1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Халими: Да не се гиба во идентитетот на македонскиот народ

Свето Тоевски27 март 2014

Шефот на државата не треба да биде партиски послушник. Предлозите на Нимиц се познати и тие треба да се разгледуваат на тој начин што нема да се гиба во идентитетот и интегритетот на ниеден народ што живее во Македонија.

https://p.dw.com/p/1BWUG
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Илијаз Халими е еден од ветераните во македонската политика и препознатлив лик за ДПА. Тој влезе во претседателската трка во последен момент, наспроти кампањата што ја поведе владејачката ДУИ за „консензуален кандидат“ и за бојкот на изборите. Опозициската партија на Албанците ги прогласи првично за неважни изборите за шеф на државата, за потоа да се премисли и да влезе во натпреварот.

Претседателскиот кандидат на Демократската партија на Албанците, Илијаз Халими е роден во Косово (во село Сушиќе), но кога имал 1,5 година неговото семејство се преселило во Тетово. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот во Приштина.

Халими е претседател на Централното претседателство на ДПА - функција што ја презеде пред две години, по смртта на партиската икона Арбен Џафери. Тој е еден од основачите на ДПА, која настана во 1997. година со обединување на две партии, НДП и ПДПА во нов политички субјект, кој се наметна како порадикална конкуренција на тогаш водечката партија во албанскиот политички блок - умерената ПДП. Во разговор за Дојче веле Халими ги објаснува своите ставови за најактуелните теми во државата.

ДВ: Каков е Вашиот став за евроатлантското интегрирање на Македонија, вклучувајќи го и решавањето на спорот за името со Грција? Од албанскиот политички блок повремено доаѓаат предупредувања дека Албанците во оваа држава имаат се‘ помалку трпение и разбирање за блокадите на таквите интеграции ...

Халими: Од парламентарните избори зависи дали евроинтеграцијата на Македонија ќе се придвижи нанапред, или не. Ако остане на власт оваа политичка гарнитура, тогаш не треба да очекуваме дека ќе може да се реши проблемот со името и Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ веќе имаше можност шест години по ред да го реши ова прашање, но никако да дојде до тоа. Единствено ако се сменат силите во наредната власт, ќе се укажат можности да се стори нешто. Ако ДПА влезе во Владата, тогаш имаме стратегија како да се реши овој проблем. Како претседател на државата јас би постапил малку поинаку од Иванов, кој недоволно се ангажира во овој правец, бидејќи е повеќе послушник на својата партија. Како актуелен претседател тој никогаш досега не презеде никаква иницијатива за да се состанат претставниците на релевантните четири партии во земјата. Зошто не формираше посебна група на стручњаци, кои можат повеќе да придонесат со поцврсти предлози за решавање на спорот за името? Тоа би им ја олеснило работата на претставниците на тие четири релевантни партии. Ова би бил мојот прв чекор, кога би станал претседател. Инаку, предлозите на посредникот Нимиц се познати и сите тие треба да се разгледуваат на тој начин што нема да се гиба во идентитетот и интегритетот на ниеден народ што живее во Македонија. Ниту на Македонците како најмнозински народ.

ДВ: Вашиот лидер Мендух Тачи има изјавено уште во септември 2011 година дека „решавањето на спорот околу името со Грција е проблем само на Македонците“. Дали сега и Вие мислите, како претседателски кандидат, дека Албанците во оваа држава треба да се држат настрана, или треба да имаат активна улога во надминувањето на овој спор, кој ја засега и нивната судбина?

Халими: Ако јас станам претседател на оваа држава, ќе бидам претседател на сите нејзини граѓани и на сите етнички заедници – на Македонците, Албанците, Турците, на Ромите и на сите други. Треба да се затвораат сите отворени прашања, а важна улога во тоа игра и претседателот на државата. Лидерот на нашата партија Тачи ја дал таквата своја изјава, сакајќи да нагласи дека ние нема да се согласиме со некое име за Република Македонија, што ќе се одразува негативно врз интересите на Албанците, кои се втор мнозински народ во земјата. Ова прашање е многу важно и во неговото решавање треба да се вклучат претставниците на сите релевантни политички партии.

ДВ: Значи, активно вклучување и на албанскиот политички фактор?

Халими: Да.

ДВ: Што мислите за односите со соседите – Грција, Бугарија ...?

Халими: Ние имаме некакви стопански и други односи со Грција, но, најголемиот проблем во односите на Македонија со оваа соседна држава е спорот околу името. На тој план треба повеќе да работиме, за да се деблокира процесот на евроатлантските интеграции. Некои отворени прашања имаме и во односите со Бугарија. Од нивна страна се бара да се постигне еден договор со Македонија, што не е лошо. Самиот збор „договор“ е добар и подразбира договарање на двете страни, заради иднината на двете држави и на добрососедството. Сите отворени прашања, ако постојат во рамки на тој договор, треба да бидат разгледани и да им пријдеме со аргументи и факти, за да можеме да се убедиме меѓусебно и со цел да дојдеме до решение прифатливо за двете држави. Македонија ја има признато независноста на Косово како држава, но, односите со него не се развиени толку колку што би сакале ние. Има и многу технички прашања, кои треба да се надминуваат, но, дали политиката е тука „заслужна“ што тие се‘ уште не се решаваат? На пример, веќе поминаа неколку години откако е признато Косово, но, граѓаните што се родени таму, а се државјани на Македонија, кога ги примаат своите лични документи на нив пишува дека нивното родно место се наоѓа во Србија. Овие работи треба да се разрешат, да не се чека на тоа многу, оти тоа ги иритира тие граѓани.

