1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава обезглавила американски новинар

АЖ/дпа/афп/ртре20 август 2014

Наводно поради oдмазда за американските воздушни напади во Ирак, терористичката милиција Исламска држава објави на интернет видео кое покажува отсекување на главата на американски новинар.

https://p.dw.com/p/1CxKH
Фотографија: dapd

Џихадистите од исламистичката сунитска група Исламска држава (ИД), емитуваа на интернет видео снимка на која е прикажано убивањето американски новинар. Станува збор за Џејмс Фоли (на насловната фотографија во Алепо, Сирија, во 2012 година), фриленс-новинар кој беше заробен од исламистите во Сирија пред крајот на 2012 година.

Во соопштението на џихадистите се вели дека убиството на Фоли, со отсечување на главата, е „одмазда за американското бомбардирање“ врз позициите на Исламска држава во северен Ирак. Фоли е прикажан како коленичи, додека го држи еден од џихадистите кој е целосно маскиран за да не може да биде идентификуван. Целата сцена, според сликата, треба да означи дека се случува во пустински пејасаж, а исламистичкиот милитант кој го чита текстот што оди со снимката зборува англиски јазик со британски акцент. Видео снимката е означена како „Порака до Америка“ и таа треба да биде предупредување до САД дека ќе следат одмазнички акции против американските интереси и против Американци во регионот како одмазда за американското мешање во Северен Ирак.

Во тој дел од земјата, џихадистите на просторот што го имаат претходно освоено, настојуваат да создадат исламистички калифат, откако ќе ги прогонат и ќе ги убијат сите кои живеат таму, а не се сунити: Језидите, ирачките христијани и сите шиити.

Џејмс Фоли беше подолго време присутен на Блискиот Исток, работејќи како известувач за разни весници и новински агенции, вклучувајќи ја и француската АФП. На видеото се гледа и уште еден американски новинар, Стивен Сотлоф, киднапиран во август минатата година. Засега нема независна потврда за јавната ликвидација на новинарот, ниту за оригиналноста на видео снимката.

Кејтлин Хајден, портпаролката на Националниот совет за безбедност на американскиот претседател, изјави дека тајните служби „со полна пареа работат на утврдувањето на автентичноста на видеото.

„Доколку е ова вистина, тогаш ние сме запрепастени од бруталното убиство на невин американски новинар“. Барак Обама, кој се враќа од одмор, бил информиран за случајот.