1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иранската економија е во грч

Самира Никаеен / Елизабета М. Фиданоска14 јуни 2013

Многу невработени, галопирачка инфлација, намалена потрошувачка - иранското стопанство е на дно. Санкциите на Западот се само делумно виновни за тоа. Многу од проблемите се од домашно производство.

https://p.dw.com/p/18oef
Фотографија: chn.ir

Невработеноста, сиромаштијата и инфлацијата го изменија од корен животот на многумина Иранци во последните години. Земјата се бори против драматична инфлација и влегува во се‘ подлабока економска криза. Цените на основните прехранбени намирници растат речиси секојдневно.

„Моето семејство не може да си го одржи нивото на живот на кое сме навикнале“, раскажува Мохамад, млад информатичар од Техеран. „Не зборувам за луксузен живот, туку за основни работи, како шише млеко за појадок. Многу семејства во меѓувреме загубија надеж. Се откажуваат од многу работи и купуваат се‘ помалку намирници.“ Мохамад вели дека порано често одел со пријателите во кафуле, но сега тие пари ги штеди.

На крајот на март иранскиот Завод за статистика официјално соопшти дека стапката на инфлација во последната иранска година (20 март 2012 - 20 март 2013) се искачила на 30 проценти, што е нов рекорд во историјата на земјата. Цените на прехранбените производи за една година се зголемиле за 60 проценти. Економските експерти оценуваат дека вистинските бројки се далеку повисоки.

Bildergalerie Iran Bankensystem vor dem Kollaps
Инфлацијата е високаФотографија: MEHR

Откако во сила стапи ембаргото за нафта од ЕУ и САД, на средината од 2012 година, валутата риал загуби многу на вредност. Во моментов, во менувачниците во Техеран, еден американски долар се разменува за 35.000 риали, а пред девет месеци чинеше 20.000 риали. Трговците во Техеран зборуваат за драстично намалена куповна моќ на потрошувачите.

Недостиг на лекови

Иако лековите се изземени од листата со санкции на ЕУ и САД против Иран, странските фармацевтски концерни избегнуваат зделки со исламската република. Причина за тоа се меѓународните санкции против иранската Централна банка, со што е отежнат трансферот на пари. Во земјата со месеци има недостиг на лекови за болести како рак, дијабетис или мутипле склероза.

Medikamente einer Apotheke im Iran
Често се купуваат лекови имитацииФотографија: Mehr

Црниот пазар во Техеран го освојуваат генерички лекови од земји како Кина, Пакистан и Индија. Меѓутоа, тие за многумина се прескапи, вели вработена во една болница во Техеран, која сака да остане анонимна. „Имаше и случаи во кои пациенти добиле епилептични напади поради тоа што пиеле лекови за смирување кои биле имитации, или случаи во кои луѓе умираа поради инјекција со пеницилин која била фалсификат.“

На крајот на декември 2012 година иранската министерка за здравство Мариех Вахид Дастјерди беше сменета од функцијата поради тоа што остро ја критикуваше владата дека е неспособна да најде пари за увоз на лекови.

Нема плати

Поради економската криза голем број фабрики не се во состојба да им исплатат плати на вработените, што често е причина за штрајкови. Иранската автомобилска индустрија особено силно ги чувствува последиците од санкциите, вели Џафар Азимзадех, шеф на Слободниот синдикат на работниците во Иран. „Парите што еден работник во фабрика во Иран ги заработува се доволни само за да се плати станарината за стан од 50 квадратни метри во некој од работничките квартови.“

Verkauf von Nüssen in Teheran Iran
Цените постојано растатФотографија: borna

Државниот додаток за трошоци за живот, што владата веќе подолго време го дели, е чиста пропаганда, вели Азимзадех. „Моето семејство има четири члена и добиваме 1,8 милиони риали (околу 40 евра). Тој износ не е доволен ниту за џепарлак за тинејџер.“

Криза имаше уште пред санкциите

Заострувањето на санкциите без сомневање ја ставија под притисок економијата на земјата, но експертите нагласуваат дека длабока економска криза имало уште пред санкциите.

„Инфлацијата се должи на економската политика на владата на Ахмадинеџад“, оценува Шахин Фатеми, експерт за Иран и професор по економија во Париз. Според него, ниту сегашната влада на Ахмадинеџад е во состојба да ја ослободи земјата од криза ниту тоа може да го стори некоја идна влада.

Brot Iran Wirtschaft
Пари нема дури ниту за основнотоФотографија: IRNA

Владата во 2011 година ги скрати субвенцииите за енергија и прехранбени намирници, потег што првично беше поздравен од ММФ. Експертите, меѓутоа, критикуваат дека кратењето на субвенциите било направено пребрзо и прерадикално. Истовремено, биле исплатени милијарди државни пари за додаток за животни трошоци. Тие пари биле веднаш „изедени“ од радикално зголемените цени за енергија и храна. Централната банка, благодарение на приходите од нафтата, долго време вештачки го држеше курсот на риалот низок, но заострените санкции, пред се‘ ембаргото за иранска нафта, беа последен удар за и онака лошата состојба на стопанството.

Санкциите и хиперинфлацијата речиси и не ги допираат владините функционери и милионерите во Иран. Подолните слоеви на насeлението се тие што стануваат се‘ посиромашни и тоа во земја која има трети по големина резерви на нафта во светот.