ДВ: Покрај придржувањето кон принципите на добрососедството, како услов за евроинтеграцијата, сметате ли дека Македонија треба да води поактивна, покреативна надворешна политика во регионот, за да се покаже како фактор кој решава, а не создава проблеми?

Халими: Македонија може да заземе таква улога само ако ги решава проблемите, за кои зборував претходно. Тука се покажува нејзината способност да има добри односи со соседите. Во спротивно, нема да можеме да ја преземеме улогата како таков фактор во надворешната политика во регионот. Затоа претседателот на државата игра голема улога во приближувањето на ставовите и на самите групи внатре во Македонија, односно, на политичките партии, кои понекогаш, поради политички поени, постапуваат на друг начин, иако знаат дека вистината е поинаква. Тоа не е во ред. Важно е за стратегиските интереси да се зацртува и да се остварува една и единствена цел, за да можеме да изнајдеме заеднички јазик и за решавање на отворените прашања со соседите.

ДВ: Токму тоа сакавме да Ве прашаме господине Халими: како замислувате да бидете претседател на сите граѓани, како да се приближуваат ставовите на партиите и да се дефинираат заедничките цели, кога во земјата постои строга партиска поделеност?

Халими: Тоа е лошо. Како претседател на државата јас би работел да се надминат овие разлики, сите луѓе да бидат рамноправни и да имаат еднакви можности да се вклучуваат во општествениот живот. Оваа поделеност влијае и врз меѓуетничките и меѓуграѓанските односи. Актуелниот претседател Иванов не се ангажирал многу во врска со ова. Тој понекогаш постапувал согласно со директивите на неговата партија и поради тоа ја има загубено улогата да биде претседател на сите граѓани. Ако станам претседател, во многу сегменти ќе работам поинаку од сегашниот претседател, за да чувствуваат сите граѓани дека ги претставувам навистина нивните интереси. Додека бев четири години потпретседател на Парламентот не може ниеден пратеник било од опозицијата, било од позицијата, да каже дека ги имам делено пратениците на опозиција или позиција и оти сум им давал предност на пратениците на владејачкото мнозинство. Не ги делам луѓето според партиска припадност. Улогата на претседателот е да ги зближува, да ги поврзува луѓето, сите членови на општеството, за да се работи на заедничката цел. Тоа е иднината и перспективата на граѓаните и на државата.

ДВ: Употребивте квалификација за Иванов како „партиски послушник“...

Халими: Не само за Иванов, туку и за другите, за кој било досега, освен починатиот претседател Борис Трајковски. Другите претседатели биле на некој начин директно поврзано со интересите на своите партии.

ДВ: Ако Вие би станале претседател на Македонија, дали би можело да се случи да имате некое диференцирано, поинакво мислење„ одредени „дисонантни тонови“ наспроти вашата партија, кога би се работело за интересите на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност?

Халими: Зависи за што. Ќе ги претставувам интересите на сите граѓани, но, исто така, и на етничките заедници. Ќе настојувам да се реализираат интересите на овие етнички колективитети во рамки на Република Македонија по пат на разбирање и договор, за да нема разлики врз етничка или верска основа.

ДВ: Што мислите за социјалното раслојување во земјата?

Халими: Загрижува тоа што мнозинството од народот тешко живее. Не постојат можности да се задоволат потребите на семејствата во земјата за подобар животен стандард. Има значителен број невработени луѓе, а има и такви кои се здобиле со богатства. Ваквата ситуација може да се надмине со добра социјална програма и да не се вложува во непродуктивни објекти, кога нема приход од такво инвестирање, како што е примерот со проектот „Скопје 2014“. То е целосно промашување. Многу е инвестирано во луксуз, а тоа не е потребно во оваа ситуација во која се наоѓаат земјата и граѓаните.

ДВ: Што да се направи за подобрување на меѓуетничките односи?

Халими: Македонија е држава со повеќе етнички заедници и најмногу треба да се внимава да им се дадат еднакви можности на тие заедници, за да се постигне целосна рамноправност. Се‘ додека постои нерамноправност во искористувањето на правата, ќе постои можноста некој да „дотура бензин во огнот“, по што може лесно потоа да ескалира ситуацијата со меѓуетничките односи. Многу е важна улогата на претседателот и на овој план. Тој треба да игра важна улога, за да дојде до помирување, со цел да се решаваат меѓуетничкитепроблеми.

ДВ: Ваша оценка за степенот на демократијата и слободата на медиумите во Македонија?

Халими: Демократијата не е развиена до тој степен, за да можам да кажам дека Македонија е целосно демократска држава. Медиумите се под влијание на власта. Значителен дел од нив се корумпирани и за малку пари заземаат страна. Медиумите треба итно да станат независни, а за да станат независни треба сразмерно да се делат парите кои се предвидуваат за нив. За да не мора да зависат од партиите кои се на власт.

Во пресрет на претседателските избори во Македонија, Дојче веле објавува интервјуа со претседателските кандидати. Сите тие одговараат на прашања на исти теми, за кои редакцијата смета дека во моментов се најважни за државата.