1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јуратовиќ: Државата прва мора да го почитува правото на штрајк

Катерина Блажевска30 септември 2014

Не знам дали во Европа има други примери на легализирање на штрајкбрехерство, ако ги има, треба да се менуваат-мора да се оди по примерот на најдобрите решенија за општеството, а не по најлошите, оценува Јосип Јуратовиќ

https://p.dw.com/p/1DMUd
Фотографија: DW/A. Slanjankic

Јосип Јуратовиќ, пратеник на Социјалдемократската партија во Бундестагот, член на парламентарната Комисија за надворешни работи и известувач за Југоисточна Европа, во интервју за Дојче веле зборува за последиците врз синдикалните и човекови права во Македонија од кршењето на Конвенцијата 87 на Меѓународната организација на трудот (МОТ), како и за неопходноста од усогласување на законите така што ќе овозможат социјален дијалог на фер начин. Разговорот со него е реализиран непосредно пред завчерашната одлуката на СОНК да го стави во мирување штрајкот најавен за вчера (29.09) и да ги продолжи разговорите до крајот на декември за остварување на барањата на вработените во образованието.

ДВ: Измените на законите за основно и средно образование во делот на штрајкот се во директна спротивност со Конвенцијата 87 на МОТ, чиј потписник е Македонија, со што таа стана дел од внатрешниот правен поредок на земјата. Дали со нејзиното непочитување Македонија може да се легитимира како правна држава?

Јуратовиќ: „Мислам дека Владата на Македонија си подготвува за себе поволни законски услови, бидејќи врз неа нема контрола од страна на Парламентот, со оглед дека најголемата опозициска партија навредена од изборните резултати не ја претставува волјата на оние кои и‘ ја дале довербата, а со тоа и поделбата на трите власти, што е темел на демократската форма на владеење, се сведува на апсурд. Сега не им користи ни солидарноста со штрајкувачите, ни жалбата до Меѓународната организација на трудот, бидејќи првото прашање ќе биде - каде биле тие во Парламентот кога се носеле одлуките и каде е нивниот предлог. Закон, во кој државата себеси си дава легитимитет за организирање на штрајкбрехери, е само доказ повеќе за неспособноста на Владата да води фер дијалог. Не знам колку невработени професори има во Македонија кои може да служат за резерва. Но, не е доволно нови професори само привремено да се ангажираат како замена, бидејќи, пред се‘, тие треба да се подготват за тоа. Дури и кога такво нешто би можело да се толерира, тоа е практично неспроведливо. Што се однесува до повредата на меѓународни конвенции, оваа не е ни прва ни последна. Со оглед на политичката ситуација во Македонија, подолго време тоа никого не го зачудува. Имено, тоа е доказ повеќе дека Македонија по прашањето за интеграција има многу потешки пречки за влез во ЕУ, освен спорот за името со Грција. А тоа е почитување на демократските правила на игра“.

ДВ: Во овој случај станува збор и за повреда на Уставот на Македонија, во кој рестрикции за штрајк се предвидени само за војската и полицијата. Дали е ова опасен преседан кој во иднина може да биде (зло)употребен и за други професии, односно струкови синдикати кои би донеле одлука за штрајк?

Јуратовиќ: „За жал, имам впечаток, а не сум единствен во Европа кој го има тој впечаток, дека во Македонија веќе ништо не е свето. Уверен сум во тоа дека оваа Влада е подготвена на се‘ за да си обезбеди власт и дека уште многу главоболки ќе и‘ подготви на Европа, а најмногу на граѓаните на Македонија“.

ДВ: Колку ваквите законски измени дополнително ги слабеат и ги обесхрабруваат и другите синдикати?

Јуратовиќ: „Уверен сум во тоа дека ваквите механизми и постапки на Владата ги обесхрабруваат и другите синдикати и дека тие стануваат уште поскептични во системот на владеење, во неговиот однос кон општеството и кон основните права и слободи“.

ДВ: Родителите беа предупредени дека ќе мораат да платат казни од 1.000 до 2.000 евра, ако не ги пуштат децата во училиште за време на евентуален штрајк. Што би требало родителите да прават во такви ситуации?

Јуратовиќ: „Според мене, нормално е дека местото на децата им е во училиште. Но исто така, уште понормално е тие деца да бидат згрижени, за што е одговорно училиштето. Но, се‘ додека училиштето не е во состојба да обезбеди нормална настава и сигурност на децата, мислам дека е неодговорно да се бара од родителите да ги испраќаат во училиште и да бидат уценувани со казни и суми кои се превисоки за нив. Бидејќи јас на родителите не можам да им гарантирам правна сигурност, можам да им го препорачам ова: Ако имате можност, одете за секој случај заедно со вашите деца до училиштето и проверете дали е обезбедена настава или не!“

ДВ: Што им предлагате на социјалните партнери за да се деблокира овој процес? Дали главен предуслов за почеток на разговори треба да биде повлекување на спорните законски одредби за времена замена на штрајкувачите?

Јуратовиќ: „Бидејќи се работи за институции кои би требало да имаат најголем степен на сериозност, а пред се‘, одговорност и да бидат главен пример за другите во општеството, потребно е на фер начин да водат социјален дијалог. Правото на штрајк е основно човеково право и државата мора да биде прва која кон тоа право ќе се однесува со уважување и почитување. Законите се тука за да се спроведуваат. Значи, државата мора своите законски одлуки да ги креира така што тие нема да ги кршат основните човекови права загарантирани со Уставот. Државата е, пред се‘, одговорна за социјалниот мир. Затоа, законите треба да ги усогласи на начин со кој социјалниот дијалог ќе биде овозможен на фер начин“.

ДВ: Како го толкувате односот на другите синдикати во Македонија, кои, со мали исклучоци, се оградија од штрајкот на СОНК?

Јуратовиќ: „Немам конкретни информации зошто другите синдикати се резервирани. Можеби поради искуства од слични ситуации во минатото. Со оглед на општествено-политичката ситуација во Македонија, лично не би ме зачудило ако во овој случај најмалку се работи за подобри услови на вработените во образованието, туку дека просветарите повторно се предмет на политикантство на Владата, политичките партии и на одредени синдикални лидери. Се надевам дека вработените сепак ќе имаат некаква корист од оправданата борба за подобар живот и дека целата таа акција нема само за цел смена на министерот за образование, на пример, поради неспособност за водење социјален дијалог“.

ДВ: Има ли примери во регионот и во Европа, каде на ваков начин е легализирано штрајкбрехерството?

Јуратовиќ: „Не сум сигурен дали во Европа има слични примери, но ако ги има, исто така треба да се менуваат. Европа мора да оди по патот на максимални стандарди, значи според примерот на најдобрите решенија за општеството, а не според најлошите“.