1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јазот меѓу богатите и сиромашните се‘ поголем

Н. Веркхојзер / Е.М. Фиданоска24 април 2014

Се‘ помалку луѓе во Германија имаат удел во благосостојбата во земјата, се жали Сојузот на здруженија од социјалната сфера и здравството. Според сојузот, за тоа е виновна „социјално-политичката игнорантност“ на владата.

https://p.dw.com/p/1Bnxs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Благосостојбата во Германија е се‘ поголема, но од тоа профитираат се‘ помал број луѓе, предупредува претседателот на Сојузот на здруженија од социјалната и здравствената сфера во Германија, Ролф Розенброк. Според Розенброк, „стапката на сиромаштија е највисока досега и изнесува 15,2%“. Социјалното заедништво е разнишано и тоа долгорочно го загрозува развојот на Германија, предупредува тој.

Во најновиот извештај на Сојузот на здруженија од социјалната и здравствената сфера се наведени цела низа причини кои довеле до ваков развој: во земјата има малку невработени, но многу од вработените имаат т.н. мини-џоб, или имаат лоша платена работа или ограничени договори за работа. Бројот на лица кои долг период се без работа е висок, а тие лица не добиваат доволно поттици за повторно враќање во светот на вработените. Недоволно ефикасна е државната помош и за повеќе од два милиони деца и млади кои живеат во сиромаштија.

Приватното богатство во Германија е распределено нееднакво. Најсиромашните 20% од населението имаат во просек по 4.600 евра долгови, додека најбогатите 10% имаат во просек богатство од 1,15 милиони евра. Толку длабок јаз меѓу богатите и сиромашните нема во ниту една друга земја во еврозоната.