1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија сака да ги собори Американците од кошаркарскиот трон

Ларс Рајнефелд (дпа) / Е.М.Фиданоска30 август 2014

И покрај тоа што многу ѕвезди го откажаа учеството, Светското кошаркарско првенство во Шпанија ветува многу. Домаќините сакаат да го искористат моментот и да го соборат фаворитот - САД.

https://p.dw.com/p/1D41t
Фотографија: picture-alliance/ANE

САД, кој друг? Пред почетокот на Светското првенство во кошарка, што денеска почнува во Шпанија, на прашањето за големите фаворити се даваше брз одговор. Ѕвездите на НБА важат за најсериозни фаворити за повторно освојување на титулата. Но на Американците нема да им биде толку лесно и едноставно како во Турција пред четири години.

Пред се‘ домаќинот Шпанија има оправдани надежи дека може да ги собори од тронот навидум надмоќните противници. „Ова е посебна прилика да се постигне нешто големо, а тоа не е ништо друго туку - повторно освојување на титулата светски првак“, изјави шпанскиот топ-играч Пo Гасол од Чикаго Булс. Иберијците последен пат славеа на СП пред осум години и се надеваат дека сега на домашен терен повторно ќе бидат најдобри. Притоа, шпанскиот тим, во кој има шестмина играчи од НБА лигата, ја има и поддршката на кралот Хуан Карлос, кој неодамна се повлече од тронот. Екс-монархот вечерва (30.08) ќе седи на трибините на првиот натпревар на Шпанците против Иран, кој се игра во Севиља. Тоа би било прво појавување во јавноста на 76-годишниот Хуан Карлос по повлекувањето.

Olympia 2012 Basketball USA Spanien Finale
САД ја победија Шпанија во финалето на Олимписките игри во Лондон пред две годиниФотографија: AP

САД пак ќе мораат да се снајдат без кралска поддршка и без многу познати имиња. ЛеБрон Џејмс, Коби Брајант, Кармело Ентони и Кевин Дурант - сите го откажаа учеството на светското првенство за да можат да се опорават пред почетокот на новата НБА-сезона. Особено тешко е отсуството на Дурант. Тренерот Мајк Кришевски изјави: „Околу него сакавме да го изградиме тимот.“. А потоа, згора на се‘ дојде и тешката повреда на Пол Џорџ.

Но и без суперѕвездите, САД имаат огромен квалитет. Сега тимот треба да го води опоравениот Дерик Роуз. „Имаме само една цел - да станеме светски прваци“, нагласи Роуз. Американските момчиња во групната фаза во Билбао се среќаваат со Финска, Доминиканска Република, Нов Зеланд, Турција и Украина.

Домаќинот Шпанија во Севиља има многу потешка задача во групната фаза. Противниците се викаат Египет, Бразил, Франција, Иран и Србија.

Освен Шпанија, како можни репрезентации кои би им биле конкуренција на Американците се спомнуваат и Франција и Аргентина. Двете екипи, меѓутоа, мораа да се откажат од своите најдобри играчи. Тони Паркер и Ману Џинобили не добија дозвола од својот клуб, Сан Антонио Спурс за настап на СП во Шпанија.