1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на нафтата во „слободен пад“

Клаус Улрих/ Дијана Ристова 18 декември 2014

Германските возачи се радуваат на падот на цената на горивото. Но. додека едни седат во автомобилот со насмевка на лицето, други, како државите извезувачи на нафта, ги фаќа паника. На многумина им се заканува фијаско.

https://p.dw.com/p/1E6EE
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

Цената на нафтата која во изминатите седмици беше во постојано опаѓање, во моментов делува стабилно. Неделата почна оптимистично. Во понеделник, 15. декември, баре нафта од Северното Море - Брент (159 литри) чинеше 62,60 американски долари. Значи, нешто повеќе отколку во петокот. А и Американската нафта (WTI) во меѓувреме доби на вредност, остварувајќи скок за 58 центи.

Сепак, во споредба со цената на нафтата ова лето, вредноста на сировата нафта на пазарот, падна за околу 40 отсто. Откако, на крајот на ноември заседаваа државите-членки на ОПЕК (Организација на земјите извозници на нафта) и одлуката дека е неопходно да се „интервенира“, падот на цената е значајно, но, сепак недоволно ублажен (20 отсто). Меѓутоа, како и пред таа средба, се' уште нема знаци дека би можело да се дојде до сериозно намалување на производството. Покрај најјакиот картел во Саудиска Арабија, ни Соединетите Арапски Емирати не се согласуваат на намалување на обемот на производството.

Се почна во 2008 година

Краток осврт на случувањата во минатото: во летото 2008, цените на барелот нафта беа на ниво од 150 американски долари. Стручњаците веруваа дека цената на горивото и натаму ќе продолжи да расте. Веднаш потоа во целиот свет се случи финансиска криза, крунисана со банкротот на банката на „Лиман брадрс“ (Leman brothers bank). Неколку седмици подоцна, цената на нафтата опаѓа за околу 45 долари.

Додуша, се' уште делуваше како да е се под контрола. Бидејќи светската економија почна да се опоравува, сѐ до летото 2014. година, кога цената на суровата нафта повторно почна да паѓа. Секако дека за развојот на пазарот за суровини е одговорна економската ситуација.

„Никој не размислуваше за тоа дека со технолошкиот напредок ќе дојде до поголема експлоатација на нафта“, вели Леон Лешус, стручњак за суровини од хамбуршкиот Институт за економски истражувања (HWWI) во разговорот за ДВ. „Особено во Америка со фракинг е овозможена експлоатација на поголема количина на нафта“. Американците во текот на минатата година го зголемија производството на нафтата за четири милиони барели нафта дневно. „Тоа е огромна количина, која на САД и' овозможува да биде втора во рангот по јачината на членките на ОПЕК“, објаснува германскиот стручњак.

Различни прогнози

Според прогнозите на Меѓународната агенција за енергија (IEA), состојбите на пазарот за суровина и во наредната година ќе бидат нестабилни. Цената на нафтата ќе остане под притисок. Соединетите Држави и нивното зголемено производство на нафта, ќе останат еден од важните фактори. Со други зборови, доколку на светскиот пазар и натаму има премногу нафта, цените на горивата и натаму неминовно ќе паѓаат. Ќе биде потребно некое време за понудата и побарувачката да се дојдат во рамнотежа.

Леон Лешус верува дека веќе нема да има значајно паѓање на цената на нафтата. „Мислам дека цената на нафтата го допре дното“. Тој претпоставува дека економскиот раст во светот во текот на наредната година, ќе го навести економското опоравување. Во тој случај, побарувачката за нафта ќе се зголеми.

Поради ниските цени, фракингот станува непрофитабилен

Најпрво мора да се реши проблемот со вишокот на нафта, односно нејзината понуда на пазарот. „Произведувачите на нафтата со текот на времето ќе пласираат помала количина на гориво, бидејќи во спротивно, ќе се продава по ниска цена“, вели Еуген Вајнберг, стручњак за суровина на германската Комерц-банка.

И тој, хаосот на пазарот го објаснува со несогласувањето во производството и побарувачката на гориво, до кое се' дојде со зголемувањето на скапата експлоатација, како што е фракингот. Кога цените на нафтата паѓаат, се намалува и производството, со тоа пазарот на суровина останува под контрола. „Постојат повеќе причини поради кои, би требало да се верува дека цените на нафтата повторно ќе пораснат“, смета Вајнберг, истакнувајќи како актуелните прилики на берзата, порано или подоцна, ќе се одразат на американското производство на нафта. „Таа веќе нема да расте“, вели тој.

Без опоравување за Иран, Ирак, Нигерија и Русија?

И Леон Лешус од Институтот за економски истражувања о дХамбург очекува дека, цените на нафтата наредната година одново ќе пораснат. „Очекуваме дека, вредноста на барелите на нафта ќе бидат на ниво помеѓу 80 и 90 долари“.

Тоа е добра вест за земјите како Иран, Ирак, Нигерија и Русија, кои се прилично зависни од извозот на нафта, но, ако навистина дојде до пораст на цените на нафтата, се' уште не може да се зборува за стабилен пазар и опоравување. „Доаѓаат тешки времиња за овие земји, бидејќи не очекуваме дека цената на нафтата ќе достигне вредност од 100 долари по барел, а тоа е она што им треба на спомнатите држави“, вели Еуген Вајнберг од Комерц-банка.