1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешна приказна со темни страни

Даниел Пелц / Превод: Е.М.Фиданоска27 април 2014

Новата Јужноафриканска Република е стара 20 години. Проблемите на земјата се огромни, па сепак има многу причини за славје, оценува Даниел Пелц во својот коментар по повод јубилејот.

https://p.dw.com/p/1Bp50

Јужноафриканската Република (ЈАР) има доволно проблеми - 20 години по крајот на апартхејдот, богатството на земјата е распределно толку неправедно како речиси никаде на друго место на светот. Речиси половината од населението живее во сиромаштија, најголемиот дел од сиромашните се црнци. Авторитарна елита владее со земјата и се однесува како државата да е нејзина сопственост. Медиумите во земјата беа „врзани“ со драконски закон за медиуми, а приватната резиденција на претседателот беше раскошно реновирана со пари од даночните обврзници.

Апартхејдот е укинат со закон, но црнците и белците често и денес живеат повеќе едни покрај други отколку едно со други. Се‘ уште има „бели“ и „црнечки“ квартови, „цркви за белци“ и „цркви за црнци“, ресторани за „белци“ и за „црнци“. Кога меѓународните медиуми пишуваат за Јужноафриканската Република, тогаш насловот во однос на мултиетничкиот демократски експеримент често гласи: „Виножитото избледе“.

Нема виножита преку ноќ

Иако ЈАР слави 20 години крај на апартхејдот, забавата е завршена. Веќе го нема Нелсон Мендела, човекот кој со своите визии полни со надеж можеше да ги маѓепса луѓето во ЈАР и во странство. Ентузијазмот дека од една расистичка диктатура преку ноќ ќе произлезе земја во која луѓето ќе живеат заедно во мир и благосостојба - исчезна.

Deutsche Welle Afrika Englisch Daniel Pelz
Даниел Пелц, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Па сепак, ЈАР има причини да го слави своето повторно раѓање пред 20 години. Земјата со такво хетерогено население постигна многу во последните години и на тоа со право може да биде горда. Тоа што една таква земја, со толку експлозивна историја, земја која беше на прагот на граѓанска војна по крајот на апартхејдот, не потона во насилство, се граничи речиси со чудо. ЈАР, и покрај сите утки на својата политичка класа, поставува стандарди.

Храбро цивилно општество

Земјата има еден од најлибералните устави на светот. Цивилното општество храбро се бори за спроведување на уставот во секојдневието. Голем број медиуми следат што работи владата на АНЦ и ја критикува корупцијата и неефикасноста. Дури и верни сопатници на АНЦ, како носителот на Нобеловата награда за мир Дезмонд Туту, во меѓувреме отворено ја критикуваат владата на претседателот Зума. Критички тонови се слушаат и од носители на функции. Омбудсманот на владата безмилосно обелодени дека претседателот Зума потрошил несразмерно многу пари за реновирање на својата резиденција.

ЈАР не одеше по истиот пат како многу други земји во тој регион и не молчеше за своето минато. Пред Комисијата за откривање на вистината и за помирување, која требаше да ги открие политички мотивираните злосторства од времето на апартхејдот, се одигруваа емотивни сцени. Извршители на злосторства ја признаваа својата вина пред расплаканите жртви.

Земја која е на пат

Покрај тоа, новата генерација сака да напише ново поглавје во јужноафриканската историја. Во главите на многумина Јужноафриканци исчезнуваат бариерите меѓу црното и белото, кои му даваат печат на размислувањето цели 80 години. Во Јоханесбург или Кејптаун се дружат луѓето со секакви бои на кожата, а црно-бели друштва и бракови има одамна.

Голем впечаток остава и мирот со кој Јужноафриканците реагираа на смртта на Нелсон Мендела. Кај мнозинството белци немаше хистерија поради фактот дека земјата останува без големиот помирувач и дека може да заврши во граѓанска војна или да стане втор Зимбабве. Зашто, колку и отворено и безмилосно да критикуваат многу Јужноафриканци, довербата сепак е присутна, ЈАР е доволно силна за да реши голем дел од своите проблеми.

ЈАР не е ниту успешна приказна која зрачи, ни кризна држава, туку е земја која се наоѓа на пат. За 20 години не може да се тргне целиот товар од децениското расно лудило. Сепак, и покрај сите проблеми, ЈАР има потенцијал да излезе на крај со своите проблеми. Изборите во мај ќе бидат притоа од големо значење. Но денеска (27.04) Јужноафриканската Република треба прво да прослави 20 години без апартхејд.

Даниел Пелц е уредник на редакцијата на англиски јазик за Африка