1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француско село сака да стане кнежевство

С. Дерхаге / З. Јордановски22 ноември 2014

Европа би можела набрзо да добие ново кнежевство-Лас-ан-Беарн. Ова француско село со само 123 жители на 1 јануари би требало да стане независно, гласи планот на градоначалникот. Со тоа би требало да се привлечат туристи.

https://p.dw.com/p/1DepB
Фотографија: DW

Мини-држава со горди крави на знамето, со дипломатски врски со целиот свет и, разбирливо само по себе, со сопствени пасоши. Тоа набрзо би требало да стане Лас-ан-Беарн. Градоначалникот Жак Педеонта објаснува:

„Шеф на државата ќе ни бидат два принца - прво претседателот Франсоа Оланд, а потоа и надбискупот од Бајон. Советот на општината ќе се преобрази во Совет на министри, а јас овде ќе ги застапувам двајцата принцови, јас сум тогаш, значи, шеф на владата.“

Веќе наредната година, според градоначалникот, 123-цата жители на неговото село треба да станат поданици од Лас-ан-Беарн.

И, секој посетител ќе мора да помине покрај царинско куќиче.

„Кој сака да дојде кај нас, ќе биде контролиран. Ќе погледаме во џебовите, да не носи некакво оружје.“

Laas Standbild Fokus Europa
Кнежевството треба да биде мирољубиво и гламурозноФотографија: DW

Кнежевството треба да биде мирољубиво и во прв ред гламурозно. Градоначалникот уште пред 20 години ја покани актерката Брижит Бардо, кога и’ беа здодеале монденскиот Азурен Брег и Монако. Навистина, таа тогаш сепак не се досели овде, но се спријатели со градоначалникот. Оттогаш тој знае дека кнежевството има се’ што треба за да привлече ѕвезди и ѕвездички: замок за кнежевски свадби и некоја природна плажа:

„Таму одзади, во Монако, се луксузните јахти на милионерите, тоа мора да го заборавиме. Овде кај нас повеќе наминуваат кануа и сандолинки, а низ водата трчкаат пиринејски планински кучиња. Но, тоа е исто толку супер, колку и плажата на Ница.“

Но, зад плановите за создавање кнежевство се крие и протест. Лас-ан-Беарн, како и монгу други мали комуни, се чувствува оставен на цедило од страна на Париз. Селото одвај излегува на крај.

Од плановите на градоначалникот економски подем очекуваат првенствено занаетчиите - нови муштерии, на пример, за рачно правените баскиски капи.

„Секогаш се вели дека занаетчиите се големата сила на Франција, но владата не прави ништо за нас. Ним им е се’ едно за нас. Како занаетчии ќе добиеме многу поголемо признание а ќе дојдат и други, ако сме занаетчии на едно кнежевство“, објаснува градоначалникот.

Laas Standbild Fokus Europa
Лас-ан-Беарн треба да има и пасошиФотографија: DW

Одненадеж и гордите селани од Лас-ан-Беарн се декларираат за кнежевството. И за тоа има многу силни причини. Жител на селото нагласува:

„Ако бидеме како Монако, тогаш е супер, оти конечно не ќе мораме веќе да плаќаме даноци. Ние плаќаме премногу данок“.

Па сепак, има и критичари. Една жена вели:

„По малку сум скептична дека од сето тоа ќе испадне нешто. Ни се смеат поради ова. Насекаде ми се обраќаат со принцезо од Лас.“

Луѓето во Лас имаат хумор и идеи. Но, тешко е да се поверува дека Париз би го признал новото кнежевство. Всушност, штета!