1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавна расправа за државниот испит или обична фарса?

Катерина Блажевска16 декември 2014

Владата не се откажува од воведување државен испит, професорите се разочарани, но не и изненадени. Се чека студентите да го кажат последниот збор.

https://p.dw.com/p/1E5Mo
Студентски протести на 10. декември во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Владата го претекна Студентскиот пленум. Додека студентите очекуваа дебата за најавениот државен испит, на нивно изненадување Владата изминатиов викенд усвои пакет од пет нови предлог-законски решенија, меѓу кои и предлог-законот за државен испит. Брзината со која е тоа направено веднаш по масовниот студентски протест, ги подгреа сомневањата кај студентите дека во Владата не постои расположение да бидат земени предвид нивните аргументи против државниот испит. Неофицијално се најавува дека Студентскиот пленум денеска ќе го каже својот став на прес-конференција. Пред тоа, нема да ги коментира потезите на Владата. Како што дознаваме, ставот на Пленумот и натаму останува ист, односно дека државниот испит/екстерното тестирање нема да го подобри високото образование. За Пленумот овие измени не биле очекувани, посебно не за толку краток рок.

„Министерството неколку пати излезе со повик за дискусија, но тој во ниту еден момент не беше реализиран. Се претпоставуваше дека со разумни аргументи и масовни маршови, ставот на дел од студентите ќе биде земен предвид. Тоа не беше случај. Сепак, активностите на Пленумот нема да згаснат“, објаснуваат студентите.

Што наумиле – тоа сториле!

За разлика од студентите, професорите не се изненадени од потегот на Владата, имајќи предвид слични ситуации во претходниот период. Ѓорѓе Марјановиќ, пензиониран професор по кривично право, кој со свое присуство го поддржа студентскиот марш, вели дека предлог-законот за „државен испит“ претставува израз на моќта на власта.

„Зa жал, како и многу други предлог-закони што ги носи оваа Влада, тие не се израз на никакви дебати, ниту на консултации со соодветните надлежни институции, а уште помалку се потпираат врз некои научни или стручни експертизи. Дебатите сега се организираат, и тоа главно како одговор на масовноста на студенскиот протест. Не сум воопшто оптимист дека заклучоците од овие дебати (а досега не само студентите, туку најголемиот дел универзитетски професори, ја отфрлаат оваа мерка) ќе бидат задолжителни за Владата. Таа ќе го стори тоа онака како што веќе наумила. Зарем имаше ефект од искажувањата на светски познатите наши архитекти против градежната активност што беше преземена во рамки на проектот „Скопје 2014“? Луѓето од петни жили се трудеа да ја сопрат „бароктизацијата“ на градот и залудо трошењето на народни пари, и се’ завршуваше на нивниот револт. Се плашам дека тоа ќе се случи и сега“, вели Марјановиќ.

Според него, студентските протести, се последица на лошата политика што ја води Владата во високото образование.

„Сакајќи на, само за неа оправдан начин, да ја намали вештачки невработеноста во земјата, отвори едно чудо нови факултети во сите градови и села во државата, сметајќи го високиот процент на средношколците кои се запишуваат на факултет како голем успех. Притоа заборавија дека масовноста немаше за последица и подобар квалитет на студиите. Овој изум со државниот испит нема го подобри квалитетот на студиите, туку ќе значи уште еден извор на трошење на народните пари - тие комисии што ќе го спроведуваат испитот, ќе треба и да се платат! Тоа што предлогот за државен испит ќе биде даден на јавна дискусија, нема ништо да поправи во оваа смисла. Кога Владата ќе науми нешто, таа тоа и го прави и притоа, воопшто не се осврнува на евентуални други ставови во јавноста. Со други зборови, 'јавната дискусија’ е само фарса, што нема ништо да поправи“, дециден е Марјановиќ.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
Студентски протести на 10. декември во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Воведување неправо

Факултетите кои досега низ јавна расправа се изјаснија и го отфрлија предлогот за државен испит како модел за проверка на квалитетот на знаењето, остануваат на истиот став. Посочуваат дека тој не е решение за проблемите во образованието, кои се последица на лоши и непромислени реформи.

Елена Градишки - Лазаревска, универзитетски професор во пензија, проблемите ги лоцира во законските измени од 2011 година, а во реакција на Владата гледа инсистирање на неправо. „Реакцијата на Владата пост фестум маршот на студентите, е еклатантен пример како по груб и насилен пат во процедура, т.е. pro forma се настојува да се создаде неправо, на сметка на правото. Со еден збор, Владата инсистира на 'право', дури и тогаш кога тоа е неправо“, оценува Градишки.

Таа потсетува дека концептот на надворешно оценување е афирмиран со законските измени од 2011 година, а сега Владата само прави обид за негова конкретизација. Како сериозен виновник за овие настани, меѓу другото, таа го посочува и Уставниот суд.

„Уставните судии, (со чест на исклучоците кои се оградија од одлуките на Судот, по повод Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на 18 членови на Законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование од 2011 година поднесена од група универзитетски професори, сенатори од Сенатот на УКИМ), ја пропуштија шансата да покажат респектман кон начелото на легалитетот, врз кое почива основата на секоја држава која претендира да биде правна. Извесно е дека Владата во последниве години со новелациите во Законот за високото образование извршени во повеќе наврати направи упад 'без пардон' во автономијата на Универзитетот, загарантирана со Уставот. Нема потреба да се говори за тоа дали треба или не државен испит, односно екстерно испитување. Не го барајте овде зајакот. Тој е скриен во друга грмушка. Проблемот е во следното: Определувањето на форми и видови на проверка на знаењето на студентите, е во доменот на академската слобода на универзитетот. Тоа е домен што спаѓа исклучиво во ресорот на универзитетската регулација. Тие форми и видови ги уредува Универзитетот со свои акти. Тие не се предмет на законска регулација. Тие се вон атарот на законското уредување“, предупредува Градишки.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
Студентски протести на 10. декември во СкопјеФотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Реформи за сите

Владата во повеќе наврати потенцира дека не се откажува од реформите во образованието. Со предложениот законски пакет, ќе бидат опфатени сите - наставниците, директорите и учениците и студентите. Со измените и дополнувањата на Законот за високо образование се превидени четири новини - редефинирање на Болоњскиот систем, покрај писмениот воведување и задолжителен усен испит, воведување државент испит за кој ќе биде одговорен Одборот за акредитација и евалуација и воведување приемен испит за студентите странски државјани.

Опозицискиот СДСМ побара Владата веднаш да ги повлече предложените закони.

„Оценките на професорите се недвосмислени. Нема потреба од дополнително оценување на студентите, со што Владата им го загрозува на студентите уставно загарантираното право на образование и влегува во автономијата на универзитетот. По 10-илјадниот масовен студентски протест и недвосмислената широка поддршка, да се решиш насила да спроведуваш спротивен став значи само едно. Владата објави дека влегува во пресметка со општеството. Со студентите, со наставниците, со професорите, со сите! Уште колку штети треба да се случат од образовните експерименти“, прашаа социјалдемократите.

Министерот за образование Абдулаким Адеми не ги прифаќа ваквите аргументи.

„Како Влада цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури“, изјави Адеми.

Сега сите се во исчекување на ставот на студентите. И покрај владиниот „блиц-криг“ со државниот испит, студентите се уверени дека тие ќе го имаат последниот збор.