1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијаните ширум светот го одбележуваат Велипеток

ЕМФ/дв/кна/миа18 април 2014

Велипеток потсетува на страдањата и умирањето на Исус Христос на крстот. На свеченостите ширум светот, христијаните денеска (18.04) побараа мир на Блискиот Исток и опоменаа да не се забораваат страдањата во Сирија.

https://p.dw.com/p/1BknO
Фотографија: Reuters

На Филипините секоја година ист, грозоморен ритуал - повеќе христијански верници се распнуваат на крст за да ги почувствуваат страдањата на Исус Христос. Спектаклот на периферијата на градот Сан Фернандо (на насловната фотографија) нема „амин“ на црквата, но сепак привлекува илјадници љубопитници кои сакаат да го гледаат распнувањето со шајки низ дланките.

И во Ерусалим на овој Велипеток христијаните се сеќаваат на распетието на Спасителот. Тие со молитви и процесија минуваат низ Виа Долороса, односно патот на страдањето на Исус. Многумина носат дрвен крст, каков што, според верувањето, Исус носел кога минувал низ улицата во срцето на историскиот стар дел на Ерусалим. Поглаварите на различните христијански конфесии во Светата земја во своите велигденски пораки повикаа на молитва за мир и за надеж дека преговорите за мир меѓу Израелците и Палестинците ќе бидат успешни.

Karfreitagsprozession in Jerusalem 18.04.2014
Процесија во ЕрусалимФотографија: AFP/Getty Images

Во Рим исто така се одржаа велигденски церемонии. Илјадници католици го минаа традиционалниот пат на распетието кај Колосеумот.

Во Берлин околу илјада луѓе маршираа молчејќи 1,5 час низ историскиот стар дел на градот. Евангелистичкиот бискуп Маркус Дреге во својата молитва во црквата на Св. Марија потсети на страдањата на луѓето во сириската граѓанска војна. „Секој кој беспомошно страда во светот затоа што се нашол меѓу тркалата на моќните, ги преживува страдањата на распетието на Христос“, рече Дреге.

Велипеток е денот на Христовите страданија

На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалниот ден за христијанските верници, бидејќи тогаш Исус Христос бил осуден и распнат на крст. Според преданието, Исус Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а молкот на камбаните трае се‘ до недела, кога првпат се огласува радосната вест за Христовото воскресение.

Griechenland - Orthodoxe Christen
Фотографија: Reuters/Yannis Behrakis

Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донесло Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеменската градина, по Тајната вечера, ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го осудил на смрт. Потоа, со венец од трње на главата, Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде е распнат и каде, пред да испушти душа, побарал прошка од Бога за своите убијци, извикувајќи: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“.

Според христијанското учење, заедно со невиниот распнат Исус, страдал и Господ. Затоа, Велики петок е истовремено и одговор на христијанството на се‘ што е лошо во светот. На тој начин, христијанството станува религија на крстот, а крстот станува симбол на сочувство и на избавување од смртта. Велики петок е сосем во знакот на тагата. За христијаните, меѓутоа, крстот е симбол и на спасение и избавување. Сите христијански религии денес се единствени во тоа дека преку животот и смртта на Исус, на свет дошол лично Господ. На тој начин, крстот станува и симбол на наклонетоста на Господ кон најсиромашните и најслабите.