1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Се повеќе деца заробени во виртуелен космос

Сабине Кинкарц
15 април 2023

Околу 680.000 деца и млади во Германија се зависници од игри и социјални мрежи. Коронавирусот само го влоши тој тренд. Имено, денес има двојно повеќе малолетници кои се зависници отколку пред пандемијата.

https://p.dw.com/p/4PSDz
игри
680.000 деца и млади во Германија се зависници од игри и социјални мрежи. Короната само го влоши тој тренд. Фотографија: Addictive Stock/Shotshop/picture alliance

Пол има 19 години, живее во Берлин и заврши средно училиште пред нешто помалку од една година. Пол ги нема најубавите спомени од последните училишни години. „Поради короната, постојано бевме во карантин. Немаше училиште со недели, а и онака требаше да останеме дома“. Дружењето со пријателите, средбите во соседството, одењето на забави, спортувањето - многу од оние работи кои се важни за младите, кои се составен дел од нивните животи, долго време беа практично табу.

„Единствено што можевме да направиме е да седиме во соба, да играме на компјутер или телефон, да се допишуваме со другите преку социјалните мрежи“, вели Пол. Тој е среќен што повеќе нема ограничувања. Овој млад човек неволно се сеќава на тие празни часови поминати пред компјутерот, откако веќе некое време се движи низ „вистинскиот“ свет. Но, има и такви кои се уште се заробени во виртуелниот космос. 

Болна зависност 

Судејќи според резултатите од долгорочната студија спроведена од Универзитетската клиника во Хамбург Фондот за здравствено осигурување ДАК, бројот на деца и млади луѓе кои се болно зависни од игри и социјални медиуми е двојно зголемен од 2019 година. Околу 680.000 помлади луѓе поминуваат речиси пет часа дневно на игри, стримови, објави на социјалните мрежи и виртуелни разговори.

Ова се „застрашувачки бројки“, вели Андреас Сторм, шеф на администрацијата на ДАК. „Се надевавме дека зголемувањето на времето поминато на овие активности, а со тоа и стапката на зависност, ќе се забави, но за жал таа надеж не се исполни .

А, какви се последиците од тоа? Психологот Кај Милер го гледа ова секој ден. Претседател е на Професионалното здружение за зависност од медиуми и работи во клиниката за зависници од игри при Универзитетската клиника во Мајнц. Со него контактираат очајни родители кои не знаат што да прават со своите деца кои секоја слободна минута ја поминуваат пред компјутер или на мобилен телефон.

Младите кои ги занемаруваат училишните и семејните обврски се спротивставуваат на обидите да ги тргнат од пред  мониторот, а на овие обиди реагираат со зголемена доза на гнев и неразбирање. Понекогаш се забарикадираат во своите соби, не ги интересира ништо, немаат хоби, немаат други интереси. Во екстремни случаи дури и забораваат да јадат, а имаат и кофи во собата - за да не мора да одат во тоалет. 

гејминг
Многу млади луѓе се „заробени“ во виртуелниот космос...Фотографија: Emmanuel Dunand/AFP

Губење на контрола 

Психологот Милер вели дека пандемијата била многу тежок товар за децата и младите. Тој додава дека тие се психолошки почувствителни од возрасните. Конзумирањето игри, видеа и социјални мрежи честопати за нив беше еден вид „утеха“, вели тој.

Од почетокот на 2022 година, Светската здравствена организација ја препознава зависноста од компјутерски игри како посебна дијагноза. Кај Милер ги открива трите главни критериуми што се користат за дијагностицирање на оваа болест. Пред сè, тоа е „губење на контрола“, односно ситуација во која веќе не може да се донесе свесна и слободна одлука за (не)користење на компјутерот. „Колку користам, кога не користам, колку долго користам, што користам?

Број два е - приоритизација. Така, ситуацијата во која игрите или користењето на социјалните мрежи веќе не се дел од животот, туку нешто што доминира во животот. „Третиот критериум е континуираната употреба, иако засегнатите лица сфаќаат дека тоа доведува до проблеми, односно дека не е добро за нив“, објаснува Милер. 

Кој е повеќе зависник: момчињата или девојчињата? 

Момчињата се почесто зависни од игри отколку девојчињата. Кога станува збор за зависноста од социјалните мрежи, и двата пола се подеднакво погодени, но областа на социјалните мрежи е многу поредок „проблем“ кој се третира во амбулантата во Мајнц. Сојузното Министерство за здравство започна програма за експлицитно објаснување на проблемите поврзани со прекумерната употреба на социјалните медиуми.

Во секој случај, зависноста може да се лекува поефикасно, под услов лекарите и психолозите да интервенираат што е можно поскоро, односно пред да стане хронична. И сè потешко е да се добие место за терапија. Во амбулантската клиника во Мајнц, обично поминуваат три месеци од телефонското барање до првиот преглед со психолог. Претходно тоа беше само две недели, нагласува Милер. И додава дека може да се случи пациентите да чекаат и до половина година за терапија. 

Поголема превенција 

И Андреас Сторм од ДАК вели дека капацитетите за превенција и за помош мора да се прошират. „Доколку сега не дејствуваме брзо, ќе се случи се повеќе деца и млади да завршуваат во зависност, односно тој негативен тренд не може да се запре“. Сторм смета дека политиката, но и општеството во целина, се одговорни за ова: „Децата и младите мора да учат и да бидат способни да ги проценат ризиците од користењето дигитални медиуми, мора да бидат способни да размислуваат за нивното однесување, за да можат конструктивно да ги користат можностите на дигиталниот свет за нивните приватни и деловните потреби на долг рок“.

Психолозите сметаат дека и родителите имаат голема одговорност по ова прашање, дека особено кај помалите деца мора да бидат подоследни во ограничувањето на употребата на дигитални содржини.  

[No title]

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