1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајкот во образованието во мирување, проблемите остануваат

Костадин Делимитов29 септември 2014

Изнудено или не, под притисок или слободна волја, синдикатот сепак донесе одлука да го стави во мирување штрајкот во образованието. Преговорите продолжуваат на маса.

https://p.dw.com/p/1DMT0
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Наместо штрајк, продолжение на социјалниот дијалог. Наставата во основните, средните училишта и градинките денеска продолжува со нормален интензитет. Во „пет до дванаесет“ синдикатот и министерството за образование постигнаа договор. Изнудено или не, под притисок или по слободна волја, синдикатот сепак донесе одлука да го стави штрајкот во мирување и да му даде шанса на преговарачкиот процес. Притисоците и штрајкбрехерството според првиот синдикалец Неделков не биле причина за ваквиот развој, туку подготвеноста на надлежните за продолжение на социјалниот дијалог кој начелно треба да продолжи веќе од денеска:

„Јасно беше дека проблемите не може да се решаваат денеска. Поентата беше да продолжиме со социјалниот дијалог кој што беше прекинат според нас од една, а според нив од друга причина. Тука имавме недоразбирања, но ги испеглавме ставовите, им ги презентиравме барањата и сега треба да се конституираат групи кои секојдневно ќе работат и во некој разумен временски рок, но најдоцна до крајот на годинава, очекуваме голем дел од барањата, да не кажам сите, да се решат. За платите годинава за жал останува така како што е одлуката на Владата, за зголемување од 4% на ниво на администрација, но за 2015 ќе инсистираме прашањето да се отвори, нема да имаме табу теми. Ако можеме да бидеме задоволни за едно право, а тоа е партнерите да негуваат социјален дијалог, од тој аспект сум задоволен, но од аспект на она што се случуваше периодов и дали имаше потреба да дојдеме до ваква ситуација, тоа е друго прашање. Покажавме добра волја, што во минута до дванаесет прифативме да преговараме, а од друга страна тие покажаа интерес за тоа и сега не е во прашање добра волја за тие да ги решат проблемите, туку во прашање е тежина на аргументите каде што ќе ги убедиме дека сме во право за она што го бараме. Она зад што стои маса незадоволни луѓе вработени во образовниот систем“, изјави за Дојче веле Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Abiturienten in "Kole Nedelkovski" Schule in Veles
Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Притисоците и заканите на терен, но и информациите и дезинформациите преку јавните гласила од страна на луѓе што воопшто не биле дел од процесот, синдикатот ќе ги решава по судски пат:

„СОНК едногласно одлучи да се покрене судска постапка против сите, за кои ќе обезбеди докази дека вршеле притисоци во врска со одржувањето на генералниот штрајк врз синдикалното членство, што е спротивно на Законот за работни односи и санкционирано со Кривичниот законик. Советот заклучи дека постојат голем број докази давани од поединци преку средствата за јавно информирање, за кои смета дека се неоспорен доказ за направеното кривично дело“, велат од синдикатот.

Министерството задоволно

Од министерството се задоволни што проблемите ќе се решаваат на маса. Подготвеност за решение, или простор за разговор има околу проблемите со екстерното тестирање и казните за наставниците кои според синдикатот се превисоки и непознати во европската пракса:

„Министерството потврдува дека прифаќа и дебата за унапредување на системот на екстерното тестирање, но единствено во насока на зголемување на знаењето на учениците и подигнување на објективноста на наставниците при оценувањето, додека по однос на барањето за зголемувањето на платите на вработените во областа на образованието, истото е дефинирано во Програмата за работа на Владата, при што за оваа календарска година предвидено е зголемување за четири проценти. Во следните години, зголемувањето ќе зависи од буџетските можности“, велат од Министерството за образование.

Очекуван епилог

Ваквиот развој, според дел од познавачите на состојбите, во најмала рака бил очекуван: „Дали под притисок или не, јасно беше дека штрајкот нема да успее, бидејќи ако се види се‘ што се случуваше во изминатиот период, јасно е дека тој беше задоцнет. Сега ги седнаа на маса и ќе биде уште потешко да се добие она што се бара, но ајде да видиме. Клучно е што ова уште еднаш за жал го потврди она што веќе подолг период се случува во Македонија, а тоа е тивко убивање на синдикалното организирање и дејствување“, коментира за Дојче веле познавач на состојбите кој активно се занимава со синдикалните права.

Од СОНК бараат веднаш да продолжат и преговорите околу спорните прашања во колективните договори за градинките и во делот на културата каде воопшто нема колективен договор. Доколку нема позитивен развој, на почетокот на јануари од синдикатот велат дека ќе одлучуваат за одредување на новиот датум за штрајк во образованието.