1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шанса за ново профилирање на „Македонцките работи“ во Германија и светот

Свето Тоевски27 јули 2014

Македонскиот јазик е недоволно афирмиран во Европа и светот. Постојните лекторати работат во крајно оскудни финансиски услови, а во многу универзитети македонскиот јазик го предаваат странци.

https://p.dw.com/p/1CjUU
Фотографија: DW

Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје има испратени лектори на 10 универзитети во светот. Како предмет, или група предмети, македонскиот јазик, литература и култура се предаваат на 14 други светски универзитети. Каква е состојбата поодделно во Германија и Австрија? Колкав е интересот за проучување на македонскиот јазик во овие држави? Македонскиот лекторат во Универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале, во Германија, не функционира 22 години. Таму македонскиот јазик се учи само како изборен предмет, а во Универзитетот во Грац, во Австрија, како можен факултативен едномесечен курс во рамки на предметот „јужнословенски јазици“. Во Македонија германскиот јазик се изучува како главен предмет во пет високообразовни институции.

Пензионираниот универзитетски професор Максим Каранфиловски критички забележува: „Не би се согласил сосема дека постои опаѓање на интересот за македонскиот јазик во Германија и Австрија. Каде што не’ нема, таму не постои интерес за македонскиот јазик. Македонија треба да постапи во организирањето на лекторатите како Германија и Австрија. Овие земји имаат организирани служби, на пример, како ’Германската служба за академска размена’, која се грижи за афирмацијата и за поставеноста на германскиот јазик, литература и култура во светот. Македонија мора да вложува многу повеќе, ако сака да има свој лекторат и да го афирмира својот јазик во определени универзитети во Германија. Македонија премногу декларативно зборува за потребата и значењето на лекторатите, но на дело воопшто не се грижи за тоа“.

Buchcover Makedonien Landschafts- und Kulturbilder Übersetzung auf Mazedonisch
Книгата на Леонард Зигмунд Шулце-ЈенаФотографија: DW/S. Todorovska-Pavloska

Како да се подзаборава дека постои македонски јазик

Силвана Симоска од катедрата за германски јазик на скопскиот државен факултет укажува на клучната улога на лекторатите за афирмацијата на македонскиот јазик во странство: „Постои некој континуитет во поглед на присуството и интересот за македонскиот јазик во Германија, но тоа е незадоволувачки. Македонија треба да преземе чекори, заради основање лекторати на германското јазично подрачје. Како да се подзаборава дека постои македонски јазик, кој игра важна улога во славистиката“.

Петер Рау, професор на катедрата за германски јазик и директор на Институтот за македонско-германски академски односи при државниот универзитет во Скопје, смета: „Интересот за македонскиот јазик во Германија, Австрија и можеби во Швајцарија се наоѓа во време на транзиција. Застој во афирмацијата на македонскиот јазик постои само таму каде што не се менуваат старите студиски програми. Старата славистика во моментов ја маргинализира македонистиката насекаде во Германија“.

Prof. DR. Peter Rau
Проф. д-р Петер РауФотографија: Sveto Toevski

Деканот на Филолошкиот факултет при споменатиот универзитет Славица Велева нагласува: „Ќе треба позасилено да се работи на промовирање на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура кај помладите научници. Потребно е плански да се создава помлад кадар, што ќе продолжи да работи на развој на македонистиката во Германија и Австрија. Со создавање млади, таканаречени ’културни лобисти’ за македонистиката, во образовните и научните институции ќе се обезбеди и опстојување на интересот за изучување на македонскиот јазик, литература и култура“.

Потребна е стратегија

Симоска изнесува предлог што би требало да се направи за поголема застапеност на македонскиот јазик во универзитетите и научните кругови во Германија и другите држави: „Треба да се создаде група на лингвисти, македонисти, германисти, но и наши историчари и културни дејци, како и со претставници на Владата, кои ќе разработат една стратегија како би можело поконкретно да се гравитира кон одредена држава. Тие треба да изградат платформа, за да се согледа што недостасува на планот на афирмацијата на македонскиот јазик и култура и да се изнаоѓаат решенија“.

