1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска шанса за компромис

Костадин Делимитов29 мај 2015

Одмрзнувањето на преговорите меѓу МПЦ и СПЦ е добар знак дека постои волја за решение на деценискиот проблем. Брзо решение не треба да се очекува, но добро е што е стопен мразот што беше создаден во изминативе години.

https://p.dw.com/p/1FYac
Фотографија: MIA

Двете страни според упатените се пред сериозен предизвик да дојдат до решение на маса но и да демонстрираат искрена волја што подразбира компримиси и отстапки, повеќе или помалку кај двете страни. Новинарот Бранко Ѓорѓески кој долги години се занимава со црковните односи смета дека преговорите се добар сигнал, но и единствен начин за надминување на повеќедеценискиот јаз кој ескалира откако МПЦ-ОА ја прогласи својата афтокефалност:

„Не очекувам дека проблемот ќе се реши брзо, тој е многу комплексен, тежок и нема тука илузии дека може да заврши за една година на пример. Битно е да почнат контакти, средби, договарања, што е добра основа да се оди кон решение. Решението ќе биде тешко, мора да биде резултат на добра волја од двете страни. За МПЦ црвените линии се одамна поставени, тоа е добивање афтокефалност под уставното име. Јас не гледам простор каде би можела да попушти МПЦ бидејќи македонското црковно прашање е доста познато, се знае дека своевремено ние сме добиле право на црковна самостојност токму од СПЦ која подоцна ретерираше од таа одлука и навистина не гледам причина зошто тоа сега се оспорува и се бара од нас да се вратиме во автономна положба. Јас сакам во текот на овие преговори СПЦ да каже конкретни аргументи зошто ние не можеме добиеме статус на автокефалност. Кои се тие конкретни услови кои ние не ги исполнуваме. Постојано ни се праќа порака дека ние мора да се вратиме во автономна положба, а подоцна во некоја недогледна иднина ќе се види дали исполнуваме услови за автокефална црква. Тоа е оној проблем што треба да го сфатат во Белград дека таквата опција за нас е неприфатлива бидејќи тоа ќе значи одложување на нашиот стремеж во недоглед. Ние не можеме тоа да го прифатиме. Од друга страна и другите православни цркви порачуваат решете го проблемот со СПЦ ние тоа ќе го прифатиме. Не гледам некој голем проблем ако има добра волја за решение, ако нема тогаш постојано ќе се најдат причини за тоа да не се оствари“, коментира за Дојче веле Ѓоргевски.

Историска шанса

Согласноста на двете цркви да го обноват дијалогот е историска шанса за конечно решавање на прашањето за канонскиот статус МПЦ-ОА, смета и новинарот Зоран Бојаровски кој исто така долги години ги анализира црковните прашања, посебно во делот на односите со СПЦ. Но преговорите според него се шанса и МПЦ да и објасни на јавноста што реално може да добие од СПЦ:

„Јас сметам дека црвени линии не треба да има. Условот на СПЦ и на ПОА (Православната охридска заедница), на исходот на преговорите да не им се даде легитимет доколку во меѓувреме не се симне од дневен ред измислениот, неоснован, судски процес против Архиепископот на ПОА, Јован, и на другите 18 епископи, монахињи и монаси, и верници на ПОА е реално барање. Зашто, какви би биле тие рамноправни преговори ако на едната страна и’ виси монтиран судски процес? МПЦ-ОА, добро знае, и треба на македонската јавност токму таа да и’ го соопшти тоа, дека СПЦ не може да додели автокефален статус. Треба да се прифати широката автономија која се нуди сега и да се воспостави литургиски дијалог и заедница со сите останати православни цркви. После одреден период на видлива братска љубов, да се отвори процесот за автокефалност кој единствено го одобрува Цариградската патријаршија, а другите цркви го прифаќаат како факт“, смета Бојаровски.

Neuer Moskauer Patriarch Kirill in sein Amt eingeführt
Дали Руската црква ќе посредува во спорот? фото: Московскиот патријарх КирилФотографија: picture-alliance/ dpa

ПОА- дел од решението

Вклучувањето во преговорите и на претставниците на ПОА на Јован Вранишковски за упатените е очекуван развој. Иако е очигледно дека ПОА не е коренот на проблемите во односите помеѓу двете страни јасно е дека евентуалниот договор ќе значи дека и таа ќе треба да биде составен дел од решението:

„Православната охридска архиепископија е реалност и единствена канонска црква на територијата на Република Македонија. Му се допаѓало тоа некому или не во овој момент. Исто така, ПОА недвосмислено покажуваше дека сака решение за прашањето на црквата на православните верници во Македонија. Моето мислење е дека ПОА е подготвена да се откаже од автономниот статус доколку МПЦ-ОА прифати канонско решение за својот статус. Ако тоа се случи, епископите, свештениците и верниците, ќе се вратат во поредокот на таа канонска црква“, смета Бојаровски.

„Сигурно дека во текот на преговорите СПЦ ќе инсистира ПОА како нејзин проект да биде дел од решението на македонското црковно прашање. Што тоа ќе значи да оставиме да видиме. Доколку на маса се стави решение за автокефална црква призната под уставното име јас би дозволил да се размислува што да се прави и каков третман да и се даде на ПОА во рамки на нашиот состав. Но побитно е да почне процесот и да се видат картите на маса. ПОА не е главен проблем во случајот и актер во преговорите, тие се меѓу Белград, Скопје и Москва и во тој триаголник треба да бараме решение. Јас сум малку песимист дека е Москва подготвена во моментов за силен притисок кон Белград бидејќи таа на свој грб го има украинското црковно прашање, проблем кој сепак не е ист како нашиот“, коментира Ѓорѓевски.

Замрзнати односи

Одлуката за одмрзнувањето на преговорите меѓу двете цркви Саборот на СПЦ ја услови со позитивен исход од повторното судење против охридскиот архиепископ и митрополит скопски Јован како и 18-мина други припадници на, како што велат, автономната православна Охридска архиепископија. Синодот на МПЦ допрва треба да заземе став по одлуката на СПЦ, посебно во делот на преговарачка маса да седне и епископот Давид како претставник на ПОА на Вранишковски. Црковни извори во ваквото сценарио препознаваат одредена уцена, спротивна на духот на она што беше побарано од српската страна, Јован да се ослободи од затвор за што МПЦ испрати молба до надлежните институции. Преговорите помеѓу двете цркви се замрзнати по потпишувањето на Нишкиот договор во 2002 кој остана на маса, но во пракса се покажа како неуспешен. Случувањата кои оттогаш следуваа, посебно оние поврзани со ПОА на Вранишковски кој неколкупати беше осуден на затворски казни под обвинение за разни финансиски малверзации, злоупотреби со црковен имот и перење пари, само дополнително ги замрзнаа односите.