1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Царот Путин и неговото кафкијанско ТВ-шоу

Инго Мантојфел / превод: ЕМФ17 април 2015

Рускиот претседател Владимир Путин комуницираше со својот народ преку „директна врска“. Но телевизискиот ритуал, како замена за демократија, станува се‘ поапсурден, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1FA7F
Фотографија: AFP/Getty ImagesD. Semyonov

Во Путинова Русија веќе добра традиција стана еднаш годишно Претседателот во телевизиска емисија да одговара на прашања поставени од публиката во студио, преку телефон, интернет и СМС-пораки, како и со вклучување во живо. Ваквата форма на комуникација со народот на прв поглед делува модерно и демократски. Но при покритичко гледање се покажува дека не граѓаните се тие што разговараат со од нив поставениот највисок народен претставник, туку владетелот разговара со своите потчинети.

Социјален цар

Шоуто е безмилосно оркестрирано. Прво претседателот дава своја проценка за социо-економската состојба. Тенорот гласи: времињата не се лесни, но тој има се‘ под контрола. Потоа поранешниот, пазарно ориентиран руски министер за финансии Алексеј Кудрин со умна, но претпазливо изнесена аргументација смее да укаже на дефицитите во руската економска политика. На ваквата критика Путин парира со тоа дека Кудрин наводно бара преголеми кратења во социјалната сфера и има премалку срце за луѓето.

Во наредните часови постојано се покажува дека Путин има вакво сочувство, зашто тој на сите им ветува поддршка - на селаните, на работниците во воздухопловството, на градежните работници, на ветераните, идните пензионери, болните, туристите на Крим и многу други. Политичарите да им ветуваат многу на своите избирачи е радо практикувана работа и во западните држави.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, раководител на редакцијата за ЕвропаФотографија: DW

Сепак, во оваа комуникација меѓу оние што се на власт и останатите граѓани во Рурија се покажува посебноста на рускиот политички систем. Не е самоуверениот носител на суверенитет оној што како избирач бара објаснување од претставникот за кого гласа, туку повеќе рускиот потчинет како понизен молител бара помош од царот кој се грижи за нештата. И Путин, со патерналистичка реторика ветува подобрување.

Русите речиси и немаат други можности. Демократските институции како партиите, изборите и парламентите, исто како и правниот систем, во Русија се само „празна лушпа“. Ако се мерат според она што им е вистинска задача - да ги спроведуваат интересите на граѓаните во политиката - овие институции ја имаат загубено својата суштина и се израмнети со извршната власт. Претседателот во суштина владее како национален лидер со семоќна бирократија. Со оглед на тоа, телевизискиот настап стана кафкијанска претстава која создава илузија на можност човекот во Русија да влијае врз политиката.

Разнишана веродостојност

Украина и односите со Западот во емисијата постојано играа улога. Не е изненадување што Путин во суштина ја оправдуваше својата досегашна надворешна политика. При повнимателно слушање од зборовите на Путин може да се заклучи дека тој сега сака да заземе помек став кон Украина и Западот. Така, тој негираше дека Русија го третира Западот како непријател. Наместо тоа, тој тврдеше дека Кремљ е само заинтересиран за политичко решение на конфликтот во Донбас. Но довербата во чесноста на претседателот Путин е многу разнишана во Украина и на Запад. Путин веќе изјавуваше дека ќе го почитува суверенитетот на Украина и дека нема да го припои Крим. Тоа што тој и покрај многуте извештаи, фотографии и видео снимки повторно негира дека има руски војници во Украина, не ја подобрува неговата веродостојност. Рускиот претседател во меѓувреме на Запад се проценува само врз основа на неговите дела. И Русите, со оглед на неговите социјални ветувања, би требало да направат така.