1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин пее стара песна во нов аранжман

Инго Мантојфел/ Превод: Жана Ацеска4 декември 2014

Рускиот претседател Владимир Путин во своето годишно обраќање го претстави своето гледање на состојбата во Русија и светот. Дали има нешто ново притоа, коментира Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1DzGu
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sergei Ilnitsky

За оној кој ги сака Русија и Русите, говорите на рускиот претседател Владимир Путин за состојбата на нацијата со години се празник за ушите. Така беше и овојпат: со убавозвучни зборови тој ја наслика добра, силна, обединета Русија, во која државата на своиет граѓани им овозможува слободен економски развој, се грижи за сиромашните и слабите и плански ги применува потребните чекори за реиндустријализација на земјата. Путин се соживува во улогата на добрите цареви, најавувајќи бирократски олеснувања за малите претпријатија, даночни амнестии, ниска инфлација, инвестиции во инфраструктурата, индустриски зони и програми за стипенции за студентите. Листата на неговите добри дела и законски предлози беше долга иво годинашното обраќање до нацијата.

Рускиот претседател најде релативно благи зборови дури и во поглед на украинската криза и острите разлики со САД и ЕУ. Во својот говор тој го повтори во Русија веќе каконскиот став за Крим и украинската криза. Но, неговиот говор не беше конфронтирачки насочен кон Западот и Украина. Напротив. Путин го истакна правото на Украина на сопствен развој и желбата на Русија да остане отворена за соработка со странство, посебно во економски аспект. Значи, и овде во манирот на добар цар.

Важни се делата, а не зборовите

Но, Путиновите убави зборови за сегашна и идна Русија се само стара песна во нов аранжман. Претседателот Путин со години ветува либерално-технократски реформи и инвестиции во реиндустријализацијата на Русија. Во неговата последна изборна кампања во 2012 година тој дури најави отворање на 25 милиони високопродуктивни работни места до 2020 година. Но, видливи резултати нема. Често државните инвестиции исчезнуваат поради корупција и лошо водена економија. Путин веќе со години сака да примени контра мерки и контрола, но, што е интересно, зборот „правна држава“ во актуелниот говор на Путин не се појави ни еден единствен пат.

Нема ништо ново ни во целта на Путин да го врати во земјата рускиот капитал кој бега во странство, првенственово даночните раеви.Сега тој во овој поглед вети широка амнестија. Уште во неговиот говор за состојбата на нацијата во 2012 година, Путин категорично се изјанси на оваа тема и го употреби терминот- да се изврши „де-офшоризирање“ на руското стопанство. Но, реалноста изгледа сосема поинаку: рускиот министер за финансии пред неколку дена соопшти дека одливот на капитал од Русија во 2014 година ќе изнесува веројатно меѓу 120 и 130 милијарди американски долари, што би значело удвојување во однос на 2013 година. Значи, во никој случај нема да успее ни враќањето на рускиот капитал во земјата, наместо странски инвестиции, со цел да се модернизира руската економија.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Продолжување натаму

Оттаму, говорот на Путин за состојбата на нацијата, и покрај фалбаџиските ветувања, и натаму значи едно храбро „продожување натаму“. Ова беше говор на политичар, кој се чувствува на правилен курс и ја куражи на тоа и елитата. Но, дали Русија со овој рецепт ќе може да се справи со економските, социјалните и политичките предизвици, е големо прашање.

Цената на нафтата минатите месеци доживеа голем пад, што има јасни негативни влијанија врз државните приходи, врз курсот на рубљата и со тоапврзаната куповна моќ на населението. Санкциите на Западот поради руската политика во Украина, дополнително го азсилуваат овој негативен ефект врз руското стопанство. Како во овие услови инфлацијата ќе биде потисната под четири проценти, а истовремено да се постигне повторно раст на брутодомашниот производ над глобалниот просек, е загатка. Говорот на Путин навистина јасно покажува дека политичко-економскиот модел во Русија е исцрпен. На земјата и на луѓето им претстојат тешки времиња. Горчливо за сите кои ја сакаат Русија и Русите, без оглед на убавите зборови на Путин.