1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хармс: Сепаратистите виновни за уривањето на авионот

Р. Гончаренко/Б. Георгиевски21 јули 2014

Шефицата на пратеничката група на Зелените во ЕП, Ребека Хармс смета дека проруските сепаратисти се виновни за уривањето на малезискиот авион. Бара меѓународна контрола на украинско-руската граница.

https://p.dw.com/p/1Cg6z
Фотографија: DW/B. Riegert

ДВ: Доаѓате во Украина директно по авионската несреќа. Дали на крајот на престојот имате одговор на прашањето за вината?

Хармс: На истокот на Украина во неколку наврати претходно беа урнати украински воени авиони. Досега тоа го правеа самопрогласените сепаратисти вооружени со специјално руско оружје. Според сета веројатност, може да се претпостави дека сепаратистите го урнале и малезискиот авион. Во прилог на тоа говорат и блокадите на местото на несреќата, недозволувањето на меѓународните експерти да го посетат местото од страна на герилците. Сето тоа зборува дека се задскриваат трагите.

ДВ: Кои места ги посетивте во Украина, и што Ви остави најсилен впечаток?

Патувањето во Источна Украина беше планирано уште пред авионската несреќа. Сакав подобро да увидам како таму се гледа на демократијата и на новата влада. Сето тоа сега е во сенка на впечатоците од војната во источниот дел. Забележливо е дека целата Источна Украина е во голема тензија. И градот Харков. Животот изгледа нормален, но некои пријатели кои долго ги познавам, ми објаснуваат дека постојано има тензии меѓу онои кои ја поддржуваат руската политика и оние кои го поддржуваат Киев. Постои голем страв. Харков е во близина на руската граница и во воената зона. Ноќе се слуша бучавата од тенковите кои таму се движат.

Има многу луѓе кои велат, нема да дозволиме Русија да одлучува што ќе биде Украина. Овие луѓе се подготвени да се борат за својата земја. Во истовреме, многумина велат дека никој не ја посакува оваа војна и дека во неа ги вовлекуваат самопрогласените сепаратисти со поддршка на Русија. Луѓето очекуваат конечно нешто повеќе од Западот, да не се дозволи уште еден замрзнат конфликт.

ДВ: Што велат луѓето во градот Славјанск, кој до неодамна беше централа на сепаратистите?

Не можете да извлекувате целосни заклучоци од поединечни разговори, но она што сите ми го кажаа е дека никој не посакува да се врати претходната состојба. Видов дека многумина во Славјанск ги поддржуваат украинските војници, но има и критики на сметка на Киев. Поддршката за Украина не значи и бланко поддршка за сѐ што Порошенко и Јацењук прават во Киев.

Bundesparteitag Die Grünen 2014 Dresden Sachsen Deutschland
Ребека ХармсФотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Ќе има ли нови санкции од страна на ЕУ?

Можеби ќе звучи цинично, но шефовите на држави и влади сега во неколку часа го доживуваат она што луѓето во Украина го преживуваат веќе со месеци. Меркел и Путин бараа од Порошенко да преговара со самопрогласените сепаратисти. Сега на шефовите на држави во Европа им станува јасно дека со овие одметнички и неморални милиционери не може да се преговара. Се враќам со две главни грижи. Натамошниот развој на војната не мора да оди по автоматизам. За мене најважна е идејата дека украинско-руската граница мора да се направи непропустлива. Доколку условот за руската поддршка за тоа се натамошни санкции против Москва, тогаш веднаш сум за тоа.

Ребека Хармс, 57, е лидер на фракцијата на Зелените во Европарламентот од 2010 година. Како противник на атомската енергија ја посетува Украина уште во советско време по катастрофата во Чернобил и оттогаш одржува постојани контакти со земјата.