1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шерпасите тврдат дека годинава нема да се качуваат на Монт Еверест

Александар Методијев/афп/ап22 април 2014

Непалските шерпаси на Монт Еверест одлучија дека ќе се спакуваат и ќе ја напуштат планината, откако одржале состанок на кој одлучиле да ја напуштат годинашнава сезона на искачување во чест на загинатите колеги.

https://p.dw.com/p/1BmCN
Фотографија: Buddhabir RAI/AFP/Getty Images

„Имавме долг состанок и одлучивме да го запреме искачувањето оваа година во чест на нашите браќа. Сите шерпаси се обединети во оваа одлука“, рече локалниот водач Тулси Гурунг, чиј брат е еден од загинатите шерпаси. Тој додава дека „некои од водичите веќе заминаа, а на други ќе им треба една недела додека да спакуваат сѐ и да заминат“.

И друг шерпас во базниот камп, како и американски алпинист ја потврдуваат оваа информација за агенцијата АФП. Водичот Пасанг Шерпа вели: „Шеснаесет луѓе загинаа на оваа планина на првиот ден од нашето искачување. Како можеме да стапнеме таму?“ Американскиот алпинист Ед Марцек, пак, рече дека шерпасите „чувствуваат дека треба да го затворат Еверест оваа година како сеќавање на оние кои загинаа“. Одлуката дојде четири дена по лавината во која животот го загубија 13 шерпаси, а тројца други се водат како исчезнати. „Тие сакаат следниот месец да организираат протест во Катманду и велат дека не можат да го направат ако се на планината“, додава американскиот алпинист.

Nepal - Trauer um die verstorbenen Bergführer
Во Непал се жали по загинатите шерпасиФотографија: picture-alliance/dpa

Намерата на шерпасите да се повлечат од оваа алпинистичка сезона ги погодува плановите на стотина странски алпинисти. Многумина од нив се веќе во базниот камп, откако претходно платиле илјадници долари за да се искачат на највисокиот врв во светот. Шерпасите се значајни во исполнувањето на таквата намера, бидејќи тие носат опрема, храна, ги поправаат јажињата и ги намалуваат ризиците за нивните клиенти.

Шерпасите претходно ѝ се заканија на владата дека ќе го откажат искачувањето на Монт Еверест и ѝ поставија ултиматум до следниот понеделник, барајќи повисок надомест, договор за ретроактивна исплата на осигурување и фонд за социјална помош.

Владата се согласи денеска да направи фонд за помош наменет за повредени шерпаси или семејства на загинати водачи во алпинистички несреќи. По последната несреќа владата во Непал информираше дека ќе исплати им исплати на семејствата по 415 долари за секој загинат шерпас. Шерпасите сметаат дека заслужуваат повеќе.