1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ерозија на темелните демократски слободи во Македонија“

Зоран Јордановски6 март 2015

ЕУ и Германија треба значително посилно да се заложат во Македонија и да бараат остварување на демократски стандарди, вели Фритјоф Шмит, заменик-шеф на фракцијата на Зелените,во разговор за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Em10
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

„Во моментов со голема загриженост ја набљудуваме ерозијата на темелните демократски слободи и заострувањето на политичките судири во Македонија. Се’ поголем проблем е и положбата на Ромите и другите маргинализирани малцинства, кои страдат од сирмомаштија и изолација“, вели Фритјоф Шмит, пратеник во Бундестагот и член на парламентарната Комисија за надворешна политика, кого ДВ го праша за оцена на состојбата во Македонија и сознанијата што произлегоа од вчерашната седница на таа Комисија, на која се расправаше и за Македонија. Шмит е заменик-шеф на фракцијата на Зелените во Бундестагот, а по струка е социолог.

Во врска со тоа, дали сегашниот развој во Македонија ја загрозува интеграцијата на земјата во ЕУ или пак токму е последица на блокираниот процес поради спорот со името и грчкото вето, Фритјоф Шмит вели: „Од наш агол на гледање евроатлантската интеграција е безусловно потребна за да се стабилизира земјата и да се создаде задолжителна рамка за општеството бележано од меѓуетничка затегнатост. Ние го поддржуваме патот на Македонија во ЕУ и апелираме како до Грција, исто така и до Македонија колку што е можно побргу да го решат спорот околу името, за да се создадат предуслови за пристапување на Македонија кон ЕУ.“

Europäisches Parlament Frithjof Schmidt
Фритјоф Шмит, заменик-шеф на пратеничката група на партијата на Зелените во БундестаготФотографија: Foto: Europäisches Parlament

Но, Шмит притоа нагласува: „Сепак не се битни брзи решенија, туку е битно преку една вистинска перспектива за пристапување во Македонија трајно да се запре натамошна ерозија на демократијата, правната држава и општествениот мир во Македонија и да се пренасочи тој процес.“

На прашањето на ДВ дали Македонија има сили самата да најде излез од кризата и кој евентуално би можел да и’ помогне, пратеникот во Бундестагот Фритјоф Шмит оцени: „Се разбира дека Македонија мора и самата да се ангажира, но и ЕУ и германската влада се повикани значително посилно да се заложат во Македонија и да бараат остварување на демократски стандарди“.