1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен Балкан, Квад, ОБ плус: Соработка или ривалитет?

31 март 2023

Премиерот Ковачевски денеска е во официјална посета на Белград, каде во рамки на ОБ ќе бидат потпишани меморандуми за соработка. Се шири ОБ или е засенет од други инцијативи?

https://p.dw.com/p/4PX4s
Еди Рама, Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски, Отворен Балкан,  Белград
Албанскиот премиер Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски на Отворен Балкан во БелградФотографија: Government of North Macedonia

Пленарна средба на двете делегации, потпишување на меморандуми за соработка и заедничка прес-конференција на премиерите на Северна Македонија и Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ. Ова е дел од агендата на премиерот Ковачевски кој денеска е во официјална посета на Република Србија, придружуван од министерите за внатрешни работи, економија, земјоделство, транспорт, и од заменик-министерот за информатичко општество.

По церемонијата на пречек со највисоки државни и воени почести, и тет-а-тет средбата меѓу македонскиот премиер и неговата српска колешка, двете владини делегации ќе одржат пленарна средба на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, за натамошно продлабочување на односите. Средбата ќе заврши со потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан (ОБ). Македонската владина делегација ќе биде примена и од српскиот претседател, Александар Вучиќ, а ќе има средба и со претседателот на Народното Собрание, Владимир Орлиќ.

„Отворен Балкан плус“

Премиерот Ковачевски, кој од синоќа е во Белград, објави дека му е драго што вечерта е гостин на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на премиерката Ана Брнабиќ.

„Мојата посета ја започнувам со пријатна заедничка прошетка низ убавото шеталиште покрај Сава во Белград. Споделивме размислувања за цврстото пријателство, соработката, партнeрството меѓу нашите две земји, како и визијата за иднината на Западен Балкан“, објави Ковачевски на Фејсбук, споделувајќи фотографии на кои во заднината се гледаат градбите од проектот „Белград на вода“.

Српскиот претседател на прошетката и даде инспиративно значење.

„Велат дека во тек на добра прошетка се смислуваат најдобри планови и се водат најпријатни разговори. Додека со гордост му покажувам на пријателот Димитар Ковачевски колку се изградил Белград, разменуваме мислења за ширење на иницијативата ‘Отворен Балкан’, за ЕУ-патот на нашиот регион, позицијата и перспективата на Западен Балкан на геополитичката мапа на Европа и светот, но и за плановите за претстојните средби и нови проекти за поврзување“, објави Вучиќ на Инстаграм.

За ширење на инцијативата ОБ, пред неколку дена говореше српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Тој по неговата средба со унгарскиот колега Лазар Јанош во Будимпешта, изјави дека Унгарија и Србија ќе испратат покани до Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Грција и Турција за да дојдат во Белград на разговори за развој на брза железница во регионот.

„Да разговараме за продолжување на брзата железница кон Албанија, односно преку Северна Македонија кон Грција и преку Бугарија кон Истанбул. Така што, брзата железница навистина би имала смисла и ќе ги поврзе нашите две земји со турскиот и грчкиот брег за патнички и карго сообраќај“, изјави Весиќ.

Тој посочи дека оваа иницијатива се совпаѓа со иницијативата Отворен Балкан и дека, кога станува збор за железничкиот сообраќај, може да биде еден вид „Отворен Балкан плус“.

Самит на Отворен Балкан во Белград, Србија
Самит на Отворен Балкан во Белград, Србија, септември 2022 годинаФотографија: Government of North Macedonia

„Албански свет...“

Но, она што отвори прашања во српската јавност, е дали неформалниот форум QUAD/КВАД промовиран пред два дена во Скопје, како платформа на четири земји - РСМ, Црна Гора, Косово и Албанија, има цел да му конкурира на Отворен Балкан, и со какви мотиви?

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред два дена објави дека во Скопје лансирал нова платформа „Западен Балкан КВАД - 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ“, заедно со министерката за надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети, и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ.

„По агресијата на Руската Федерација врз Украина, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, но уште пошироко со позициите и вредностите на демократскиот свет, се претвори во еден од најважните приоритети на земјите аспиранти за членство во ЕУ, но и како јасна порака каде овие земји припаѓаат“, порача Османи по воспоставувањето на неформалниот форум QUAD/КВАД.

Притоа е потенцирано дека секоја од четирите земји поединечно, се покажала како доверлив партнер на НАТО и ЕУ, со усогласување со режимот на санкции на ЕУ и САД, но и преку конкретна хуманитарна и друга техничка помош за Украина.

Според српскиот дипломат Зоран Миливојевиќ, евидентно е дека се работи за ново регионално организирање инспирирано од Вишеградската четворка и од Брисел, во функција на јакнење на евроинтеграциите и приближување кон ЕУ.

„Секако, овде се отвора прашањето дали оваа организација ќе биде некоја конкуренција на ОБ и во каква смисла. И сосема е сигурно дека прашањето на ОБ и неговото проширување сега добиваат друга димензија (...) Има три работи кои заслужуваат вимание. Првата е дека во ова ги нема Србија и Босна и Херцеговина, каде српскиот елемент е посебно изразен. Втрото е обид да се афирмира косовска државност, и преку вклучување во оваа регионална иницијатива Косово дополнително да се афирмира и да влезе во контекст на евроинтрегациите, користејќи го тој канал. Третото би било со вакво организирање и интегрирање да се зајакнат НАТО и ЕУ, односно нивната доминација на овие простори“, вели српскиот дипломат.

Но, гледа и намера за јакнење на албанскиот фактор во регионот.

„Интересно е што ова е промовирано баш во Скопје, каде албанскиот фактор има одредена тежина, дека се вградени Албанија и т.н. Косово како доминантно албански средини, а албанскиот фактор е присутен и во Црна Гора, и тука се заокружува еден евидентен албански простор, кој одговара на она што во иднина би можело да значи „голема Албанија“, секако со исклучок на Грција“, оценува дипломатот.

„Српски свет...“

Од друга страна, сомнежи за слични намери има и кон постапките на Србија. Кандидатот за уште еден претседателски мандат во Црна Гора, Мило Ѓукановиќ,како гостин на Институтот за мир на панел на панел за безбедноста во Европа, изјави дека Србија се обидува да владее со земјите од регионот.

„Западниот Балкан е реплика на она што Русија се обидува да го направи во својот регион. На Балканот сега имаме обид за создавање српски свет како некој вид продолжение на рускиот свет во рускиот регион, и како што тие се обидуваат да го вратат влијанието што го имаше Советскиот Сојуз, тоа истото го прави и Србија. Тоа се ретроградни политики, тие не сакаат да владеат со своите земји, тие сакаат да владеат со нации. Тоа го гледаме во регионот, каде Србија се обидува да владее со Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија. И би кажал дека, за жал, таа политика сè уште не добила соодветен одговор од нашите западни партнери“, наведе Ѓукановиќ, во финишот на кампањата за претседателските избори на 2-ри април.

Домашни аналитичари се воздржуваат од коментар, со став дека немаат детални информации ни за КВАД, ни за ширење на Отворен Балкан.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи