1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункеровите милијарди: ЕК претстави програма за инвестиции

Бернд Ригерт / Е.М.Фиданоска26 ноември 2014

Европската комисија има намера да впумпа 315 милијарди евра во економијата. Шефот на ЕК Жан-Клод Јункер сака да ги убеди земјите членки на ЕУ дека фондот за инвестиции е добра работа. Зашто, парите треба да ги дадат тие.

https://p.dw.com/p/1DuDF
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Жан-Клод Јункер, новиот шеф на Европската комисија (ЕК), пред три недели вети дека уште пред Божик ќе претстави огромна програма на ЕУ за инвестиции, со цел да се поттикне економијата која е во стагнација. „Божик годинава е порано од вообичаеното“, рече денеска (26.11) Јункер самоуверено при претставувањето на својата програма во Европскиот парламент во Стразбур. Јункер ги отвори картите на маса на дури четири недели пред Божик. ЕК сака да пренасочи 16 милијарди евра од постоечкиот буџет на Унијата. Од Европската инвестициска банка (ЕИБ), треба да дојдат пет милијарди евра. Овие 21 милијарди евра го чинат фундаментот на новиот „стратегиски инвестициски фонд“ што Комисијата сака да го основа. Со овие пари потоа, во наредните три години, би требало да се привлечат вкупно 315 милијарди евра инвестиции во приватното стопанство и од приватни вложувачи, со тоа што ЕУ ќе го преземе ризикот за проектите и инвестициите.

Лост-ефект со фактор 15

„Секое евро за овој фонд кое дошло од јавни средства може да мобилизира 15 евра за инвестиции“, ветува претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер. Овој „лост-ефект“ е познат од други продукти на финансискиот пазар и фондови за спас на банки кои ЕУ ги создаде во текот на финансиската криза. Јункер својата идеја за инвестициски фонд ја нарече пресвртница која е амбициозна, но во која може да се има доверба. „Европа може да и‘ даде надеж како на својата млада генерација, така и на остатокот од светот. Тоа е ротациона платформа за работа, пораст и инвестиции, која многу ветува.“

Symbolbild Sammelpaket Euroländer Eurokrise
Инвестицискиот пакет кој треба да тежи милијарди евра, според дел од европратениците, е празенФотографија: Fotolia

Согласност за фондот треба да дадат и Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Како 16-те милијарди од фондот на Унијата, така и 5-те милијарди евра од Европската инвестициска банка, на крајот на краиштата, ќе ги дадат земјите членки на ЕУ. Претседателот на ЕК Јункер тврди дека станува збор за свежи пари: „Тие пари се дополнителни, покрај сите веќе постоечки програми со кои се инвестираат пари во инфраструктурата, истражувањата и малите и средни претпријатија во Европа“, нагласи тој во текот на дебатата во ЕП.

„Празен пакет, а не свежи пари“

Критичарите, како европратеникот Маркус Фербер од редовите на Христијанско-социјалната унија му префрлаат на Јункер дека во излог става празен пакет. „Тоа нема да создаде дополнителна вредност“, изјави Фербер за радиото Дојчландфунк. И европратеникот на Левицата, Димитрос Пападимулис, во Стразбур изјави дека нема дополнителни средства, ниту едно евро. Инвестицискиот пакет е празен, нагласи тој.

Сојузот на германската индустрија и канцеларката Ангела Меркел генерално застанаа зад плановите на Јункер. Сепак, од германската влада се вели дека со скепса се гледа на дополнителните гаранции за ризични инвестиции.