1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фосилни горива- ризична инвестиција?

Хана Фукс/СН15 декември 2014

Банкарите се загрижени: дали е се’ уште профитабилно да се инвестира во фосилни горива. Зашто во случај на нови одредби за заштита на климата, преостанатото фосилно богатство би можело засекогаш да остане под земја.

https://p.dw.com/p/1E3zN
Фотографија: picture-alliance/dpa

​Сѐ започна со писмото на гувернерот на Банката на Англија, Марк Корнеј, со кое тој на крајот на октомври 2014. им се обрати на пратениците во британскиот парламент, конкретно: на Комисијата за животна средина. Карнеј во таа пригода ја опиша интерната дебата за тоа дали резервите на јаглен, нафта и гас во иднина ќе бидат достапни на индустријата за фосилни горива.

Загриженоста не е без причина, бидејќи со согорување на фосилни горива во атмосферата се емитува огромно количество штетни гасови. Карнеј размислува вака: со цел да спречи глобалното загревање и климатските катастрофи- енергетските резерви мораат да останат таму каде што се- во земјата. Тоа на јазикот на банкарите би значело, практично замрзнати финансиски сретства кои инвесторите повеќе не би ги имале на располагање.

Symbolbild Öl Umweltverschmutzung
Фотографија: ktsdesign/Fotolia.com

Ранливо богатство

„Во контекст на оваа дискусија, ние ќе ја продлабочиме нашата истрага“, пишува Карнеј. Специјалната едница на Банката на Англија, која се занимава со идентификување и намалување на ризиците во финансискиот сектор, сега ќе се занимава со оваа прогноза.

Џоан Валеј, член на комисијата за клима од британскиот парламент, за лондонски „Фајненшел тајмс“ рече дека инвеститорите би требало добро да го разгледаат влијанието на евентуалниот иден договор за спречување на климатски промени врз нивните инвестиции во фосилни горива: „Креаторите на политиката и централната банка ќе сфатат оти голем дел од светските резерви на нафта, јаглен и гас ќе мораат да останат под земјата, и покрај технологијата за складирање на јаглерод диоксид во почвата.“

Глобалните финансиски гиганти не сакаат да ги зголемат инвестициите во фосилни горива. „Климатските промени го загрозуваат капиталот“, рече Георг Кел, директор на ОН Глобал Компакт, за ДВ. За првпат инвеститорите сфаќаат оти развојот на нивните инвестиции е загрозен. Друг пример е германската енергетска компанија еОН, која реши во иднина да работи исклучиво со обновливи извори на енергија.

Карбон Трекер, невладина организација основана од финансиски аналитичари во Лондон, смета дека чекорот на Банката на Англија е јавно изнесување на ризикот, и оти е важен сигнал за сите банки и финансиски власти. Тој потег би можел да доведе до големи промени во размислувањето, сметаат во Карбон Трекер.

Infografik CO2-Abscheidung und Ablagerung

Гласот на економијата е многу поумерен

Естер Кришилес од Институтот на германската економија пак смета оти ризикот сепак не е толку голем, сигурно не „во блиска иднина“.

Договорот за климатските промени е една работа, но глобалната климатска револуција, гледано од нејзина перспектива моментално е нереална, ни политички ни економски. „Покрај тоа, економската штета која би настанала поради загуба на довербата во одржливост на одлуката на економската политика, веројатно би била многу поголема“, рече Кришилес.

Таа смета дека фосилните горива се и тоа како се’ уште „актуелни“. Најголем раст бележат земјите во развој и земјите во брз развој „а токму таму е тешко да се спроведе намалување на емисиите на јаглерод диоксид“, вели експертот за енергетика. Засега значи, не треба да се поаѓа од радикална промена на курсот.