1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што навистина се случи со Исон?

ЕМФ/афп/миа/дпа29 ноември 2013

Судбината на кометата Исон и натаму е загатка за астрономите. Можно е делови од кометата да го преживеале минувањето покрај Сонцето, покажуваат денешните (29.11) снимки од сончевите сонди.

https://p.dw.com/p/1AQaT
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

„Мал дел од кометата најверојатно преживеал и сега е на другата страна од Сонцето“, вели астрономката од Бохум, Сузане Хитемајтер. Наспроти тоа, експертот за комети на Европската вселенска организација Еса, Герхард Швем, е на мислење дека Исон е уништена во текот на приближувањето до Сонцето.

„Во близина на Сонцето не се виде ништо. Ако преживеала, ќе мораше да се види“, изјави Швем денеска, повикувајќи се на снимките од сателитите Проба-2 и СДО. Она што се гледа на снимките на сончевата сонда Сохо, според Швем, би можела да биде прашина.

Вчера американските научници оценија дека кометата се распаднала при минувањето покрај Сонцето. Астрономите претпоставуваат дека Исон се распаднала под влијание на екстремно интензивната соларна радијација и гравитациски сили. Според Дин Песнел, од Соларната опсерваторија на НАСА, Исон најверојатно експлодирала пред да ја достигне најблиската точка до Сонцето.

Што се случило со Исон ќе се знае конечно на почетокот на декември, претпоставува Швем. „Ако и по десет дена на снимките има нешто видливо, тогаш кометата преживеала“, изјави тој.

Кометата Исон беше откриена во септември 2012 година од страна на двајца руски астрономи аматери. Таа ги фасцинираше научниците поради тоа што датира од пред повеќе д 4,5 милијарди години, односно стара е колку и Сончевиот систем.