1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човекот е постар отколку што се мислеше

Лиза Дум/ Ж. Ацеска5 март 2015

Научниците во источна Африка открија парче череп од родот Homo, 400.000 години постаро отколку досегашните фосилни остатоци на човекот. Тоа е драгоцен извор за нови податоци во врска со еволуцијата.

https://p.dw.com/p/1ElbB
Фотографија: picture-alliance/dpa

На научниците во источна Африка им успеа вистинско откритие. Пронајденото парче коска е долго само неколку сантиметри, станува збор за половина вилица со четири заби. Тоа би требало да е доказ оти суштеството човек постоело многу порано отколку што досега се претпоставуваше.

Пронајденото парче вилица на прастарите луѓе од родот Хомо е старо 2,8 милиони години. Досега најстариот човечки фосил датира од пред 2,4 милиони години. Филип Гунц од Институтот Макс Планк во Лајпциг, кој се занимава со еволутивна антропологија, најдената коска ја смета за важна коцка во мозаикот за настанокот на човекот.

Се‘ до овој момент научниците само претпоставуваа дека

Homo Sapiens настанал од видот Australopithecus во источна Африка, вели Гунц: „Досега меѓутоа немаше ниеден фосилен доказ за тоа“.

Веројатно најпознатиот примерок на Australopithecus е „Луси“, скелет стар околу 3 милиони години кој веќе содржи човечки карактеристики. Но, досега недостигаше поврзница за да се објасни преминот од Луси кон Хомо сапиенс. Најдениот фосил тоа треба да го овозможи.

„Новонајдениот фосил е постар 400.000 години од досегашните наоди на човечки фосили и несомнено потекнува од родот Хомо“, одушевен е Гунц. За палеонтолозите ова претставува „исклучителна сатисфакција“ зашто со доказот се потврдуваат нивните досегашни претпоставки.

Друга теорија тврдеше оти човекот настанал многу подоцна, пред околу два милиона години во јужна Африка. Според Гунц, оваа теорија е побиена преку новиот наод.

Можни се и реконструкции на условите на животот на сега пронајдениот прачовек. Тој живеел во време на промена на климата: саваната во источна Африка се проширувала, прашумите полека исчезнувале, во целина, климата станувала посува.