1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотокина: Брза промена во светот на фотографијата

Клаус Урлих / Александар Методијев16 септември 2014

Визуелната комуникација денес игра значајна улога во речиси секоја област во животот. Посебно динамично се развива пазарот за фотографска опрема и обработка на фотографии. Оваа бранша се наоѓа во пресврт.

https://p.dw.com/p/1DCno
Фотографија: Koelnmesse

Звучи речиси како куриозитет - основниот бизнис со камерите опаѓа, а сепак во фотобраншата владее оптимизам, оти прометот од минатата година веројатно ќе бидат достигнати и во 2014. „Во Германија станува збор за пазар од околу 20 милијарди евра“, вели за Дојче веле Кристијан Милер-Рикер, извршен директор на Здружението на фотоиндустријата.

Ова е претпазлива проценка, бидејќи е опфатен само хардверскиот дел. Пазарот веројатно е далеку поголем. „Во меѓувреме започнавме и со услуги кои воопшто не можеме да ги измериме. Станува збор за апликации, за социјалните медиуми и клауд-услуги, и сродни програми за обработка, на пример, на видеа. Оваа листа би можел бескрајно да ја проширувам“, вели Милер-Рикер.

Фокусот се поместува

Во тековнава година во Германија се предвидува дека ќе бидат продадени 5,2 милиони фотокамери - пад од 13 проценти во споредба со 2013 година, кога беа продадени шест милиони апарати. Минусот во приходот од 4,6 проценти односно 1,45 милијарди евра и не е толку голем оти отпаѓа на евтините компактни фотоапарати. Нив се’ повеќе ги потиснуваат смартфоните кои се во подем. Со тоа и во 2014 година натамошно се поместува фокусот во браншата.

Deutschland Messe Photokina 2014 in Köln Olympus PEN E PL7
Фотографија: Reuters/I. Fassbender

„Кога некој еднаш ќе се зарази за фотографирања или снимања видео со смартфон, тој повеќе се занимава со овие теми и кога и да е ќе сака да купи ’вистинска’ камера“, вели Милер-Рикер. Тој муштерија тогаш сигурно не започнува од едноставните, туку оди директно кај системските камери со објективи кои се менуваат или кај дигиталните рефлексни камери.

Смартфоните стануваат се’ поевтини

Продажбата на смартфони шеста година по ред бележи раст и со плусот од речиси 1,5 милиони достигна до скоро 24 милиони апарати. Но цените паѓаат поради растечката конкуренција, првенствено од Кина. За браншата тоа претставува значително опаѓање на вредноста, нагласува Здружението на фотоиндустријата. Обртот во овој сегмент веројатно ќе падне од шест на четири и пол милиони евра.

Фотографската индустрија на годинашниот саем „Фотокина“, чие мото е „Поврзување“, го става во преден план вмрежувањето на камерите со други уреди и со интернет. Освен тоа, секоја квалитетна камера има и видео функција. За неа се потребни програми за обработка и слична опрема. Тоа го поттикнува пазарот, вели Кристијан Милер-Рикер.

Deutschland Messe Photokina 2014 in Köln Nikon Objektive und Kameras
Фотографија: Reuters/I. Fassbender

Новитети на саемот

Браншата полага надежи и во таканаречените„екшн-кем“ - камери кои младите ги ставаат на штица за сурфање, на скии или ги имаат при рака кај кој и да е друг вид спорт. Тоа е голема тема и на „Фотокина“. Со дополнителните понудувачи во овој пазарен сегмент расте и разновидноста на моделите.

Друга тема на годинашниот саем во Келн се видео и фото апликациите (еповите) и клауд-услугите. Во меѓувреме има околу 50.000 епови од тој вид - мали софтвери кои, како што вели Кристијан Милер-Рикер, „ги прошируваат функциите на камерата“.

На шестдневниот саем застапена е и трендовската тема - 3Д печатачи и технологијата на светлосно поле. Во меѓувреме со помош на специјален сензор веќе не мора да се изострува сликата пред да се фотографира бидејќи фокусот може и подоцна да се менува во самата снимка и таа да се изострува. Посебно јасна слика прават камерите со новата 4-К техника. Тие имаат четири пати подобра резолуција од конвенционалната ХД.

Мегатренд: веариблс

Браншата има големи очекувања и од таканаречените веариблс (апарати „за носење“) - минијатурни високотехнолошки апарати во форма на приврзоци на синџирчиња, очила, брошови или рачни часовници, кои се опремени со камери и постојано можат да испорачуваат фотографии. Аналитичарите сметаат дека овие уреди во следните десет години можат да ги заменат или потиснат од пазарот смартфоните.

Deutschland Messe Photokina 2014 in Köln Epson Moverio BT-200 Brille
Фотографија: Reuters/I. Fassbender

И по 175 години постоење, фотографијата доживува бум. Колку е тој голем илустрира и само една единствена бројка: статистичарите пресметаа дека само во Германија секоја секунда во просек се прават по 2 илјади снимки!

Од 16 до 21 септември околу 1.000 изчагачи од повеќе од 50 земји ги претставуваат своите продукти на саемот „Фотокина“. Меѓу 180 компании за првпат се присутни фирми како Гугл, ГоПро, Блекмеџик, Литро или Хелипро. Се очекуваат, како и пред две години за време на последната „Фотокина“, околу 180.000 посетители.