1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Червар оптимист пред дуелот со Кил

БГ/макфакс17 април 2014

Ракометарите на Металург се подготвени за првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампиони, во кој ќе го пречекаат Кил. Металург ветува спектакл, игра на победа против моќниот бундеслигаш.

https://p.dw.com/p/1BkDU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Два дена македонската спортска јавност ја дели од нов ракометен спектакл, во арената „Борис Трајковски“ на Металург ќе му гостува Кил, еден од најдобрите европски тимови во изминатата деценија. Екипата од од Кил е трикратен европски шампион, во клупските витрини има и 18 шампионски титули во националното првенство.

„Ние ќе се бориме, ќе дадеме се‘ од себе, тоа ние секогаш го правиме. Се надеваме дека со помош на публиката ќе стигнеме до посакуваната цел. Со победа против Кил на најубав начин на нашите навивачи би им го честитале Велигден. Барам играчите да го остават срцето на теренот“, рече на прес-конференцијата тренерот на Металург, Лино Червар.

Кил е вистинска „легија на странци“, во стартната седумка немаат ниту еден германски ракометар, а особено застрашувачки делува надворешната линија во која предничат Чехот Јиха, Исланѓанецот Палмарсон и Србинот Вујин, додека крилните играчи Сигурдсон и Екберг молскавично знаат да ја казнат секоја грешка.

„Доколку ги затвориме нив, тоа би значело дека многу ќе добиеме во позиционата игра. Но постојат и други сегменти каде што тие се многу опасни, пред се‘ тука е нивното огромно искуство. Најопасни се кога влегуваат во транзиција, тоа мора да го сопреме и да го неутрализираме. Тоа е екипа која никогаш не се предава, ние доколку сакаме да се бориме со нив не смееме да грешиме. Тие се фаворити, тоа на сите им е јасно, но ние не сме од оние екипи кои лесно се предаваат“.

Сепак, Червар е свесен дека секоја екипа има свои слабости, смета дека натпреварот против Барселона треба да биде патоказот како Металург може да го победи Кил.

Психолошкиот момент на овој меч е на страната на Металург, кој од квалификациите втора година по ред влегува меѓу најдобрите осум екипи и едноставно нема што да загуби. За разлика од Металург, Кил е под голем притисок, веќе го загубија германскиот Куп, по поразот од Рајн Некар Левен во средата се оддалечија од титулата во домашното првенство, така што со пласман на завршниот турнир и евентуалната титула во Лигата на шампиони би ја спасиле сезоната.