани од контрадемонстрантите кои беа собрани од другата страна на железничката станица и оттаму, наводно, фрлале по нив со камења. Хулиганите одговориле со стаклени шишиња. Полицијата ги вклучува водените топови и во исто време соопштува дека протестот треба да биде прекинат. Но, многумина не се согласуваат. Во блискиот парк доаѓа до судири. Од почетните 2.500 учесници, не остануваат многу. Малата група провокатори кои останаа скандираат „ура, ура, Германците се тука“ покрај превртено полициско комби.

Rund 2500 Hooligans bei Kundgebung gegen Islamisten in Köln 26.10.2014
Фотографија: DW/G. Borrud

Еден од оние кои останаа делува разочарано. „Патував 600 километри залудно“. Нему ми било јасно дека ситуацијата ќе ескалира, „но не вака“. Малку подолу, пред еден киоск се формира голема колона. Еден човек со избричена глава стои на крајот. На задниот дел од јакната му пишува: „Хулицај (комбинација од хулигани и полиција, н.з.) Анти-шарија тим“. Гласно ждригнува.