1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна коалиција: хулигани против салафистите

Н. Штојдел/БГ27 октомври 2014

Иако во нормални околности се длабоко поделени, хулиганите од фудбалските клубови најдоа заеднички јазик и тоа околу една цел: салафистите. Се вмешаа и десните екстремисти. Експертите предупредуваат од опасен потенцијал

https://p.dw.com/p/1DbgL
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Holschneider

Пред неколку недели, кој крајот на септември, во центарот на Дортмунд се собраа околу 300 мажи и жени облечени во црно. Организирани беа од групата „Хулигани против салафистите“ која се разви на социјалните мрежи. Собирот во Дортмунд беше некој вид „запознавање“ во кое се разменуваа мислења. Таков е впечатокот од видеото кое групата го постираше на интернет. „Ние сме Германија“, извикуваше еден од говорниците, кој се претстави како Кале, преку мегафон. Уште пред да ја каже следната реченица, прекинат е од громогласни аплаузи и свирежи од присутните. За некој да не помисли дека групата можеби има и поинакви мотиви, уште во следната реченица тој дополнува „Ние не сме десни радикали“.

Се работи за една вознемирувачка комбинација на луѓе. На фотографиите можат да се забележат многу мускулести, истетовирани мажи, за дел од кои веројатно се интересира и службата за безбедност. Забележително беше и тоа колку, вообичаено спротивставени хулигански групи, пријателски разговараа меѓу себе. Меѓу присутните можеа да се забележат и бројни неонацисти и поранешни лидери на навивачки групи со таква идеологија, кои во меѓувреме беа забранети.

„Потоа било договорено да се стави крај на непријателствата и да се почне со реизградба на старите вредности на стадионите“, вели Гинтер А. Пилц, истражувач на навивачката култура на Универзитетот во Хановер. Под „стари вредности“ се подразбираат машкоста, цврстината и одлучноста. 17-хулигански групи се согласиле со предлогот и заедно со организираните неонацисти и други Ултраси склони кон насилство ја градат групата од 300 луѓе, вели истражувачот. Кој ја предводи групата „Хулигани против салафистите“ засега е нејасно. На средбата во Дортмунд, како гласноговорник на групата настапуваше членот на Советот на деснорадикалната ПроНРВ, Доминик Розелер. Но тој не е дел од организацијата на вчерашните (26.10.) демонстрации во Келн.

Мобилизација на членството

Доколку се погледнат профилите на групата на Фејсбук и Твитер, не останува двоумење од кој дел на општеството доаѓаат нејзините членови и поддржувачи.

„Ова е обид, како од десно-екстремистичката сцена, така и од хулиганските групи, да си придадат политички мотив, имено опасноста од насилните салафисти“, вели Рајнер Вент, претседател на полицискиот синдикат. Во суштина, иницијаторите на групата сакаат на овој начин да го мобилизираат сопственото членство и да добијат нови приврзеници. Тврдењето дека правната држава потфрлила, Вент го смета за глупост. „Она што на овие луѓе не им одговара, е токму решавањето на проблемите преку правната држава, наместо преку насилство. Државата мора да се раководи од правилата на игра. Во тоа е силата на нашата република“, вели тој.