1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА е безнадежен случај!

Штефан Нестлер/превод: З. Јордановски27 мај 2015

Уапсени се 6 функционери на ФИФА осомничени за корупција. Швајцарските власти водат истрага против ФИФА за изборот на домаќини на СП во фудбал во 2018 и 2022. Чашата се прелеа, смета Штефан Нестлер.

https://p.dw.com/p/1FXEW
Фотографија: Reuters/R. Sprich

ФИФА е корумпирана до самиот нејзин врв. Тоа сега веројатно го сфатија и последните скептици. Шестмина врвни функционери на Светската фудбалска федерација се уапсени непосредно пред конгресот на ФИФА во Цирих. Според сознанијата на американските иследници, тие со години се ценкале при продажбата на правата за преноси и за маркетинг на фудбалски турнири во Северна, Средна и Јужна Америка, за што добиле мито во вкупен износ од многу повеќе од 100 милиони долари. Меѓу уапсените се и двајца од осумтемина потпретседатели на Извршниот комитет на ФИФА, кој е своевидна светска фудбалска влада. Едниот од нив, Џефри Веб, претседател на фудбалските федерации од Северна и Средна Америка и Карибите, е важен човек од доверба на претседателот на ФИФА Јозеф Блатер. Самиот Блатер не се појавува на листата на осомничените.

Невидливата заштитна обвивка

Тоа не е изнедувачки. Секогаш кога во изминатите 17 години, откако Балтер ја предводи ФИФА, ќе излезеше на виделина дека фудбалски функционери примале мито, шефот остануваше поштеден, речиси како околу него да има некаква невидлива заштитна обвивка. Само еднаш и за него беше „густо“ - кога стана познато дека тој, како тогашен генерален секретар на ФИФА во најмала рака знаел за подмитување на високи функционери од страна на ИСЛ - маркетиншкиот партнер на ФИФА. Парите од подмитувањето Блатер ги означи како „провизија“ и во 2010 година беше прекината постапката против него откако плати милионска сума. Инаку, со насмевка ја надминуваше секоја криза. А имаше неколку, последната е во врска со доделувањето на организацијата на светските фудбалски првенства во 2018 година на Русија и 2022 година на Катар. Сега швајцарските власти за тоа и официјално вршат истрага поради сомневање за подмитување.

Нема самопрочистување

Со ваква турбулентна предигра изгледа речиси како куриозитет дека Блатер в петок на конгресот во Цирих според сите предвидувања ќе го добие и петтиот мандат како шеф на ФИФА. Ово 79-годишен Швајцарец може речиси слепо да се потпре врз своите нарачани аплаудирачи од Африка, Азија, Северна-, Средна и Јужна Америка.Тие ќе гласаат за него. Европејците, кои всушност сакаа да се ослободат од Блатер, се покажаа како тигар без заби. Во коректно раководено претпријатие Блатер одамна ќе мораше да си замине. Да имаше барем малку достоинство, доброволно ќе си отидеше. Но, ФИФА е валкана. Што всушност уште мора да се случи, за конечно шталата да биде исчистена? Самопрочистување нема да се случи, независно што ФИФА има и Комисија за етика. Веројатно само револуција ќе помогне. Значи, да се затвори целиот дуќан!