1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрај: Посетата на Нимиц не е рутинска

Силвера Падори-Кленке1 август 2014

Во комплицирана ситуација каква што создава спорот со името, важно е од трета страна да има нови и нови импулси, истакна во разговор за ДВ Торстен Фрај, пратеник во Бундестагот и известувач за Македонија на ЦДУ-ЦСУ.

https://p.dw.com/p/1Cmjg
Фотографија: DW/S.P. Klenke

ДВ: Неделава посредникот во спорот со името Метју Нимиц ги посети Скопје и Атина. Сметате ли дека ваквите визити можат суштински да придонесат во решавањето на дводеценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција

Торстен Фрај: Убеден сум дека средбите се корисни. Од една страна, посредникот ја искористи можноста лично да се запознае со новиот преговарач за името задолжен од македонската страна, кој е назначен откако неговиот претходник стапи на министерска функција. Од друга страна, во една комплицирана ситуација каква што е расправијата околу името меѓу Македонија и Грција, важно е одново и одново да се даваат импулси за решение од трета страна, во случајот од Обединетите нации. Сигурен сум дека господин Нимиц на двете страни јасно им ги предочил очекувањата за добрососедски односи.

ДВ: До кога може да бидат прифатливи ваквите, како што многумина ги нарекуваат, „рутински“ разговори на медијаторот со обете засегнати страни?

Фрај: Јас не би ја протолкувал посетата како рутинска. Не само поради тоа што токму по изборите во април македонската влада е потврдена и одредени ресори се обновени. Посетата ја гледам пред се’ како знак дека Обединетите нации и покрај бројните кризи во Газа, Украина или Африка, не го ставаат во втор план решавањето на спорот со името. Значењето на темата се потврдува и со тоа што посредникот лично ги посети двете земји. Значи станува збор за личен ангажман кој носи поинаква динамика која не може да се замени преку писмени барања или унилатерални декларации.

ДВ: Сметат ли дека по 20 години Нимиц е во состојба да донесе пробив во преговорите?

Фрај: Не можам да давам проценки за личностите кои имаат задачи од Обединетите нации. Но, сигурно има причини зошто господин Нимиц 20 години е на оваа позиција. Убеден сум дека предност е неговото долгогодишно познавање на спорот, на вкучените актери и на целокупниот развој на случувањата. Според мене, суштината на преговарањето и подготвеноста за решението е во рацете на одговорните од Македонија и Грција, а не во промената на специјалниот посредник.

ДВ: Можат ли и како Германија и канцеларката Меркел да го помогнат преговарачкиот процес?

Фрај: Со нејзината големина и значењето во ЕУ, но и во светот, природно дека Германија има можност и обврска во споровите да посредува, да модерира и да ги доведе до конструктиен крај. Ова се однесува како во случај кога се погодени нејзините сопствени интереси, така и кога станува збор за спорови во рамките на ЕУ, кога една членка на ЕУ е вовлечена. Во минатото ова посредство во различни точки беше успешно применето. Потсетете се, на пример, на различните кризни жаришта на Блискиот Исток. Германија и натаму ќе се ангажира секаде онаму каде е возможно и каде има смисла за подобрување на нарушените добрососедки односи.

ДВ: На 28 август канеларката Меркел во Берлин ќе ги пречека премиерите, шефовите на дипломатиите и министрите за економија на земјите од Западен Балкан. Ќе ја следите ли средбата?

Фрај: Конференцијата без сомнение ќе биде добар форум за размена на мислења, едновремено и во доменот на спорот со името. Со конференцијата се покажува дека Германија може да ја исполни улогата на посредник и знае да ја искористи улогата на домаќин. Јас лично немам покана за учество. Но, претпоставувам дека целта е кругот на гостите да биде што потесен. Искуството покажува дека тогаш има можност на крајот да се постигне некаков напредок.

ДВ: Господине Фрај, на почетокот на септември патувате за Македонија. Со кого ќе се сретнете и што ќе биде тема на вашите разговори?

Фрај: Со оглед што станува збор за моја прва посета на Македонија, сакам да добијам поширока слика за политичкиот и општествениот развој на земјата. Планирам да разговарам со претставници на владата, на опозицијата, на меѓународните институции во земјата и на граѓанското општество. Теми на моите разговори ќе бидат економските и реформите во правниот систем, доближувањето до ЕУ и секако спорот со името.