1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човекот кој може да ја уништи Аргентина

Николас Мартин/ А.Трајковска1 август 2014

Пол Сингер е човек кој не може да се објасни со неколку зборови. Сопственикот на хеџ-фондовите НМЛ Капитал и Елиот е полн со противречности, непопустлив кон едните и великодушен кон своите. Неговата стратегија е успешна.

https://p.dw.com/p/1CnQ0
Фотографија: World Economic Forum. swiss-image.ch/Photo Remy Steinegger

Додека аргентинското население во моментов има големи грижи, Пол Сингер (на насловната фотографија) веројатно ги трие рацете. Шефот на хеџ-фондот повторно беше тврдоглав. Иако засега не е сигурно дали ќе му биде исплатена добивката како од соништата, Пол Сингер повторно победи - против една цела земја.

Според „Форбс“, Сингер во меѓувреме има имот во вредност од 1,5 милијарди долари. Со своите пари е великодушен и радо се претставува како филантроп. Така, со неговата фондација „Paul E. Singer Family Foundation" ја поддржува полицијата во Њујорк, им помага на децата и училиштата. Тој е еден од поддржувачите на иницијативата на Бил Гејтс „Giving Pledge", во која богатите донираат голем дел од својот имот за добротворни цели. „Среќен сум и благодарен што учествувам во ваква иницијатива“, напиша тој кога беше примен во кругот на дарителите.

Човек со противречности

Сингер е конзервативен. Во американската изборна кампања во 2012 година тој силно ги поддржуваше републиканците и се изјаснуваше против Обама. Но, по едно прашање е либерален: со години се залага за хомо-браковите. Не сосема неосновано, еден од неговите синови е хомосексуалец. Така Сингер за едни е јунак, за други бескрупулозен шпекулант. Тој се бори за послободни правила за финансиската индустрија, негодува поради политиката на ниски камати на американската централна банка и е страствен приврзаник на слободниот пазар. „Она што ја снајде Аргентина, за тоа е самата виновна, и се должи на страшната владина политка“, рече Сингер на почетокот на годината на Светскиот економски форум во Давос. „Ако нашиот спор ја разбуди владата, за да ја смени својата економска политика, дотолку подобро“. Аргентинската влада, напротив, го навредува како мршојад, како уценувач кој својата добивка ја става пред судбината на 43 милиони Аргентинци.

Cristina Fernandez de Kirchner Argentinien Staatspleite Archivbild
Кристина Фернандез де Кирхнер, претседателка на АргентинаФотографија: picture-alliance/dpa

Сингер има 69 години и за да ја реализира својата кариера не мораше да мине по вистински трновит пат. Тој израсна во добро ситуирано семејство. Татко му бил аптекар, мајка му домаќинка, а куќата на семејството била во едно предградие на Њујорк. По студиите по псилохогија следува докторат по право на врвниот универзитет Харвард. Во 1977 година ја основа својата инвестмент-фирма. Почетниот капитал од 1,3 милиони долари го обезбедил преку пријатели и роднини, пренесува американскиот магазин „Fortune“.

Државни банкроти како бизнис идеја

Неговата фирма „Elliot Management Cooperation“ денес во повеќе фондови управува со имот од повеќе од 23 милијарди евра. Од почетокот активностите на Сингер се концентрираа на долговите на банкротирани претпријатија и држави. Додека многу акционери ги фрлаа овие хартии за минимален дел од вредноста на пазарите, Сингер ги прифаќаше. Потоа, ако беше потребно, тужеше за да си ги реализира своите барања. На тој начин имаше успех со гнилите акции (Junk-Bonds) во Конго и Перу.

Веќе десет години Сингер води процес против Аргентина за своите пари. Во една спогодба по бришењето на долговите во 2001 година, тој можеше за четири пати да го зголеми влогот. Но, тоа не му беше доволно. При вложен капитал од речиси 49 милиони долари тој бара уште 800 милиони за камати -капитална добивка од повеќе од 1600 проценти. Сега се чини е речиси на целта. Тоа што Аргентина повторно влегува во државен банкрот, на Сингер може да му е сеедно. Тој може да чека. Пари и трпение за тоа има.