Рау посочува на „големата шанса“ за натамошна афирмација и проучување на македонскиот јазик: „Наставните програми во германските и други светски универзитети, се наоѓаат во процес на големи и длабоки промени. Интересот за ’големите нации’, за ’големите култури’, се менува со интерес за регионалните, за помалите досега запоставени и маргинализирани култури, јазици, литератури и уметности. ’Помалите култури“, ’помалите јазици и литератури’ се етаблираат во новодимензионираните програми на универзитетите во Германија, на пример, во интеркултурните, или балканолошките студии. Студенти од вакви студии, а не од македонистика, или славистика, доаѓаат во Македонија да дипломираат со македонистичка содржина. Постдипломци од Германија и Австрија, се решаваат за теми од македонската култура, јазик и историја. Годишно по десеттина вакви студенти од областа на јазикот, литературата и цивилизацијата доаѓаат заради научни проекти и стипендиски престои“.

Книги за Македонија на германски јазик

Какви се заемните македонско-германски јазично-книжевни соодноси? Во Германија за Македонија пишувале во 16 век патеписци, географи и други автори. Германскиот научник Леонард Зигмунд Шулце-Јена во 1927 год. ја издал книгата „Македонија – слики на пределот и културата“, во која ја истакнал посебноста на македонскиот народ и јазик. Во 1890 година во Виена излегла од печат брошурата „Народноста на македонските Словени“ од Карл Хрон, во која тој изнел факти за постоењето македонски народни говори, кои сочинуваат посебен јазик. Првата деценија на 21-виот век е период на нов впечатлив квантитативен и квалитативен подем во преведувањето на германојазичната книжевност во Македонија, со опфат на дела на германски нобеловци за книжевност во рамки на проектот финансиран од Министерството за култура. Посебно значење во македонско-германските јазично-културни корелации има Блаже Конески. Тој ја промовира германската литература и култура во Македонија преку своите преводи од германски на македонски јазик на песните од Клопшток, Гете, Шилер, Хелдерлин и Хајне.

Mazedonische Autoren Leipziger Buchmesse 2013
Фотографија: DW

Д-р Симон Саздов, шеф на катедрата за македонски јазик на државниот Филолошки факултет во Скопје, коментира: „Нашите истакнати литерати и лингвисти, особено Конески, биле, а и се’ уште се свесни дека македонскиот јазик може да се збогати лексички и стилистички преку преводот на убавата литература, која во светски рамки во голем дел е создавана на германски јазик. Пошироко е познато германското лексичко влијание врз македонскиот јазик, но не е многу познато дека дури и во македонските народни песни има одгласи од меѓусебните врски на Германците и Македонците“.

„Нападот“ на Грција врз Македонија нема легитимитет

Професорот Рау самиот изнесува свое убедување дека актуелниот политички миг во Германија е поволен за унапредување на јазично-културните и пошироките врски со Македонија: „Грчките реакции на најновите изјави на Меркел се хистерични и агресивни. Меркел е реалистична и јавно кажа, иако дипломатски, дека ќе се грижи и за името на Македонија, оти ќе се бара да се продолжи ангажманот и на европската страна за приклучување на Македонија кон ЕУ. Сигурно, ’зад вратите’ има многу ’посочни’ изјави. Меркел нема да молчи и ќе каже дека ниедна земја нема право да манипулира со името на која било друга земја. Претпоставувам, ’зад вратите’ е кажано токму тоа. Во Германија се дискутира за тоа дека ваков напад кон соседна земја нема политички легитимитет и таму нема ниеден сериозен интелектуалец и политичар, кој има и само малку разбирање за агресивноста на Грција кон Македонија“.

И македонските научници гледаат на важноста на македонско-германските корелации низ поширока диоптрија, не само од аспект на јазичните врски. Симоска е категорична: „Секој народ, секоја јазична средина, се бори за своето место во светот, или во поодделните други држави. Ќе мора и Македонија да работи позасилено и поиздржано на тоа поле, за да бидеме и повеќе застапени особено во Германија – движечка сила во ЕУ и премногу значајна држава за нас“.

Велева дополнува: „Мотив за напорите за промовирањето на македонскиот јазик во Германија и германскиот јазик во Македонија е пошироката културолошка и општествена придобивка од овие односи, кои не се задржуваат само во рамки на образовните институции, туку имаат и многу пошироко значење во подобрувањето на политичките, економските, општествените и културните релации меѓу двата народа“.

Рау говори за можноста за „ново профилирање“ на идеите и визијата на основоположникот на македонизмот Крсте Мисирков означени со изразот „Македонцките работи“, овојпат во 21-от век и со помошта на Германија и заклучува: „Етаблирањето на досега запоставените и маргинализирани ’мали’ култури, јазици и литератури во новите студиски програми на универзитетите ја создава и големата шанса за Македонија. Овие нови европски програми за студирање ќе овозможат услови за новото профилирање на ’македонските работи’ на академската сцена и во универзитетските кругови во Германија и во светот“.