1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандија: најпрво погреб, потоа барање виновник

Б. Ригерт/Б. Георгиевски22 јули 2014

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за евентуални нови санкции против Русија по уривањето на малезискиот авион. Холандија бара најпрво да ги погреба жртвите.

https://p.dw.com/p/1CgSI
Фотографија: Getty Images

„Сакам да организирам погреб, но не можам. Не знам каде се“, вели Зилене Фредрикш за холандската телевизија НОС. Таа е мајка на младо момче, кое заедно со неговата девојка, патувало во урнатиот малезиски авион. „Го сакам назад. Тој мора да се врати тука. Господине Путин, ве молам, испратете го моето дете назад!“, гласи молбата на ужалената мајка до рускиот претседател. Вчудоневидени како и Зилене Фредрикш се граѓаните на цела Холандија особено поради сликите на недостоинственото и непрофесионално префрлање на лешевите на загинатите во источна Украина. Повеќето од 298-те загинати, точно 192, се со потекло од Холандија, 26 од Австралија, 10 од Велика Британија и 4 од Германија.

Холандскиот премиер Марк Руте пред парламентот во понеделникот соопшти дека повеќето од телата на жртвите биле префрлени во специјален вагон-ладилник. „Можам да потврдам дека првиот тим форензичари пристигна на местото. Возот сега треба да се префрли на украинска територија“, рече Руте. Холандија испрати експерти и судски медицинари во Украина. Руте сака да ги пренесе телата на жртвите во најбрз можен рок во Амстердам. Идентификацијата потоа ќе се врши во Холандија. Проблемот е што недостасуваат телата на уште 50 жртви кои се расфрлани по полето каде падна авионот. Во осудата на настанот, холандскиот премиер е се уште претпазлив. „Пред да зборувам за вината, сакам да ги погребаме телата“, рече Руте, кој ги отфрли повиците на дел од парламентарците да се испратат припадници на холандската армија во регионот.

ЕУ министрите за нови санкции

Денеска во Брисел се состануваат министрите за надворешни работи на ЕУ и ќе расправаат за уривањето на малезискиот авион. Шефот на британската дипломатија Филип Хамонд веќе апелираше за натамошно заострување на санкциите кон Русија, доколку Москва продолжи да ги поддржува бунтовниците и да го овозможува нивното преоѓање преку границата. Премиерот Дејвид Камерон се залага за целосна блокада на извозот на висока технологија. Министрите можат да ја забрзаат имплементацијата на досега воведените санкции кон Русија, но за натамошни мерки потребна е одлука на лидерите на земјите-членки. Германската канцеларка Ангела Меркел по телефонскиот разговор со францускиот претседател Франсоа Оланд, исто така се заложи за засилување на санкциите. Но, останува неизвесно каква ќе биде одлуката на денешниот состанок. Дел од агенциите го пренесуваат очекувањето дека Холандија ќе треба да ја преземе иницијативата на состанокот на министрите. Европарламентот минатата недела предложи наметнување и ембарго за извоз на оружје кон Русија. Но, работите ги компликуваат земји како Франција, која по секоја цена сака да ја финализира продажбата на два воени брода на Русија.

der niederländische Ministerpräsident Mark Rutte
Марк РутеФотографија: picture-alliance/dpa

Холандскиот премиер Руте одбива да дискутира за натамошни санкции, сѐ додека не биде извршен погребот на жртвите, но тврди дека ЕУ е обединета по тоа прашање.

„Често дискутираме за нештата кои не функционираат во Европа. Но, она што како сочувство и поддршка го добив во телефонските разговори со речиси сите европски лидери, ми остана при срце. Тоа покажува дека во време на криза, Европа е обединета“.