1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Искрена волја за откривање или само алиби?

Катерина Блажевска27 мај 2015

Властите од Берн ја одбија Хрватска и побараа конкретни имиња и причини поради кои таа бара податоци за швајцарски сметки на хрватски граѓани. Дали македонското обвинителство отвори постапка за да заигра на истата карта?

https://p.dw.com/p/1FWvl
Фотографија: mopsgrafik - Fotolia.com

„Доколку Швајцарија дозволи увид во сметките, Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам ќе испита дали има евентуално кривично дело“, кратко одговараат од македонското Министерство за финансии, посочувајќи ја вистинската адреса за истрага околу евентуални тајни сметки на македонски граѓани во швајцарски банки.

Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам, која веќе неколку години е преименувана во Управа за финансиско разузнавање, е орган во состав на Министерството за финансии, но има својство на посебно правно лице. Таа од 2004 година е членка во „Групата Егмонт“ (основана во 1995 година во палатата Егмонт Аренберг во Брисел, каде е одржан првиот состанок на неколку финансиско-разузнавчки служби) со што е рамноправен партнер на Единиците за финансиско разузнавање од светот. Информациите кои ги поседува, а се од интерес на другите држави, треба навремено и заштитено ги доставува, а истовремено може да бара информации кои се од интерес на Македонија. Од Управата за финансиско разузнавање (УФР) не се достапни за одговор, зошто и покрај вакавата неограничена можност за размена на податоци, досега не е побарана информација на темата „тајни швајцарски сметки“. Не е само во прашање откривањето на даночното затајување, туку и проверката дали тој капитал е стекнат легално или не, и како е изнесен од земјата.

Интересот доби интензитет откако Меѓународниот конзорциуим за истражувачко новинарство (ИЦИЈ) во февруари година објави дека сметки во швајцарски банки имаат и македонски граѓани. Според истражувањето на ИЦФЈ, само во швајцарската филијала на британската банка ХСБЦ биле регистрирани 15 сметки на девет клиенти „поврзани со Македонија“, на кои биле вложени 164 милиони долари, од кои само еден на својата сметка имал 54,6 милиони долари. Вложувањата биле извршени во периодот од 1988 до 2006 година. Според бројот на клиенти во оваа банка, Македонија била 157 на листата, а пред неа се Србија на 106 место, Хрватска на 107, Црна Гора на 132, Словенија на 146, БиХ на 164 и Албанија на 194 место. Колку македонски граѓани имаат сметки во други швајцарски банки, допрва треба да се утврди.

Das Logo des Bankhauses HSBC
Девет клиенти од Македонија имале сметки во ХСБЦФотографија: picture-alliance/dpa/F. Arrizabalaga

Обвинителството на потег

И додека УФР доцни со постапување по ова прашање, иницијативата ја презеде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.

„По објавувањето на написите во медиумите за постоење на сметки на македонски државјани во банка во Швајцарија, како и дека истите се користени за даночно затајување, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас. Во насока на утврдување на фактите и доказите во предметот, обвинителството спроведува истражна постапка. Надлежниот обвинител презема мерки и активности и соработува со надлежните органи на прогонот. Се очекуваат информации побарани со меѓународна правна помош“, соопшти вчера Обвинителството.

Според правни експерти, од ова образложение не е јасно дали постапката е индивидуализирана, односно насочена кон конкретни лица за кои ќе се бараат податоци во врска со конкретни дела. Ако не е така водена постапката, се сомневаат дека ќе има резултати. Како илустрација го посочуваат и неодамнешното искуството на Хрватска, кога сојузните власти во Берн го одбија барањето на официјален Загреб за информации во врска со хрватски штедачи во швајцарската филија на банката ХСБЦ, но и во други банки. Истражувањето на ИЦИЈ откри дека меѓу штедачите во филијалата на ХСБЦ има најмалку 27 клиенти од Хрватска кои отвориле вкупно 40 сметки, а уште 77 сметки во истата филијала на различни начини биле поврзани со нив.

„Швајцарија го одби нашето барање за информации. Ни рекоа ние да им дадеме конкретни имиња за кои се интересираме и да ги наведеме причините поради кои бараме информации за нивните заштеди“, изјави за медиумите извор од хрватската влада кон крајот на април. Со тоа Шавајцарија практично ја префрли топката на терен на хрватскиот суд.

Алиби активност

Имајќи го предвид овој пример, правни експерти се сомневаат дека македонското Обвинителство „се охрабрило“ да постапува, токму затоа што однапред знае како тоа ќе заврши. Но, не сакаат да коментираат се додека не слушнат што ќе произлезе оттаму како конкретна активност, по што точно ќе се знае дали намерата е искрена или е само „поза“.

Symbol Offshore Leaks
Меѓународниот конзорциуим за истражувачко новинарство (ИЦИЈ)Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), има слични резерви во однос на оваа постапка.

„За поздравување е иницијативата на Јавното обвинителство за спроведување на истрага, по информациите за постоење на сметки на наши граѓани во швајцарски банки. Меѓутоа, имам впечаток дека ова претставува една алиби активност на Обвинителството и останатите наши надлежни институции, бидејќи тие се свесни дека од швајцарските банки нема да ги добијат бараните информации. Дополнителна причина да се сомневам во искрената намера на ваквата истрага наоѓам и во фактот што истите тие институции (Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање) не покажаа никаков резултат во случајот 'Актор', каде од филијалата на 'Стопанска банка' во Неготино, грчки државјани, во кеш подигале евра во милионски суми. Според тоа, ако споменатите институции успешно не ја разрешија оваа афера, кога сите траги и докази им беа на располагање, како можеме да очекуваме некаков резултат од нешто што се случувало во швајцарски банки, особено знаејќи ја нивната политика на висока дискреција кон своите клиенти“, вели Малиновски.

Аферата наречена „Swissgate“ веќе неколку месеци е жешка тема во светските медиуми. Швајцарија неодамна почна да објавува списоци со имиња на штедачи во федералниот службен весник. Но, тоа не се списоци на сите штедачи, туку само на имиња по судско документирани даночни измами на граѓани од Германија, Русија, Индија и САД и на фирми регистрирани во Панама, Бахами, Шпанија...

Европскиот парламент донесе директива за објавување на вистинските сопственици на фирмите со сметки во швајцарските банки.