1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Замор од социјалните медиуми

Штефани Хепнер
27 август 2022

Секогаш присутни, расположени, совршено стилизирани - животот на социјалните мрежи може да биде исцрпувачки на долг рок. Затоа, сè повеќе познати личности прават „детокс“. Одмор им е потребен и на „нормалните луѓе“.

https://p.dw.com/p/4Fire
Постојано онлајн, постојано достапен - тоа на сѐ повеќе корисници им создава стрес
Постојано онлајн, постојано достапен - тоа на сѐ повеќе корисници им создава стресФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

Речиси шест недели на социјалните мрежи немаше ни абер ни глас од познатиот актер Том Холанд. Главниот лик во Спајдермен потоа се појави со видео порака на Инстаграм и тоа само за да се поздрави со своите следбеници и обожаватели.

„Направив пауза од социјалните мрежи за да си го заштитам менталното здравје, бидејќи Инстаграм и Твитер се престимулирачки и напорни“, рече 26-годишниот актер во видео пораката објавена во неделата (14.08). Том појасни дека по секоја објава следи спирала на објави што ги чита за себе и „тоа на крајот е многу штетно за мојата ментална состојба“. 

Долг список на познати кои се решиле за „дигитален детокс“ 

Долг е списокот на познати лица кои изминативе години сосем свесно направија подолги паузи од социјалните мрежи: музичарот Ед Ширан, поп ѕвездата Бритни Спирс, пејачката Мајли Сајрус, актерката Селена Гомез, пејачот Џастин Бибер се само дел од оние кои си направија „дигитален детокс“. Причините кај сите беа различни: поради тоа што има премногу коментари со говор на омраза онлајн, поради тоа што не можат да се справат со тоа толку време поминуваат пред екранот, или пак дека биле премногу опседнати сами со себе.

Том Холанд: Направив пауза од социјалните мрежи за да си го заштитам менталното здравје
Том Холанд: Направив пауза од социјалните мрежи за да си го заштитам менталното здравјеФотографија: Justin Ng/Avalon/Photoshot/picture alliance

Ваков бран има и во политиката: на пример германскиот министер за економија, Роберт Хабек, во 2019 го напушти Твитер и до денес се нема вратено на оваа мрежа, иако многу други политичари ја користат платформата речиси во едночасовни интервали за да соопштат новости и ставови. 

„Една од најмудрите одлуки што сум ги донел во мојот живот беше напуштањето на Твитер“, оцени Хабек во едно телевизиско интервју на почетокот од 2021 година. На неговиот блог тогаш напиша: „Твитер е агресивен како ниеден друг дигитален медиум и ниту на една друга мрежа нема толку омраза, злоба и подбуцнување“, рече Хабек. 

И на „нормалните“ луѓе им треба пауза 

Потребата од „дигитална пауза“ е голема и кај обичните граѓани. Според една анкета на Дигиталното здружение Битком, една десеттина од луѓето во Германија во 2022 година решиле повеќе време да бидат „исклучени“ од социјалните мрежи. Околу 43% тоа веќе го имаат свесно сторено во изминатите години за да им биде повторно многу подобро.

Но, колку се навистина „лоши“ социјалните мрежи? Бројни студии се занимавале со влијанието на Инстаграм, Твитер и компанија, но одговорите не може да се извлечат така едноставно. 

Универзитетот Бат, на пример, пролетоска спроведе анкета која покажа дека по само една недела исклучување од социјалните мрежи веќе има подобрување на општата состојба, ја намалува анксиозноста и депресијата. Но, ваквиот исход би можел да се должи и на селекцијата на испитаниците, бидејќи тие морале однапред да се согласат една недела да не користат социјални мрежи, со што можеби имале и посилна мотивација за паузата.

Russland | Social Media
Колку се навистина „лоши“ социјалните мрежи? На ова прашање нема едноставен одговорФотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

„Свесно да тонеш“ 

И други студии покажуваат дека постои директна поврзаност помеѓу тоа колку време поминуваме на социјалните мрежи и депресијата. Тешко е да се докаже што прво се појавува, се вели во студиите. Можно е лица кои имаат предиспозиции за депресија почесто да се занимаваат со социјалните мрежи отколку останатите.

Други студии, како онаа од универзитетот во Абу Даби од 2019 година, ги покажува негативните последици од дигиталната детоксикација. Учесниците во студијата за време на апстиненцијата од социјалните мрежи пројавувале стрес и осаменост.

- повеќеДобредојдовте во метаверзум - новиот универзум во виртуелниот свет

„Важно е самите да одлучуваме што ќе гледаме, кога и колку време ќе потрошиме на медиуми", вели Кристин Лангер од иницијативата „Погледни“ за ДВ. Таа додава дека „не треба преку други луѓе или механизми, како на пример нотификации и потсетувања, да бидеме навлекувани на тоа. Човек може да ‘потоне’, но мора да биде свесен за тоа”.

Какво е влијанието на социјалните медиуми врз сопствениот живот зависи од личноста, вели Лангер. Некои профитираат од нови мрежи, други чувствуваат притисок и завист поради други корисници на кои се чини дека во животот им оди подобро отколку на конкретниот корисник.

[No title]

Нова апликација ќе внесе повеќе реалност? 

Дали „Be Real“ може да помогне? Новата апликација од Франција сака да внесе поголема автентичност во светот на социјалните медиуми. Во апликацијата нема опција за обработка и филтри на фотографиите и не може да се постира повеќепати едно по друго. Така треба да се доловат реални увиди во животот на корисниците, ветува апликацијата.

- повеќе: Студија: 100.000 деца и млади се зависници од социјални мрежи

Апликацијата преку порака го потсетува корисникот во рок од две минути да направи фотографија. Корисникот не знае однапред во кој дел од денот ќе добие таква порака. Тоа може да се случи претпладне или доцна навечер и се споделува за сите следачи и пријатели. Без разлика дали во моментот сечеш нокти или чистиш по дома, ако добиеш повик за фотографија, тој момент мора да биде овековечен. Објавена фотографија надвор од тој временски прозорец самата апликација ја означува како „задоцнета“. Иницијативата предупредува дека и оваа апликација не е сосема безопасна. Токму млади лица мора да внимаваат во брзање да не постираат нешто што потоа може да им биде непријатно, или да не има на фотографијата уште некое лице кое не сака да биде објавено.

Освен тоа, пораките за секојдневната фотографија може да доведат до тоа корисниците постојано да чекаат само на тој момент и времето што го минуваат на социјалните медиуми да не се намали значително.