1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шестмина Германци меѓу кандидатите за фудбалер на годината

Т. Олмајер / Е.М.Фиданоска28 октомври 2014

Половина од тимот на Бајерн Минхен е на листата на ФИФА со кандидати за најдобар фудбалер во светот во 2014-та. И на листата со кандидати за најдобар тренер има Германци. Ќе гласаат тренери, капитени и новинари.

https://p.dw.com/p/1DdEe
Фотографија: Laurence Griffiths/Getty Images

Шестмина германски фудбалери кои беа дел од тимот кој стана светски шампион во Бразил можат да се надеваат на титулата „Најдобар фудбалер во светот во 2014-та“. ФИФА денеска (28.10) ја објави листата со кандидати, на која се наоѓаат и имињата на Марио Геце, Томас Милер, Филип Лам, Бастијан Швајнштајгер, Тони Крос и Мануел Нојер. Сите тие, за време на СП во фудбал, играа за Бајерн Минхен, исто како и Холанѓанецот Арјен Робен, кој исто така е еден од кандидатите на листата на ФИФА.

Покрај Германците, големи шанси за освојување на титулата најдобар во светот има и Кристијано Роналдо, кој беше прогласен за фудбалер на годината во 2013-та. Неговите фудбалски квалитети се неспорни, но она што му недостига е голем настап со репрезентацијата. Таков пак има Јоахим Лев, селекторот на германската репрезентација. Затоа неговото име е на листата на ФИФА за најдобар тренер во светот. Од тренерите на германските тимови, на листата е уште Пеп Гвардиола, а тука е и името на уште еден Германец - Јирген Клинсман, кој е селектор на репрезентацијата на САД.

Најмногу свои фудбалери на листата на ФИФА имаат Реал Мадрид и Бајерн Минхен - по шестмина, а потоа следи Барселона со четворица свои играчи и Челзи со тројца фудбалери. На листата се наоѓа и името на Лионел Меси, човекот кој четири пати по ред ја освојуваше титулата најдобар во светот - од 2009 до 2012 година.

Сега на ред да гласаат се капитените и селекторите на репрезентациите, како и избрани претставници на медиумите. На 1 декември листите ќе бидат скратени на по само тројца кандидати. Доделувањето на признанијата е закажано за 12 јануари 2015-та, на гала свеченост на ФИФА во Цирих.

Еве ги имињата на кандидатите за најдобар фудбалер и најдобар тренер во светот:

Фудбалери:

Герет Бејл, Карим Бензема, Диего Коста, Тибо Куртоа, Кристијано Роналдо, Анхел Ди Мариа, Марио Геце, Еден Азар, Златан Ибрахимовиќ, Андрес Ињеста, Тони Крос, Филип Лам, Хавиер Маскерано, Лионел Меси, Томас Милер, Мануел Нојер, Нејмар, Пол Погба, Серџо Рамос, Арјен Робен, Хамес Родригес, Бастијан Швајнштајгер, Јаја Туре

Тренери:

Карло Анчелоти, Антонио Конте, Пеп Гвардиола, Јирген Клинсман, Јоахим Лев, Мануел Пелегрини, Жозе Мурињо, Алехандро Сабеја, Диего Симеоне, Луис ван Гал