1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што зборува случајот Фергусон за САД?

Денис Штуте / Елизабета М. Фиданоска20 август 2014

Фергусон не е посебен случај, оценуваат американските организации за граѓански права. Полицијата и на други места непропорционално употребува сила против граѓаните со црна боја на кожата.

https://p.dw.com/p/1CxJb
Фотографија: Reuters

Колку Фергусон има во САД? Непропорционалноста во предградието на Сент Луис е екстремна. Додека две третини од 21.000 жители се Афроамериканци, градоначалникот е белец, исто како и петмина од шест градски одборници. Во полицијата 50-мина од вкупно 53-ца службеници се белци. Многумина набљудувачи заклучуваат дека насилствата кои избувнаа по убиството на црниот тинејџер Мајкл Браун од страна на еден полицаец, се одраз на ваквата ситуација. „Уделот на Афроамериканците во Фергусон беше лош на сите нивоа“, објаснува социологот Дарнел Хант, директор на Центарот за афроамерикански студии на универзитетот Калифорнија. „Се‘ изгледа како во 1940-тите години, времето на движењето за граѓански права.“ Дали Фергусон значи е посебен случај? Не, веруваат 80 проценти од Афроамериканците кои беа дел од едно истражување на јавното мислење. Случајот Браун отвора важни прашања за расизмот во САД, зашто меѓу белците само 37 проценти се на мислење дека станува збор за посебен случај.

„Да се држат во шах“

„Фергусон е пример за нешто што постојано го гледавме во оваа земја во изминатите години и децении“, вели Лексер Квејми, портпаролка на „Водечка конференција за граѓански и човекови права“, сојуз под чија капа се многу влијателни организации за граѓански права. Квeјми укажува на повеќе случаи во кои полицајци застрелале Афроамериканци и останале неказнети. Насловните страници ширум светот беа полни, на пример, со вести за убиството на 17-годишниот Трејвон Мартин од страна на припадник на Градската гарда на Флорида, особено кога одговорниот за убиството беше ослободен пред една година. „И јас можев да бидам Трејвон Мартин“, рече тогаш американскиот претседател Барак Обама.

Trayvon Martin
Трејвон МартинФотографија: AP

За тоа колку пати полицајците пребрзо посегнуваат по оружје нема доверливи статистички податоци, но во текот на изминатите години постојано до јавноста стигнуваа вести за одделни случаи. Според леволибералниот магазин „Mother Jones“, само од средината на јули досега од страна на полицајци биле убиени четворица невооружени црнци.

„Не се слуша за случаи во кои се убиени невооружени тинејџери белци“, нагласува социологот Хант, и тоа не е случајно. „Има мислење, според кое црните мажи претставуваат закана и треба да се држат во шах.“

Polizist in New York Archiv 2013
Полицаец во Њујорк (архива)Фотографија: Getty Images

Навистина, црнците и белците во Америка имаат сосема различни искуства со полицијата. На пример, во Фергусон во текот на изминатата година 92 проценти од претресите и 93 проценти од апсењата на возачи биле насочени против црнци, иако полицајците кај белците наоѓале многу почесто нелегални работи (34 проценти) отколку кај црнците (22 проценти). Ваквата несразмерност не е само посебност на Фергусон. Во Њујорк, на пример, рутинските проверки на пешаци се прават главно на Латиноамериканци или Афроамериканци - од 200.000 вакви проверки во 2013 година, само 11 проценти биле проверки на белци.

Мит за рамноправност

„Мајките и татковците на црнците никогаш не можат да бидат сигурни дека тие нема да бидат малтретирани од страна на полицијата, дека нема да бидат апсени или злоставувани“, вели Лексер Квeјми. „Во многу црнечки заедници родителите мора да бидат сигурни дека нивните деца си ги знаат правата и знаат како треба да се однесуваат за да го преживеат контактот со полицијата.“ Затоа нејзиниот сојуз бара низа промени, меѓу кои и забрана за полициски контроли според бојата на кожата, поголема контрола на работењето на локалните полиции од страна на Министерството за правда и засилени напори за присуство на припадниците на овие заедници во полицијата.

Michael Brown Ferguson Missouri mit seiner kleinen Schwester
Мајкл Браун со сестра муФотографија: Scott Olson/Getty Images

Социологот Хант оценува дека познатите случаи на полициско насилство се пред се‘ симптом на длабоки проблеми. „Имаме црн претседател, но на повеќето Афроамериканци економски им е полошо отколку пред 20 години.“ Црнците се запоставени практично во сите сфери. Стапката на невработеност кај нив со децении е двојно повисока отколку кај белците, просечниот приход по семејство е една третина понизок од просекот во земјата. Црнците живеат три пати почесто во сиромаштија и се четири пати почесто осудувани на затворски казни од белците.

Хант нагласува дека низ медиумите засилено се шири митот дека проблемот на рамноправност на расите во САД е надминат. „А секогаш одново се случува нешто како во Фергусон што ни покажува: ’Чекај малку, овде се‘ уште нешто оди како што не треба’.“