1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грас одново го откри романот

Ута Тоферн/З. Јордановски16 април 2015

Светот деновиве се прости од двајца големи писатели. Гинтер Грас и Едуардо Галеано. Шпанско-перуанскиот писател Марио Варгас Љоса (на фотографијата) имаше блиски пријателски врски со двајцата

https://p.dw.com/p/1F9Cj
Фотографија: AFP/Getty Images/A.-C. Poujoulat

ДВ: Како ја примивте веста дека починаа Гинтер Грас и уругвајскиот писател Едоардо Галеано?

Љоса: Со тага, оти беа двајца важни писатели. Гинтер Грас, според мое мислење, беше еден од најважните писатели на 20. век. Неговиот роман „Лимениот барабан“, со кој тој стана славен, е една од најважните книги што се напишани во 20. век - што се однесува на квалитетот на неговиот јазик, но и на симболичната сила на приказната, која на уникатен начин ја рефлектира драмата на Втората светска војна. Со тоа Грас со право наиде на признание во светот. Освен тоа, сметам дека Грас претставува писател какви што има се помалку - тој политички се ангажираше и активно учествуваше во јавните дебати. Мислам дека денес речиси и нема таков тип на писатели.

Со Галеано пак, бевме, така да се каже, спротивставени полови, но тоа не ме спречува да признаам дека тој даде важен интелектуален придонес. Но, сметам дека неговите тези за Латинска Америка беа апсолутно извртени и неговото дело „Отворените артерии на Латинска Америка“, кое го направи толку познат, е малку преценето. Но, Галеано има литерарен талент и интелектуална релевантност. Треба да се истакне неговото учество во граѓанскиот и политичкиот живот, оти - како што споменав - помладите писатели таа улога веќе не ја преземаат.

ДВ: Во колкава мера политичкиот став на Грас влијаеше врз неговото дело?

Љоса: Грас бранеше работи во неговата земја, што јас ги сметам за многу респектабилни. Тој ги напаѓаше левите и комунистите оти веруваше во демократијата и ја бранеше СПД (Социјалдемократската партија на Германија, н.з.). Ние имавме спорови оти тој сметаше дека Латинска Америка треба да го следи примерот на Куба. За мене тоа е противречно - тој ја бранеше демократијата, но за Латинска Америка го посакуваше комунизмот. Прашав: Што е разликата меѓу Европа и Латинска Америка, за ние да мораме да трпиме комунистички диктатури, а Европејците можат да ги уживаат демократијата, плурализмот и слободата на печатот, како и признавањето на човековите права. Мислам дека и Грас го споделуваше она, што, за жал, го застапуваа многумина европски интелектуалци - тие два патишта: за Европа демократија, но за Латинска Америка утопија со герилци, бомби,, граѓанска војна и револуција. Многумина Евроипејци ја проголтаа таа апсолутно романтична и погрешна претстава и тоа нам многу ни наштети. Тоа беше причината за спорот, инаку нашите односи беа многу срдечни и до крајот останавме пријатели.

ДВ: Со неколку зборови - што загуби светот на литературата?

„Верувам дека делото на Гинтер Грас уште долго ќе ја развива својата сила, оти тој остави голем број романи. Ќе останат во сеќавање „Лимениот барабан“ и „Кучешки години“. Но, имаше и други романи, како „Дер Бут“ (вид риба, н.з.), кои не поминаа толку добро. На таа книга тој долго работеше, но не му беше вистински успешна. Но, тој секогаш опстојуваше на својот проект - да го промени светот на романот, неговиот стил и структура. Без било какво асомневање Гинтер Грас ќе остане во сеќавање како еден од најзначајните автори на нашето време.

Марио Варгас Љоса е роден во 1936 година во Перу. Во 1959 дојде во Европа, а подоцна, во 1990, беше претседателски кандидат во Перу. Неговиот политики став водеше од комунизам кон граѓанска демократија. Во 1996 година ја доби Мировната награда на германските книжари. Нобеловата награда за литература му беше доделена во 2010. година.