1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе се случи ако Шкотска го напушти Обединетото Кралство?

Свен Пеле / Александар Методијев15 септември 2014

На 18 септември може да заврши една ера подолга од 300 години. Тогаш Шкотска гласа за независност од Обединетото Кралство. Во дебатата одамна во фокусот не е само политичкиот статус на земјата.

https://p.dw.com/p/1DCI5
Фотографија: Getty Images/J. J Mitchell

Дали Шкотска ќе биде независна веднаш по пребројувањето на гласовите на референдумот?

Референдумот на 18 септември е за тоа дали Шкотланѓаните сакаат да бидат независни. При позитивно гласање за независност, земјата нема веднаш да стане независна. Клучниот датум, според актуелните планови, е 24 март 2016 година. Различни политички и економски прашања треба дотогаш да бидат решени.

Дали независна Шкотска и натаму би била членка на Европската унија и НАТО?

При сецесија на Шкотска од Обединетото Кралство по крајот на фазата за независност во пролетта 2016 година ќе се појави нова држава. Неа ЕУ ќе мора одново да ја прими, односно таа ќе мора да аплицира за прием. Се претпоставува дека како нова држава по преодната фаза таа нема да биде дел и од НАТО. Таа ќе мора да поднесе барање за членство во воениот сојуз. Сите земји-членки на НАТО ќе мора да се согласат за да биде примен новиот член на НАТО.

Што значи шкотската независност за Европа?

Многу европски земји се загрижени поради референдумот. Генерално Шкотланѓаните важат за попријателски настроени кон Европа отколку Британците, па нивното отцепување од Обединетото Кралство ќе биде засилување на кампот на евроскептиците. Ако Велика Британија, како што најави, во 2017 година спроведе референдум за членството во ЕУ, тогаш би можеле четирите милиони гласови, кои ќе недостигаат од Шкотска, да бидат суштинскиот фактор за поплочување на патот кон победата на евроскептиците.

Pro-Unabhängigkeitsfahne in Schottland
Фотографија: Andy Buchanan/AFP/Getty Images

Независноста на Шкотска би можела да има влијание врз движењата за независност во другите земји. Шпанија или Белгија, на пример, стравуваат дека сепаратизмот ќе биде во подем. За Обединетото Кралство шкотската независност би можела да значи дека во блиска иднина и католичка Северна Ирска ќе посака да стане независна.

Која валута ќе ја има независна Шкотска?

До март 2016 година фунтата ќе остане средство за плаќање во Шкотска. За времето потоа Лондон категорично одбива валутна унија со Шкотска. Шкотскиот премиер Алекс Салмонд објави планови фунтата сепак да се задржи како главна валута, па дури ако е потребно и без дозвола на Британците. Во тој случја Шкотска не би имала централна банка и не би била во можност да печати дополнително сопствени пари.

Ако Шкотска стане член на ЕУ, тогаш би можела да го воведе еврото. Кандидатките за членство мораат прво да ја врзат својата валута со еврото, пред формално да ја прифатат заедничката валута.

Symbolbild Schottland Unabhängigkeit
Фотографија: Getty Images/J.J Mitchell

Друга опција е создавањето на нова валута. Шкотска и онака печати свои шкотски фунти кои се цврсто подредени на британската фунта. Со новата валута ќе може да се влијае врз каматите и да се пополнуваат можните дупки во буџетот.

Што ќе се случи со заедничките долгови?

Владата во Лондон веќе сигнализираше дека ќе остане одговорна за комплетниот национален долг, доколку Шкотска изгласа независност. По преодната фаза Шкотска ќе мора, според желбата на британската влада, да има „фер и пропорционален удел во тековните обврски на Велика Британија“. Дали долговите ќе се поделат врз основа на економските перформанси или во однос на популацијата е нејасно. Првата варијанта би и’ одговарала повеќе на Шкотска.