1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Циркус во Европскиот парламент

Барбара Везел / Превод А.Трајковска 21 октомври 2014

Сослушувањата на новите ЕУ комесари се покажаа како бесмислена обврска. Тие се псевдодемократски и во оваа форма сосема излишни, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1DZEg
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Словенечката кандидатка се покажа како способна кандидатка со силни ставови“ - гласи оценката кај конзервативните народни партии, најголемата група во Европскиот парламент по нејзиното сослушување. Факт е: Виолета Булц се претстави зачудувачки добро, ако се има предвид дека имаше само пет дена време да се подготви за идната функција како ЕУ-комесарка за сообраќај. Во секој случај, таа има дарба за брзо сфаќање и добра меморија за вистинските клучни зборови. Иако, во дел од одговорите претера во желбата да биде добра. Оти, што треба да се замисли под „оптимална поврзаност“? Или тоа дека сака да ги постави „луѓето“ како централна тема на нејзината работа. Навистина?

Госпоѓа Булц е замена за првичната кандидатка од нејзината земја, која во првата рунда од сослушувањето во парламентот беше отфрлена како несоодветна. А зошто? Таа не беше ништо понесоодветна од другите, во една Комисија, во која многумина треба да управуваат со функции за кои, се чини, се најмалку подобни. Но, малата Словенија мораше да биде жртвено јаре.

Погрешен човек на погрешна функција

За случаите како на пример Шпанецот Канете, кој има врски со нафтената бранша, а сега ќе биде комесар за клима и енергија, или Британецот Лорд Хил, кој претходно беше лобист во Лондон Сити, а сега ќе биде комесар за европските финансии - ЕУ парламентот на крајот даде зелено светло. Тие доаѓаат од важни ЕУ-земји членки и имаат партиско-политичка поддршка. И освен тоа, во принцип се работи за тоа да не му се наштети на новиот претседател на Комисијата на ЕУ Жан Клод Јункер уште пред да стапи на функцијата. Впрочем, двете големи партиски фамилии, конзервативците и социјалистите постигнаа согласност за него. Сѐ друго потоа е само уметничко лизгање.

Porträt - Barbara Wesel
Барбара Везел. автор на коментаротФотографија: DW/B. Riegert

Во принцип тоа е убава демократска идеја - Парламентот да учествува во доделувањето на комесарските места - всушност министерските функции во ЕУ. Но, ако овие сослушувања, на кои всушност треба да се провери подобноста за функцијата, се чинат дека се чисто тајно местење на работи, излагање без корист, тогаш треба да бидат укинати. Публиката чувствува измамена ако однапред е јасно дека и задоцнетите кандидати мора да протанцуваат, но всушност е сеедно колку добро го прават тоа. Во среда (22.10) претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер заедно со целата негова екипа треба да бидат потврдени на функцијата. Иако многумина може да добијат задачи кои не можат да ги исполнат - гласање мора да има.

Европската комисија очигледно е како Ноевата арка, има место за сите видови: мачо типови, негатори на затоплувањето на климата, лобисти за индустријaта, уништувачи на човековите права... Нема ништо, што еден национален политичар би го дисквалификувало да работи за Комисијата на ЕУ. Исто така, да настапи смее и оној кој не е вистински политичар. Конечно Словенката Виолета Булц беше само три недели министерка, пред да ја пратат во Брисел. Претходно беше бизнисменка со наклонетост кон езотериката. На нејзиниот блог го опишува возбудливото доживување да се оди преку вжарен јаглен. Ова искуство можеби и‘ помогна на жешкиот стол во Европскиот парламент. Но што ќе дојде како следно: шамани, скротители на змии, следбеници на радиестезија?

Европската политика, како што е познато, е пазар на кој бесрамно се тргува. Одвреме-навреме ќе се појави некој политички наивец, како на пример докажаниот експерт за сообраќај од Зелените по сослушувањето на Виолета Булц. „Ако мораме да гласаме за неа, тогаш можеме да прекинеме со сослушувањето“, рече Михаел Крамер. Тој е во право. И на граѓаните на Европа не би требало овој циркус да им се продава како демократија, на ваквите претставувања во последните години станаа прилично чувствителни. Вежбање демократија како договорена игра? Има само еден одговор: Доста со тоа!