1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трошиме на чоколада, а немаме за леб!

Катерина Блажевска2 март 2015

Новата, шеста по ред „бомба“ на лидерот на опозицискиот СДСМ, Заев открива контроверзни разговори меѓу министрите за финансии и внатрешни работи за тоа како се трошат државните пари

https://p.dw.com/p/1EjvR
Фотографија: Petr Stojanovski

Во таканаречената шеста „бомба“ на опозицијата, лидерот на СДСМ Зоран Заев презентираше 11 разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и министерот за финансии Зоран Ставрески, кои откриваат повеќе детали за нелогични буџетски трошења за реклами и споменици во услови кога биле доведени во прашање платите на администрацијата, работните места и работата на клучни ресори меѓу кои особено на МВР.

Поголемиот дел од разговорите меѓу нив се однесуваат на периодот на ребаланс на буџетот за 2012 година, дел на проекции на буџетот за 2013, но и за 2014.

Груевски загубил контакт со реалноста

Признанијата во презентираните разговори лично ги даваат двајцата соговорници кои меѓусебе во доверба разговараат за хаосот во буџетот, за колапсот на економијата, и за притисоците што ги вршел премиерот Никола Груевски за кого повеќепати констатираат дека изгубил контакт со реалноста.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Гордана ЈанкуловскаФотографија: MIA

Во еден од разговорите Ставрески лично го критикува Груевски дека премиерот побарал уште 100 слики за музеј, а Јанкуловска се жали оти тоа се случува во време кога нејзини полицајци спијат на железни кревети, на ќебиња на кои пишува ЈНА.

Во друг разговор, Ставрески се жали дека премиерот среде ноќ му нарачувал кредит од 700 милиони евра: „Ми се смачи, и ми идеше да грабнам телефон и да му ја скршам главата. Ме тера да направиме незаконско нешто. Не јас, Миле (Јанакиески) и Владо (Пешевски) треба да потпишат со тие Кинезите, а не сакаат луѓето да потпишат. И во право се што не сакаат, а знаеш што треба да потпишат? Договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштава без тендер“. Јанкуловска се согласува со него дека не може тоа така. Ставрески констатира дека Груевски изгубил контакт со реалноста.

Во следен разговор Ставрески се жали дека „копиљот Орав ќе го тужел ресорот финансии поради тоа што ИПА средствата останале неискористени“. Притоа Јанкуловска вели „исфрустриран е тој“. Ставрески смета дека причината за таа фрустрација е тоа што тој не ги слуша „ми нудат буџетска поддршка од 20 милиони евра, а со тоа сакаат да ми влезат во трезорот и да копаат“. Од разговорот останува нејасно што сакал Ставрески да скрие од мисијата на ЕУ.

Корупција во Битола

Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав се споменува во уште еден разговор во контекст на инцидентите пред општина Центар. Јанкуловска му се жали на Ставрески дека и се јавил амбасадорот Орав и се интересирал за инцидентот. Орав и соопштил дека тргнал на викенд кога му се јавиле од Брисел да се интересираат што се случува пред општината. „Тој ми вели ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ никаде го нема. Велам, видете јас како министер за внатрешни можам да ви кажам дека тоа што е надлежност на полицијата ние го правиме, ова-она, професионалност, дрн-дрн“, му објаснува Јанкуловска на Ставрески како го информирала ЕУ амбасадорот за настаните.

Во еден од разговорите Ставрески се чувствува навреден што премиерот Груевски не му се заблагодарил за тоа како ја санирал ситуацијата во моментот околу буџетот и за други мерки, туку од Турција му пратил порака само за да се интересира зошто „Ставрески го направил лом тогашниот директор на Лотарија Дане Кузмановски“. Ставрески реагира и на корупцискиот скандал направен од битолскиот градоначалник Владимир Талевски за кого вели дека е тежок криминалец. Според разговорот, битолскиот градоначалник склучил договор со „Транскоп“ по 10-пати повисоки цени, но и покрај тоа барал да му се надоместат некакви буџетски трошоци во општината иако во моментот имал вишок на сметката. „На Кире Божиновски (генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ) му се јавував да изврши притисок пошто копилето игра крајно нечисто, кај што е неспособен, кај што е тежок криминалец, ама и перфиден глумец е тој. Со такви копилиња се занимаваме“, и се жали Ставрески на Јанкуловска.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

„Ние сме забегани“

По серија жалби на сметка на премиерот и генерално на политиката на владата, Гордана Јанкуловска децидно му вели на Ставрески: „тој термин што го употребуваат комуњариве (за трошењето на владата) 'забегани' тој е тој. Стварно мислам е оригинален“. „Горде, Америка да бевме немаше да издржиме. Патеки околу ова, патеки околу она, Аква-паркови, не знам што правиме. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Треба да разбереме дека е ненормално. Трошиме на чоколада, а немаме леб дома. Тоа го правиме ние“. Јанкулоска се согласува со него и разговорот го завршува со следната констатација: „Види, ние кратиме свесно и ирационално се однесуваме. Ги сведуваме основните функции под минимум, а ваму градиме не знам што. Државата не ни функционира“.

На крајот Заев констатираше дека Македонија ја живее најголемата политичка криза досега. „Секој ден Никола Груевски ја внесува во уште подлабока криза, и се надевам дека нема да направи некоја поголема белја, во смисла на немири или слично“. Од сето ова очекува политичка разрешница, бидејќи не се надева на правна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи