1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку вино, малку песна - пoтешките прашања потоа

17 ноември 2023

Во Белград се дегустираше вино на саемот на Отворен Балкан, во Загреб се разговараше и за безбедносните и интеграциски предизвици за Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/4Z1Iz
Српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ на минатогодишниот саем на вино во Белград (од л. кон д.)Фотографија: Government of North Macedonia

Додека премиерите на Северна Македонија и на Црна Гора, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград дегустираа вина (и со песна се развеселија) на вториот саем „Винска визија на Отворен Балкан“, во Загреб се коментираше изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека има информации оти Русија планира да предизвика конфликт на Западен Балкан. „Уверен сум дека европскиот пат на земјите од Западен Балкан е најважниот чекор за мир овде“, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на прес-конференција во Загреб.

По Берлин и Копенхаген, хрватската престолнина е третата станица од турнејата, во чии рамки Мишел води консултации со лидерите на земјите членки, со цел до јуни следната година да се состави петгодишната стратешка агенда на ЕУ. Таа агенда ќе ги содржи клучните приоритети со кои ЕУ ќе се занимава во идниот институционален циклус по европските избори и почетокот на мандатот на новата Европска Комисија и новиот претседател на Европскиот совет.

Покрај прашањата за ревизијата на сегашната финансиска рамка на ЕУ, безбедносните предизвици по руската агресија во Украина, и процесот на проширување на ЕУ, се коментираше и посочената изјава на Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека има информации оти Русија планира да предизвика конфликт на Западен БалканФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

„Руската агресија во Украина ја има таа функција да ги дестабилизира земјите кои граничат со Европската унија“, оцени Пленковиќ. Тој наведе дека такви жаришта има во непосредното соседство на Хрватска и „може да ги има и повеќе“, но не може да „дешифрира“ на што точно мислел шефот на украинската држава.

„Само цврстото закотвување на земјите од нашето соседство во европскиот процес гарантира мир и безбедност“, рече хрватскиот премиер.

Тој повтори дека Хрватска прави максимални напори за повеќе да ја ангажира меѓународната заедница во Западен Балкан.

„Последното што ѝ треба на ЕУ е уште една криза, уште едно жариште“, заклучи Пленковиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Пленковиќ: Само цврстото закотвување на земјите од нашето соседство во европскиот процес гарантира мир и безбедностФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Учење од грешките

Неизвесно е дали ова ќе биде една од темите на денешната средба (17.11) во Белград меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ. Како што соопшти владината прес-служба, на средбата ќе присуствуваат и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Според најавата, меѓу двете министерства за транспорт ќе биде потпишан „Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси“. Српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ, вчера веќе најави дека Меморандумот се однесува за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје.

Во моментов, зајакнувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан се смета за нужен предуслов за јакнење на стабилноста на регионот. На ова вчера се осврна албанскиот премиер Еди Рама, но преду видео обраќање, бидејќи поради ангажман околу негова изложба не бил во можност да присуства на саемот во Белград. Тој порача дека земјите од Западен Балкан треба да се концентрираат на она што ги обединува и изрази уверување дека нивната заедничка иднина значително ќе се разликува од минатото и сегашноста.

„Да учиме од грешките на другите, како и од нашите. Да се обидеме да не ги повториме грешките од минатото, да не заборавиме дека нашите земји треба да коегзистираат меѓу себе за доброто на нашиот народ. Да се обидеме да го надминеме минатото и да го трансформираме нашиот регион во место што го заслужуваат следните генерации“, порача Рама.

Според него, „во сè поповрзан свет, да се зајакне сопствената земја, а без да се зајакне сопственото соседство, е кратковидо“.

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Еди Рама порача дека земјите од Западен Балкан треба да се концентрираат на она што ги обединуваФотографија: Phoenix

Внатрешна реформа

А колку земјите од ЕУ се посветени на зајакнување на соседството? Унијата го стави проширувањето во врвот на нејзината агенда, со надеж дека тоа ќе биде приоритет и по промената на челните институции во ЕУ. Во однос на проширувањето, покрај исполнувањето на критериумите во поглавјата, на процесот се гледа и како на геостратешка алатка за внатрешно зајакнување на Унијата. Според пораките што вчера беа испратени од Загреб, за успешно функционирање на ЕУ во иднина, кога од 27 членки би имала над 30, потребна е внатрешна реформа на процесот на интеграција. Притоа е направен и осврт на разговорите во ЕУ - по прашањето дали правилото за носење одлуки со едногласност треба да се замени со квалификувано мнозинство, за да се спрачи злоупотреба на првото на вето, за процесот на одлучување да биде побрз и поефикасен и да се избегнат можни блокади. Хрватскиот премиер вчера повтори дека Хрватска е против тоа.

„Сметаме дека во некои ситуации сме во подобра позиција да ги заштитиме националните интереси доколку постои правилото на едногласност“, го пренесе Хина ставот на Андреј Пленковиќ од заедничката прес-конференција со Шарл Мишел.