1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џихад „Мејд ин Косово“

Бахри Цани / Е.М.Фиданоска22 август 2014

Во текот на изминатата недела на Косово, за два дена беа уапсени 43 исламистички екстремисти. Истрагата продолжува, затоа што има уште десетици други осомничени. Истовремено, се зголемува стравот од терористички напади.

https://p.dw.com/p/1Cz4E
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поводот за најголемата акција на апсења на Косово по војната во 1999 година беше ужасен и варварски - косовскиот џихадист Мавдрим Мухаџери на Фејсбук постираше фотографии пред и по обезглавувањето на едно 19-годишно момче од Сирија, каде тој инаку се бори на страната на Исламска држава (ИД). Фотографиите беа објавени во речиси сите косовски весници и интернет портали и кај Косовците предизвикаа огорченост и длабок шок. Претседателката на најмладата држава во Европа, Артифете Јахјага, веднаш најави преземање соодветни мерки: „Косово нема да биде сигурно пристаниште за терористи“, рече таа.

Страв од терористички напади

Нема точни податоци за бројот на косовски екстремисти и терористи кои се наоѓаат во Сирија и Ирак. Косовската полиција проценува дека нивниот број е меѓу 100 и 200. Официјално се знае само дека во последните недели најмалку 16 тела од Ирак и Сирија се вратени на Косово. Се претпоставува дека во државата има уште неколку стотици исламистички екстремисти. „Минатата недела уапсивме 43 осомничени екстремисти. Се наоѓаме среде истрага. Сепак, треба да се смета со тоа дека и во наредните денови ќе има апсења“, изјави за ДВ портпаролот на косовската полиција Баки Келани.

Медиумите на Косово јавуваат за уште најмалку 56 осомничени лица на кои им претстои апсење. „Безбедносната состојба на Косово е стабилна“, вели Келани, додавајќи дека опасноста од терористички акции не може сосема да се исклучи. „Сепак, полицијата и другите безбедносни структури на Косово се во состојба да воспостават повторно ред и безбедност во земјата.“

Во Косово и Албанија се зголемува стравот од можни напади од страна на радикални исламисти и теросити. Според косовските медиуми, постоеле закани од можна терористичка акција на исламистите за време на филмскиот фестивал „Докуфест“ (14.-24.08.2014) во Призрен, каде се наоѓа и базата на околу 700 германски војници кои се стационирани на Косово. Неодамна возбуда предизвика и пораката на еден од лидерите на џихадистите, Абу Бекр ел-Багдади, кој за време на светиот месец Рамазан објави планови за „исламистички калифат“. Овие планови беа објавени на шест јазици - англиски, германски, француски, руски, турски и - албански.

Неканети „гости“

Исламот на Косово има традиција над 500 години. Повеќе од 90 процени од околу 1,8 милиони жители на Косово се муслимани, и тоа речиси исклучиво сунити. Уште пред војната на Косово во 1999 година на Косово имаше 560 џамии, а денес ги има речиси 700 на број. Исламската заедница на Косово (БИК) важи за многу добро организирана. „Со полна одговорност велам - под контрола ги имаме сите џамии и имами“, вели првиот човек на БИК, Наим Трнава за ДВ. Но однадвор доаѓаат многу „гости“, со оглед на тоа што границата е многу отворена. „По војната можеше секој да дојде и да си замине, според сопствена желба. Затоа дојде до индоктринација на дел од нашата младина“, вели Трнава.

Suzi Moschee in Prizren
Денес на Косово има речиси 700 џамии, а Исламската заедница на Косово (БИК) важи за многу добро организиранаФотографија: DW/R. Alija

Аналитичарот Хаки Абази, прв човек на фондацијата „Rockfeller Brothers“ во Приштина, оценува дека причина за подложноста на младите на Косово на радикално-исламистичка пропаганда е пред се‘ лошата економска состојба. Невработеноста на Косово изнесува околу 40%, многу луѓе живеат во сиромаштија и без перспектива дека наскоро ќе биде подобро.

Влијание однадвор

Поради тоа, многумина се подложни на влијанието од арапските земји, кои по војната на Косово основаа повеќе невладини организации и оттогаш и ги финансираат. Според најновите медиумски информации, овие организации само во последните 12 месеци добиле финансиска помош од повеќе од 25 милиони евра од Либија, Либан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Безбедносните органи се сомневаат дека зад ваквите невладини организации се кријат екстремистички групи.

Покрај тоа, на Косово од неодамна има и четири т.н. куќи за молитва, значи приватно изнајмени куќи кои служат за молење. Според Трнава, таму се собираат претставници на радикални групи и нивни приврзаници. Тоа е и една од причините зошто полицијата пред неколку дена затвори една таква куќа во Приштина.

Тоа е дел од најавената „бескомпромисна борба“ на косовската влада против секаков вид екстремизам. „На Косово нема место за екстремизам, радикализам и тероризам. Косово е слободна и независна држава, која со помош на ЕУ и САД ќе продолжи со борбата за доброто и против злото“, изјави косовскиот премиер Хашим Тачи во едно интервју за ДВ.