1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот ги заборави ветувањата кон Украина

Роман Гончаренко/бг5 декември 2014

Безбедносни гаранции како противуслуга за откажувањето од атомското оружје. Тоа беше дилот меѓу Западот, Украина и Русија пред 20 години. Денес, многумина нерадо се потсетуваат на овој договор.

https://p.dw.com/p/1DzYa
Фотографија: Reuters

Дека Украина некогаш беше атомска сила и се откажа од своето нуклеарно оружје во замена за безбедносни гаранции, на Западот знаат само безбедносните експерти и некои политичари. Особено по руската анексија на Крим, во Украина се‘ почесто се потсетува на т.н. Меморандум од Будимпешта. Документот беше потпишан на 5. декември 1994 на самитот на ОБСЕ. Во него, САД, Велика Британија и Русија ја поздравуваат одлуката на владата во Киев, да се откаже од атомското оружје. Од друга страна, тие даваат гаранции дека ќе ги почитуваат независноста и постојните граници на Украина. Сличен меморандум во следните денови потпишуваат и поранешните советски републики Белорусија и Казахстан.

Договорот постигнат пред 20 години го означи крајот на долгите преговори меѓу земјите-наследнички на Советскиот сојуз и водечките западни нуклеарни сили. Притоа, Украина имаше особено значење. По распадот на СССР, во 1991 година во оваа земја останаа 176 стратешки и повеќе од 2.500 тактички атомски ракети. Со тоа, Украина беше третата светска нуклеарна сила, зад САД и Русија.

Но, тоа само формално било така, објаснува Леонид Кравчук, тогашниот претседател на Украина во разговор за Дојче веле. Киев, де факто, немал никаква контрола врз оружјето. „Сите контролни системи беа во Русија, т.н. црни куфери во кои беа уредите за стартување беа кај рускиот претседател Борис Јелцин“.

Гаранции како формалност

Украина можеше да го задржи оружјето, но цената за тоа ќе беше огромна, објаснува Кравчук. Во јужноукраинскиот Дњепропетровск биле произведувани ракетите-носачи, но не и нуклеарните глави. Сопственото производство би било прескапо. „Тоа ќе не чинеше околу 65 милијарди долари, а државната каса беше празна“, вели Кравчук. Притоа, Западот и‘ се закануваше на Украина со изолација, затоа што ракетите биле насочени кон САД. Затоа, откажувањето од атомското оружје „беше единствената можна одлука“, вели првиот украински претседател. Украинските ракети биле транспортирани во Русија или уништени. Како компензација, владата во Киев добила финансиска помош од САД, евтини енергенси од Русија и безбедносни гаранции, сето тоа е наведено во меморандумот од Будимпешта.

Ukraine - zwischen Russland und der EU Flash-Galerie
Леонид КравчукФотографија: AP

Но во суштина, овие гаранции беа само формалност, затоа што во документот не се предвидени никакви санкции. Тоа го објаснува експертот Герхард Симон. „Тоа никаде не се наведува, што ќе се случи доколку една држава го повреди меморандумот“, вели експертот за источна Европа од Универзитетот во Келн. Со него се согласува и познавачот на состојбите во Украина, Винфрид Шнајдер-Дитерс. „Овој договор не е вреден ниту за хартијата која е потрошена“. Меморандумот од Будимпешта во случајот со Крим очигледно не беше почитуван ниту од Русија ниту од Западот.

Така на тоа гледа и денешната украинска влада. Уште во август беа побарани средби со земјите-потписнички на договорот. Безуспешно. Рускиот одговор беше дека нема основа за такво нешто. Москва ги отфрли ваквите барања уште во април годинава, по анексијата на Крим. Сецесијата на Крим од Украина е резултат на комплексен интерен процес, и тоа не се однесува на руските обврски во рамките на Меморандумот од Будимпешта, соопшти Кремљ.

Западот крева раце

И САД тврдат дека не ги прекршиле своите обврски. „Меморандумот од Будимпешта не беше договор за безбедносни гаранции“, изјави во мај американскиот амбасадор во Киев, Џефри Пајет. Се работи за договор за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тоа го прекршила Русија.

Präsidentschaftswahlen in der Ukraine Poroschenko ARCHIV
Петро ПорошенкоФотографија: picture-alliance/dpa

Но, Украина до денес инсистира на почитување на Меморандумот. Тоа го потврди и претседателот Петро Порошенко во ноември годинава. Притоа, тој додаде дека неговата земја очекува да биде постигнат сукцесивен договор. Но експертите се скептични. „Договор ќе има логика само доколку го потпише и Русија и притоа се обврзе да ја гарантира безбедноста на Украина“, смета Герхард Симон. Но, тоа е малку веројатно. „Доколку ваквиот договор го потпише само Западот, тоа ќе биде како еден мал чекор кон НАТО, без придружните формалности“, вели експертот. Тој се сомнева дека САД или Велика Британија, воопшто се подготвени на таков чекор.

Меморандумот од Будимпешта е мртов, нов не е на повидок, а Украина е оставена самата на себе. Тоа би бил билансот. Публицистот Шнајдер-Дитерс смета дека Украина воопшто и не треба да бара сукцесивен договор, туку Киев треба да се концентрира на изградбата на сопствените одбранбени сили. „Мислам дека Украинците можат да изградат добри одбранбени сили. Тоа ќе биде подобро, отколку да бараат безбедносни гаранции кои во реалноста не се почитуваат“.